Кина претстави еден од најмоќните хуманоидни роботи на денешницата
Кинеската компанија „Шао Панг моторс“, позната по електричните автомобили, го претстави хуманоидниот робот „Ајрон“ (IRON), чии движења се толку природни што за време на презентацијата во Гуангжу на 5 ноември, инженерите морале да го отворат на сцената, само за да докажат дека навистина станува збор за робот.
Ајрон има флексибилен „човечки“ ‘рбет, зглобови што се виткаат во повеќе насоки и вештачки мускули што му овозможуваат да се движи речиси идентично како луѓето. Сето тоа е напојувано од сопствена архитектура на вештачката интелигенција на „Шао Панг моторс“, која му овозможува на роботот да толкува визуелни информации и да реагира физички, без да мора да го „преведува“ она што го гледа во јазични команди.
Според извршниот директор на компанијата Ши Шаопанг, дизајнот на роботот е намерно направен да личи на човечкото тело, но задржува изглед што ја истакнува границата помеѓу човекот и машината.
„Ајрон“ има 82 степени на слобода на движење, вклучувајќи 22 во секоја рака, што му овозможува да се витка, да се врти и да гестикулира речиси како вистински човек. Тој се напојува со три процесори со вештачка интелигенција со комбинирана моќност од 2.250 трилиони операции во секунда (ТОПС), што го прави меѓу најмоќните хуманоидни роботи денес. За споредба, новите процесори „интел кор ултра 200В“ постигнуваат околу 120 ТОПС.
Роботот користи внатрешен ендоскелет и бионички мускули, а надворешноста е покриена со синтетичка „кожа“, која на допир се чувствува топло и природно. „Шао Панг моторс“ соопшти дека во иднина корисниците ќе можат да ги изберат висината, градбата, па дури и полот и стилот на роботот, слично како што денес се избираат боите и додатоците на автомобил.
„Ајрон“ е исто така првиот хуманоиден робот во светот што користи батерија со цврст електролит, што го прави побезбеден за работа во затворени простори бидејќи не користи запаливи течни електролити типични за литиум-јонските батерии.
Засега не е планирано да се користи во домаќинства, туку во комерцијални средини како што се канцеларии и изложбени салони, каде што првите примери ќе се појават во 2026 година.
Најавата е дел од пошироката стратегија на „Шао Панг моторс“ наречена „физичка вештачка интелигенција“, која има цел да ги спои роботиката, автономните возила и вештачката интелигенција во еден единствен систем за развој.

































