Ворен Бафет / Фото: ЕПА

Милијардерот инвеститор Ворен Бафет не даде објаснување за својата бизнис-стратегија во годишното писмо до акционерите

Мистеријата околу изненадувачки одбранбениот став на Ворен Бафет се продлабочи. Деведесет и четиригодишниот извршен директор на „Беркшир Хатавеј“ во последниот квартал продаде повеќе акции и натрупа рекордно купиште готовина до сума од 334 милијарди долари, но во своето долгоочекувано годишно писмо, инвеститорот познат по неговите остроумни купувања капитал, не објасни зошто навидум се подготвува за криза. Наместо тоа, Бафет рече дека ова задржување на парите на никаков начин не претставува оддалечување од неговата љубов кон акциите.
– И покрај тоа што некои коментатори моментната состојба ја гледаат како невообичаена во „Беркшир“, најголемиот дел од вашите пари остануваат во капитал во акции – напиша Бафет во годишното писмо за 2024 година објавено во саботата, додавајќи дека таа определба нема да се промени.
Огромната сопственост на кеш на „Беркшир“ отвори прашања меѓу акционерите и стручната јавност, особено затоа што се очекува каматните стапки да паднат од нивните повеќегодишни максимални вредности. Извршниот директор и претседател на „Беркшир“ во последниве години изрази фрустрација поради скапиот пазар и малкуте можности за вложување. Некои инвеститори и аналитичари станаа нестрпливи поради недостигот од акција и бараа објаснување за таквата состојба.
И покрај неговата повеќекратна продажба на акции, Бафет рече дека „Беркшир“ ќе продолжи да ги претпочита акциите наместо готовината.
– Акционерите на „Беркшир“ можат да бидат сигурни дека ние засекогаш ќе распоредиме значително мнозинство од нивните пари во акции, главно американски акции, иако многу од нив ќе имаат меѓународни операции од значење. „Беркшир“ никогаш нема да претпочита сопственост на средства што се еквивалентни на готовина во однос на сопственоста на добри бизниси, без разлика дали се контролирани или во делумна сопственост – напиша Бафет, кој е познат како пророкот од Омаха поради способноста за избор на исплатливи инвестиции.
Се чини дека акционерите ќе мора да почекаат уште малку, бидејќи конгломератот со седиште во Омаха продаде акции веќе деветти последователен квартал, во последниот период од минатата година, според годишниот извештај на компанијата што исто така беше објавен во саботата.
Сè на сè, „Беркшир“ продаде акции во вредност од над 134 милијарди долари во 2024 година. Ова главно се должи на намалувањето на двете најголеми акции на „Беркшир“ – на „Епл“ и на Банката на Америка.
Во меѓувреме, се чини дека Бафет не ги смета за привлечни ниту сопствените акции. „Беркшир“ продолжи со застој на откупот, не откупувајќи акции во четвртиот квартал или во првиот квартал до 10 февруари, и покрај масивното зголемување на оперативните приходи, пријавени од конгломератот.

Често, ништо не изгледа привлечно

Бафет седи на раце среде пазарот на кој берзанскиот индекс „СиП“ (S&P 500) бележи раст од 20 отсто веќе две години по ред и повторно се движи кон „зелено“ годинава. Сепак, некои пукнатини почнаа да се појавуваат изминатата недела, со растечка загриженост за забавување на економијата, нестабилноста од брзите промени во политиката и севкупните вреднувања на акциите.
Акциите на „Беркшир“ пораснаа за 25 и за 16 отсто соодветно во последните две години и се зголемија за 5 отсто досега годинава. Бафет во писмото можеби понуди мало навестување дека вреднувањето на акциите претставува загриженост.
– Ние сме непристрасни во изборот на акциите, инвестирајќи во кој било вид врз основа на тоа каде најдобро можеме да ги распоредиме вашите заштеди, како и оние на моето семејство. Често, ништо не изгледа привлечно, многу ретко се наоѓаме во можности – напиша Бафет.
Во годинашното писмо, Бафет навистина го поддржа назначениот наследник Грег Абел во неговата способност да избира можности за инвестирање, дури и споредувајќи го со покојниот Чарли Мангер.
На минатогодишниот годишен состанок, Бафет изненади многумина со објавувањето дека Абел, заменик-претседател за неосигурителни операции, ќе го има последниот збор за сите инвестициски одлуки на Беркшир, вклучувајќи го и надгледувањето на портфолиото на јавните акции.
Некои инвеститори и аналитичари шпекулираа дека конзервативните потези на Бафет во минатата година не се реакција на состојбата на пазарот, туку оти тој ја подготвува компанијата за Абел, така што ќе собере пари со кои тој ќе може да располага.
Бафет навистина сигнализираше дека ќе распореди капитал во една област: петте јапонски трговски куќи што почна да ги купува пред речиси шест години.
– Со текот на времето, веројатно ќе видите дека сопственоста на „Беркшир“ на сите пет малку ќе се зголеми – напиша тој.