Фото: ЕПА

Прегратки, солзи и олеснување во Израел со враќањето
на заложниците од Газа

Проценетите 65.000 луѓе на таканаречениот „плоштад на заложниците“ во Тел Авив ја слушнаа веста пред да ја видат. Нивните лица, како сончогледи, се насочија нагоре за да го бараат изворот на звукот на чистото сино утринско небо. Потоа звукот стигна од запад, од правец на Газа. Кафеав воен хеликоптер беше на пат кон болницата „Ичилов“, на неколку стотици метри оддалеченост. Но, сврте. Кружеше околу толпата, давајќи му поглед на секој од присутните, за потоа да се навали надесно, во очигледен поздрав кон насмеаните лица подолу.
На вратата од хеликоптерот можеше да се забележи фигура што речиси виси, навидум се напрега да се приближи до радосната толпа подолу. Се чинеше дека тоа е еден од последните 20 живи заложници ослободени тоа утро по две години заробеништво од страна на Хамас.
Вкупно поминаа околу осум хеликоптери, но не се пренасочија сите за да приредат спектакл бидејќи одредени медицински случаи меѓу ослободените заложници можеби бараа итна нега. Секој од нив доби бучен аплауз на она што беше секако многу емотивен ден за Израел, за кој многумина се надеваат дека ќе се покаже како историски.
Плоштадот во близината на седиштето на Израелските одбранбени сили беше местото каде што се водеше кампањата за враќање на заложниците дома. Прашањето со кое сега се соочува Израел е дали ослободувањето на заложниците може да доведе до траен мир со Палестина. Што е следно? Малкумина на плоштадот во понеделникот имаа одговори, но американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше дека војната е завршена и, секако, преовладуваше чувството на олеснување.
Тоа беше секако чувството во 7.15 часот наутро кога Хамас го издаде своето прво соопштение за денот. Тоа беа имињата на 20-те луѓе што имаше намера да ги ослободи и предаде на Црвениот крст. Првиот вистински доказ за некои дека нивните сакани ќе се вратат живи.
Сликите на два големи екрани од двете страни на плоштадот им овозможија на илјадниците собрани да ја видат реакцијата на семејствата во воената база „Реим“ во близината на Газа, каде што чекаа да бидат повторно обединети со нивните блиски. Прегратките и солзите видливи на екранот одекнуваа на плоштадот.
Ова ослободување беше хронолошки снимено во реално време од страна на израелските радиодифузери – а потоа следуваа уште трогателни сцени. Набрзо по 8 часот наутро се појави вест дека седум заложници се ослободени и предадени на Црвениот крст. Потоа на големите екрани се појавија снимки од радосни родители што примаат видеоповици од заложници што дури и не беа меѓу таа прва група на ослободени. Хамас очигледно им дозволил да се јават.
Џули Куперштејн, мајката на заложникот Бар Куперштејн, што работеше како болничар на музичкиот фестивал „Нова“ кога беше киднапиран на 7 октомври 2023, рече: „Бевме во комплексот и одеднаш разговаравме, одеднаш го видов Бар. Вреснав кон небото. Лудо. Да ги видам овие чисти праведни деца живи. Се тресам целата“.
Притоа имаше енергични изведби на „Хабајта“ („Дома“) – песна што стана своевидна химна на заложничката криза.
Големиот екран на плоштадот потоа беше поделен помеѓу прикажувањето на американскиот претседател Доналд Трамп како стапнува на израелска територија излегувајќи од претседателскиот авион и други ослободени мажи.
„Трамп направи сè“, рече 55-годишниот Џуд Фрајденрајч, кој го посетуваше плоштадот секоја сабота откако започна војната, кога се појави веста за ослободувањето на последните 13 заложници.
Се скандираше името на американскиот претседател, а една жена држеше плакат на кој пишуваше: „Трампова листа“, алудирајќи кон познатата Шиндлерова листа што ги спаси Евреите за време на холокаустот.
Се чинеше дека сè оди според планот – а потоа се појави проблем. Хамас требаше да ги предаде телата на 28 убиени израелски заложници. Но, се чинеше дека може да обезбедат само четири од нив. Се сугерираше дека војната во Газа ги оневозможила да ги лоцираат закопаните. Семејствата на починатите беа разбирливо вознемирени.
– Од народот на Израел ве молам, не заборавајте нè. Преземете акција, побарајте нивно враќање. Ни требате повеќе од кога било. Борбата не е завршена сè додека не се врати последниот заложник. Апсолутно е забрането да се прифати кршењето на договорот – рече Јаел Адар, мајката на Тамир Адар (38), чие тело беше земено од кибуцот Нир Оз при нападот на 7 октомври.
Ширли Бар Натахан (44) имаше солзи во очите на плоштадот додека гледаше слики од заложници што се обединуваат со своите деца, сопруги и мајки. Таа беше тука секоја сабота две години.
– Нема ништо поважно од ова. Мислам дека ако ние… ако ова не се случеше, чувствувам дека Израел немаше да има право да постои. Затоа постоиме, за Евреите да имаат безбедно место каде што ќе можат да ги вратат сите дома – порача Бар Натахан.


Фото: ЕПА

Радост и тага помешани при ослободувањето на палестинските затвореници

  • Затвореници и притворени Палестинци беа ослободени од Израел неколку часа откако сите живи израелски заложници беа вратени од Газа. Размената го означи првиот чекор во прекинот на огнот што би можел трајно да го заврши двегодишниот конфликт на територијата

Полицијата не можеше да ги задржи толпите. Штом ги видоа палестинските затвореници и притвореници низ прозорците на автобусот, стотици луѓе собрани пред театар во Рамала на Западниот Брег се стрчаа напред, скандирајќи ги имињата на најблиските што не ги виделе со години или, во некои случаи, со децении. Нивните лица беа исцрпени и украсени со свежо закрпени рани. Едниот од ослободените, завиткан во палестинска кефија, формирајќи ја со прсти буквата „V“ во знак на победа, одеднаш беше пред неговата мајка, чии нозе почна да ги бакнува.
Вкупно 88 Палестинци беа ослободени од израелските затвори и испратени на окупираниот Западен Брег во понеделникот. Другите речиси 2.000, бројка што вклучува околу 1.700 Палестинци заробени од Газа за време на војната и држени без обвинение, беа вратени во Газа, при што малкумина од нив ќе бидат упатени кон соседни земји. Затвореници и притворени Палестинци беа ослободени од Израел неколку часа откако сите живи израелски заложници беа вратени од Газа. Размената го означи првиот чекор во прекинот на огнот што би можел трајно да го заврши двегодишниот конфликт на територијата.

Пред ослободувањето во понеделникот, 11.056 Палестинци беа држени во израелските затвори, според статистиката на израелската невладина организација „Хамокд“ во октомври годинава. Најмалку 3.500 од нив беа држени во административен притвор без судење. Базата на податоци на израелската војска покажа дека само една четвртина од притворените во Газа биле класифицирани како борци.
Политичката импликација на ослободувањето беше далеку од мислите на семејствата во Рамала во понеделникот, кои го славеа денот за кој повеќето помислиле дека никогаш нема да дојде. Голем дел од мажите што се вратија на Западниот Брег отслужуваа доживотни затворски казни, а многумина беа обвинети за насилни злосторства, вклучувајќи убиства и смртоносни напади врз Израелци.
– Тој е затворен 24 години – рече роднина на Сабер Масалма, член на Фатах, главната фракција на Палестинската ослободителна организација.
Масалма беше уапсен во 2002 година и осуден на доживотен затвор по обвинение за заговор за предизвикување смрт и поставување експлозивни направи. На Масалма набрзо му втурнаа телефон, за да може да ја запознае неговата возрасна внука преку видеоповик, помеѓу барањата за самослик-фотографии со неговите роднини. Роднините го немаа видено Масалма две години, бидејќи Израел ги ограничи семејните посети по нападот на 7 октомври од страна на милитантите предводени од Хамас, кои убија околу 1.200 луѓе и зедоа 251 заложник. Масалма ги предупреди блиските преку телефон дека можеби нема да го препознаат поради тежината што ја изгубил во затвор.
– Изгледа како мртво тело. Но ќе го вратиме во живот – рече роднина на Масалма низ смеа.
Тие беа во ресторан, каде што мораа да внимаваат Масалма да не јаде премногу, бидејќи неговиот стомак не е навикнат на многу храна по времето поминато во затвор.
Активисти велат дека масовното затворање на Палестинците се користи како алатка за спроведување израелска контрола врз палестински територии, а статистиката проценува дека до 40 отсто од палестинските мажи биле уапсени во одреден момент. Израел вели дека неговиот затворски систем е во согласност со меѓународното право. Израел исто така ја попречи прославата на ослободувањето на палестинските затвореници во понеделникот, испукувајќи солзавец кон членови на семејствата и новинарите што чекаа во близината на затворот „Офер“ на Западниот Брег, каде што беа чувани притворениците.

Флаер дистрибуиран од израелската војска со пораката „ве надгледуваме насекаде“ имаше и јасно наведено предупредување дека „присутните би можеле да бидат уапсени ако изразат поддршка за терористички организации“. Одредени роднини на палестински затвореници рекоа дека биле посетени од израелските безбедносни служби во изминатите денови.
– Дојдоа да нè предупредат да не одржуваме прослави, да не креваме знамиња или транспаренти, да не се собираме. Во денешно време, најтешко е да се каже вистината – рече роднина на затвореникот Хани ал-Зир, кој беше затворен 23 години, а роднината и синот на Зир исто така беа затворени неколкупати.
Меѓу сцените на радост, имаше и тага. Неколку семејства на кои израелските безбедносни служби им кажале дека членовите на нивните семејства ќе се вратат дома, биле изненадени кога виделе дека тие не се присутни во автобусите во понеделникот.
Во часовите пред ослободувањето циркулирале два различни списоци на затвореници. На едниот список се наоѓале имања на некои што било предвидено да бидат ослободени и вратени дома, а на другиот биле притвореници и затвореници што требало да бидат депортирани во Газа.
За Ум Абед, чиј брат бил меѓу предвидените за ослободување, ненадејната можност за негова депортација во Газа дошла како шок. Ако брат му бил депортиран во Газа, практично немало начин за Ум Абед да го види, освен ако не добие шанса да ја напушти територијата. На други очигледно им било кажано дека нивните најблиски ќе бидат вратени дома, само за во последен момент да дознаат дека се депортирани.