Врвниот германски производител на автомобили се соочува со финансиски тешкотии, а тие значат проблеми и за германската влада
Групацијата „Фолксваген“ објави песимистички резултати во средата, започнувајќи политичка битка во Германија, додека земјата се обидува да открие како да излезе од својата состојба на економска слабост.
Резултатите од третиот квартал за најголемиот европски производител на автомобили – матичната компанија на „Фолксваген“, „Ауди“ и „Порше“ – се непријатни за читање, а доаѓаат неколку часа пред дискусиите со синдикатите, кои се борат да обезбедат компанијата да се повлече од кругот на фабриките што ќе се затвораат.
Во услови на слаба продажба во Европа и колапс на нејзиниот основен кинески пазар, оперативната добивка на групата „Фолксваген“ падна за речиси 42 отсто во третиот квартал, а нејзината оперативна маржа беше 3,6 отсто. Нејзиниот водечки бренд „Фолксваген“ имаше оперативна маржа од само два отсто.
Иако не беше неочекувано, мрачната финансиска слика ги прикажа безбројните спротивставени ветрови со кои се соочува водечкиот германски производител на автомобили додека се бори да остане конкурентен во транзицијата кон електрични возила. Економскиот пад дома не помага, што доведува до намалена побарувачка бидејќи потрошувачите се повлекуваат од големите трошоци, згора на забавувањето со кое се соочува во Кина – нејзиниот најголем единствен пазар.
– Резултатите „ја демонстрираат итната потреба за акција во нестабилното опкружување, кое се карактеризира со интензивна конкуренција. Затоа се соочуваме со важни и болни одлуки, кои треба да ги донесеме заедно и да ги носиме заедно – истакна во разговор со инвеститорите Арно Антлиц, главен финансиски директор на групата.
„Фолксваген“ претходно неделава објави дека може да затвори три германски фабрики, заедно со намалување на платите за 10 отсто. „Ауди“, во меѓувреме, соопшти дека ќе ја затвори својата фабрика во Брисел во февруари следната година.
СИНДИКАТИТЕ ВОЗВРАЌААТ
Синдикатот „ИГ метал“ го повика „Фолксваген“ да разговара за иднината на сите свои фабрики. Торстен Грогер, окружен менаџер на „ИГ метал“ за Долна Саксонија, изјави за германските медиуми дека во спротивно синдикатот „ќе мора да планира понатамошна ескалација“.
„Фолксваген“ не беше единствената лоша вест за германската економија. Хемискиот гигант БАСФ соопшти дека неговите резултати ќе бидат во домен на долниот крај од предвидувањата, обвинувајќи го за ваквата состојба падот во автомобилскиот и земјоделскиот сектор.
Сето тоа создава притисок врз канцеларот Олаф Шолц, кој одржа итен самит со германските индустриски титани во текот на неделава. Во понеделникот тој ја повика компанијата „Фолксваген“ да не отпушта работници, велејќи: „Евентуалните погрешни менаџерски одлуки од минатото не смеат да бидат на сметка на вработените“.
Шолц навистина доби добри вести во средата, кога германската економија ги надмина очекувањата и за малку избегна рецесија со објавување раст од 0,2 отсто наместо очекуваниот пад од 0,1 отсто.
Но, тоа не ја поштедува неговата проблематична коалициска влада од политички напад.
– Развојот во „Фолксваген“ е брутален за Германија како пазар за автомобили – рече во текот на неделава премиерот на Баварија и лидер на конзервативната Христијанско-социјална унија, Маркус Содер.
ТЕШКОТИИ СО ЗЕЛЕНИТЕ ПОЛИТИКИ
Тој ја префрли вината на зелените политики следени од владата на Шолц и од ЕУ – конкретно постепеното прекинување на продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година и пониските граници на загадување следната година, за кои индустријата тврди дека ќе ја чинат милијарди евра во казни.
Европската комисија инсистира дека нема да ја повлече мерката од 2035 година, и покрај зголемениот политички притисок за нејзино преиспитување.
Во покраината Долна Саксонија, која поседува петтина од „Фолксваген“, и владата и опозицијата инсистираат компанијата да не затвора ниту една фабрика.
Стефан Вејл, премиерот на Социјалдемократската партија, инсистираше „Фолксваген“ да најде решение што не вклучува отпуштања.
Себастијан Лехнер, локалниот водач на конзервативната Христијанско-демократска унија, ја нарече ситуацијата на компанијата „шокантна“ и побара од државната влада да дејствува за да спречи какво било затворање. Но, „Фолксваген“ веројатно нема да најде брзо решение за своите проблеми што ќе ја поштеди Германија од политичка и економска болка.
„Фолксваген“ е уникатно изложен на кинескиот пазар, каде што го добива најголемиот дел од продажбата. И покрај тоа што забележа двоцифрен раст на продажбата на возила во Јужна Америка и пораст од четири проценти во Северна Америка, вкупните бројки на продажбата на групата за првите девет месеци од годината се намалија за четири проценти. Продажбата во Европа е намалена за еден отсто, додека во Кина за 12 отсто на годишно ниво.
– Ние не го следиме растот по секоја цена во оваа нездрава средина. Нашата успешност е профитабилноста, а не само уделот на пазарот – соопшти членот на одборот на „Фолксваген“, Ралф Брандштатер.
„Фолксваген“ исто така се соочува со сѐ поголем предизвик од кинеските производители на електрични возила што пристигнуваат во Европа, и покрај тарифите наметнати од ЕУ, кои стапуваат во сила в среда.
– Ситуацијата покажува дека ние во Германија и особено во „Фолксваген“ изгубивме контакт со глобалниот пазар – изјави за РНД Фердинанд Дуденхофер, директор на германскиот Центар за истражување на автомобилската индустрија.