фото: Пиксабеј

Казиното за алткоини (алтернативни криптовалути настрана од биткоин и етер) експлодираше на спектакуларен начин минатата недела и не е јасно дали коцкарите се враќаат. Падот не го погоди само биткоинот. Тој уништи цели екосистеми на шпекулативни токени што ветуваа генерациско богатство преку вирални содржини, брендирање со големи имиња и преку слепа верба во подемот.
Биткоинот падна за 13 проценти по новата американско-кинеска царинска расправија. Но, штетата беше многу поголема кај помалите токени, од кои голем дел претрпеа пад и до 80 проценти пред привременото закрепнување. Мемекоинот на Доналд Трамп, промовиран претходно годинава од американскиот претседател, падна за 37 проценти во петокот (10 октомври), според „Коин маркет кеп“. Токенот ВЛФИ (WLFI) на „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial), исто така поврзан со семејството Трамп, доживеа сличен пад. Од „збришаните“ 380 милијарди американски долари, околу 131 милијарда американски долари доаѓаат од алткоини, според „Тен екс рисрч“ – сектор изграден на поретка ликвидност, шпекулативни наративи и возбуда кај дневните трговци.
Кризата отвора сомнежи за иднината на екосистемот на алткоини. Трговците и креаторите на пазарот гледаат како еродира структурната поддршка за овие токени, со помалку купувачи и зголемена аверзија кон ризик. Епизодата без преседан по брзина и обем се заканува да означи одлучувачки прекин од ерата кога анонимните проекти можеа да скокнат за илјада проценти без конкретна причина.
Како што велат истражувачите, обичните набљудувачи што ги следат глобалните пазари можеби го пропуштиле тоа. Но, „ако сте целосно посветен криптотрговец, сепак, сте биле сведоци на армагедон“.
Алткоините опфаќаат широк спектар на дигитални средства, со исклучок на криптовалутите биткоин и етер. Тука спаѓаат т.н. мемекоини поврзани со популарни трендови на социјалните мрежи. Овие видови монети беа најтешко погодени во петокот и рано наутро во саботата, минатиот викенд. Распродажбата започна откако апетитот за ризик на пазарите ослабе, но алткоините паднаа посилно поради нивната вродена кршливост. Со многу од нив ретко се тргува и во голема мера се потпираат на мала група криптотрговци за стабилизирање на цените.

Кога притисокот за продажба се интензивира, тие купувачи често се повлекуваат, оставајќи ги токените изложени на брзи движења на цените. Без силни фундаменти или одржлива побарувачка, откривањето на цените има тенденција брзо да се распадне. Сепак, и покрај тоа што се тргуваа малку во споредба со биткоинот и етерот, тие пораснаа и зазедоа голем дел од пазарот. Уделот на биткоинот во вкупниот криптопазар падна од речиси 65 проценти во јули на 58,5 проценти во моментов, според „Коин маркет кеп“.
Промената е важна. Доминацијата на биткоинот претрпе историски распади пред големите падови на индустријата, од 70 проценти во 2019 година на 38 проценти кон крајот на 2022 година, непосредно пред последното „големо уништување“, пред да закрепне додека капиталот се враќаше кон побезбедни дигитални средства. Сега учесниците на пазарот очекуваат уште еден таков пресврт, со долго замрзнување на нишните дигитални средства. Тоа не е само затоа што многу трговци ги видоа своите портфолија уништени неодамна, туку затоа што малку монети се покажаа профитабилни дури и пред неодамнешниот „масакр“.
– Проблемот со алтернативните монети е тоа што, да, тие можат да одат нагоре. Но, тие можат да паднат 50 проценти за еден ден или 90 проценти за една недела. Нема да ја играм таа игра со моето портфолио доцна во циклусот, кога шансите постојано се зголемуваат дека крајот е тука – рече Мортен Кристенсен, трговец што го води интернет-порталот „Ердроп алерт“.
Мемекоинот на Трамп е во пад од речиси 78 проценти откако дебитираше во јануари, а голем дел од намалувањето се случи пред сегашниот пад, според „Коин маркет кеп“. „Екс-ар-пи“ (XRP), петтата најголема монета во светот, се тргува по цена од која започна во јануари. Други, како што е „Би-ен-би“ (BNB) поврзана со „Бајненс“, која е во пораст од 81 процент за годинава, станаа ретки исклучоци.
– Овие средства, особено, беа предмет на значителен ризик, како што видовме овој викенд, но сепак во голема мера беа под криптосредствата со голема капитализација, акциите и златото. Накратко, имаше преземање значително поголем ризик за она што беше помала награда – рече аналитичарот Џон Тодаро.
Со оглед на обемот на загубите што ја погодуваат класата на дневни трговци, Евгениј Гаевој, главен извршен директор на „Винтермјут“, отворено вели: „Пазарот на алтернативни монети ќе се намали“.