Во Пекинг претставен извештај за „Промовирање на модернизацијата
низ светот со Иницијативата за глобален развој“

Иницијативата за глобален развој го промовира градењето порамноправен и поинклузивен нов меѓународен модел на развој преку низа видливи резултати од соработката, влевајќи доверба и мотивација кај земјите низ светот да работат заедно за да се справат со предизвиците и да постигнат заеднички просперитет. Ова се наведува во истражувачкиот извештај наречен „Промовирање на модернизацијата на земјите низ светот со Иницијативата за глобален развој“, напишан од Кинескиот институт за меѓународни студии. Извештајот, кој беше претставен на прес-конференција во Пекинг на 9 јуни, систематски го проучува новиот тренд на модернизација во глобални рамки со Иницијативата за глобален развој, како и придонесот на Кина за таа цел

Милко Живковиќ,
наш известувач од Пекинг

Трајниот светски мир останува една од најголемите аспирации на човештвото, а мирот и развојот се неразделни, па унапредувањето на одржливиот развој е „златниот клуч“ за безбедна и стабилна иднина, како што своевремено истакна кинескиот претседател Си Џинпинг. Откако ја презеде претседателската функција, Си Џинпинг го постави развојот како столб на неговата визија за градење подобра иднина за човештвото, па предложените иницијативи „Појас и пат“ и Иницијативата за глобален развој, служат како платформи за поттикнување на заедничкиот развој преку поширока соработка.
Иницијативата за глобален развој го промовира градењето порамноправен и поинклузивен нов меѓународен модел на развој преку низа видливи резултати од соработката, влевајќи доверба и мотивација кај земјите низ светот да работат заедно за да се справат со предизвиците и да постигнат заеднички просперитет. Ова се наведува во истражувачкиот извештај наречен „Промовирање на модернизацијата на земјите низ светот со Иницијативата за глобален развој“, напишан од Кинескиот институт за меѓународни студии. Извештајот, кој беше претставен на прес-конференција во Пекинг на 9 јуни, систематски го проучува новиот тренд на модернизација во глобални рамки со Иницијативата за глобален развој, како и придонесот на Кина за таа цел.

Глобалната иницијатива за развој нуди ново решение

Претседателката на Кинескиот институт за меѓународни студии, Чен Бо, истакна дека постигнувањето на модернизацијата е заедничка кауза на човештвото и заедничка цел што ја следат луѓето низ светот.
– Кинеската модернизација забележа историски достигнувања и го прошири практичниот пат за постигнување модернизација. Како важен јавен производ што Кина го дава на меѓународната развојна соработка во новата ера, Глобалната иницијатива за развој им нуди ново решение на земјите низ светот да го истражат патот на модернизација со концепти насочени кон иднината и прагматични мерки – посочи Чен Бо.

Во Пекинг се посочува и дека Кина следи сопствен пат за модернизација, кој се разликува од оној на Западот. Оваа определба ја потенцираше и кинескиот претседател Си Џинпинг, кој пред водечките кадри на Комунистичката партија во 2023 година порача дека државата ќе продолжи да ја следи кинеската модернизација, како пат што се разликува од вестернизацијата. А со своите засебни карактеристики, кинеската модернизација всушност покажува дека овој поим повеќе не мора нужно да значи вестернизација. Професорот и директор на Институтот за меѓународни работи на Универзитетот „Ренмин“ во Кина, Ванг Јивеи, во неодамнешен разговор со странски новинари во Пекинг се обиде да даде објаснување за кинеското гледиште за модернизацијата, правејќи паралела со сфаќањата на Западот, при што нагласи дека кинеската модернизација значи и модернизација на човештвото преку мирен развој.
Во рамките на Иницијативата за глобален развој, Кина намени речиси 20 милијарди долари развој и почна повеќе од 1.100 проекти, поттикнувајќи ги напорите за раст и модернизација во повеќе земји, особено во земјите во развој, според податоците објавени во кинеските медиуми. Кина досега обезбеди помош за развој на над 160 држави, а соработката во „Појас и пат“ вклучува повеќе од 150 земји.

Апел за итно зајакнување на меѓународната соработка

Глобалната иницијатива за развој повикува на ставање на развојот во преден план, градење глобално партнерство за развој што се карактеризира со единство, еднаквост, рамнотежа и инклузивност, промовирање напредок во мултилатералната развојна соработка, забрзување на спроведувањето на Агендата на Обединетите нации за одржлив развој 2030 и градење глобална заедница на развој со заедничка иднина.
Постојаниот координатор на Системот за развој на Обединетите нации во Кина, Сидарт Чатерџи, на прес-конференцијата нагласи дека земјите низ светот соочени со досега невидени глобални предизвици, итно треба да ја зајакнат меѓународната соработка.
– Кинеската Глобалната иницијатива за развој се фокусира на клучни области како што се намалувањето на сиромаштијата, безбедноста на храната и климатските промени, што е во голема мера во согласност со Целите за одржлив развој на Обединетите нации за 2030 година. Обединетите нации се подготвени да ја продлабочат соработката со Кина и да придонесат за промовирање на глобалниот одржлив развој – наведе Сидарт Чатерџи.

На прес-конференцијата се обратија и амбасадорите на Барбадос, Гренада, Источен Тимор, Боливија, Венецуела и на Непал во Кина. Тие рекоа дека иницијативата за глобален развој обезбедува прагматична рамка за соработка и оти се подготвени да соработуваат со меѓународни партнери, вклучително и со Кина, за промовирање инклузивен и координиран глобален развој.