Емануел Макрон / Фото: ЕПА

  • Инвеститорите и националните влади во Европа сѐ уште немаат поим што ќе направи францускиот претседател за да се справи со буџетскиот дефицит и политичката криза. Таа неизвесност ги плаши

Европа веќе се соочуваше со токсичен коктел од војната во Украина, превирањата во глобалната трговија и подемот на нелибералите низ континентот. Потоа француската влада повторно се распадна – овој пат откако траеше помалку од еден ден поминат на власт – заплашувајќи ги финансиските пазари.
Во Брисел и други западни европски престолнини, функционери и дипломати ги изразија своите лични стравувања дека улогата на претседателот Емануел Макрон во меѓународните прашања ќе биде фатално ослабена. Некои се загрижени дека целата економија на еврозоната наскоро може да биде во опасност како резултат на таквата ситуација.
– Франција е премногу голема за да пропадне, па затоа оваа бескрајна политичка нестабилност ја става целата еврозона во опасност. Тоа е главната тема на сите денешни разговори – рече еден дипломат од земја од ЕУ, кој како и другите во овој напис доби анонимност за да ја коментира домашната ситуација во друга земја.
Загриженоста е со причина. Франција е втора по големина економија во Европската Унија, водечки играч во Г7, единствената нуклеарна сила на ЕУ и постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации. Исто толку значајно е што таа е политичка сила во ЕУ, со конкуренција само од моќта на Германија.
Во исто време Макрон се обидува да се одбрани од подемот на десничарскиот Национален собир, кој постојано води во анкетите на јавното мислење, додека се справува со големиот буџетски дефицит на Франција.
Но неговите влади не беа во можност да донесат мерки за ограничување на јавните трошоци преку парламентот. Продолжениот политички ќор-сокак сè повеќе ја зголемува веројатноста за нови избори пред крајот на годината, носејќи дополнителни месеци на неизвесност.
Некои набљудувачи сега ги истакнуваат и размислувањата за предвремена оставка на Макрон од претседателската функција. Неговиот мандат треба да заврши во 2027 година.
Секој од овие исходи би ја отворил вратата за партијата Национален собир на Марин Ле Пен да оствари големи придобивки, за потенцијален пресврт во европската политика.

Лошо тргување

Во понеделникот трговците на пазарите во Франција и пошироко реагираа со вознемиреност на драматичното распаѓање на 14-часовната администрација на премиерот Себастијан Лекорну. Француските акции и државни обврзници паднаа, а самото евро ослабе во однос на доларот. Францускиот индекс САС 40 падна за 1,4 отсто.
– Веќе има голема загриженост околу економијата на еврозоната. Навистина не ни треба ова – рече владин претставник од земја од еврозоната.
Француските претставници се обидоа да ги намалат внатрешните ризици. Еден од нив рече дека и, покрај „сложеноста на ситуацијата“, сè уште има „пилот“ во Министерството за економија и дека пазарите не треба претерано да реагираат. Но не се убедени сите во ваквите тврдења.
– Напорите на претседателот Макрон во текот на изминатите осум години се насочени кон тоа да покаже дека Франција е најатрактивното место во Европа за инвестирање. Не гледам дека во моментов некој значаен меѓународен инвеститор ја избира Франција, со оглед на апсолутниот недостиг од политичка јасност, а исто така и од фискална јасност – рече Грегоар Рус, програмски директор за Европа и Русија во аналитичкиот центар „Чатам хаус“ во Лондон.

Влијанието на Макрон во ЕУ брзо исчезнува

Во Брисел некои дипломати на ЕУ веќе приватно го пишуваат политичкиот некролог на Макрон. Откако тој се искачи на власт во 2017 година и го скрши калапот на француската политика, како што велат тие, тој сега оддава впечаток на лидер без успех, чие влијание во Брисел брзо исчезнува.
Втор дипломат на ЕУ зборуваше за „наследството“ на Макрон, кој генерирал многу идеи за да поттикне промени во Европа и кој ги убедил другите лидери да прифатат некои од нив. Концептот на „стратешка автономија“ за овозможување на ЕУ да биде посамостојна на економски и безбедносен план се роди пред повеќе години во Париз, забележа дипломатот. Со оглед на тоа што претседателот Доналд Трамп сега ги оддалечува САД од Европа, тоа е идеја што созреа во Брисел.
Макрон, секако, беше избран да биде на претседателската функција до 2027 година, а шпекулациите не даваат никакви индикации дека ќе поднесе оставка. Меѓутоа, ако остане, превирањата во Париз значат дека француското влијание врз дебатите и развојот на политиките во ЕУ веројатно ќе биде намалено.
– Дискусиите меѓу министрите за финансии за буџетот на ЕУ би биле многу полесни за обликување за Франција, на пример, ако таа може постојано да го испраќа истиот министер на состаноци со своите колеги во Брисел – рече дипломатот.
Но, постојаните кадровски промени во Париз влијаат на француската позиција.
Од друга страна, предвремените избори во Франција би можеле да го загрозат следниот долгорочен буџет на ЕУ.
– Националните влади што дискутираат за буџетот поставија неформален рок за постигнување договор пред француските избори во 2027 година, со оглед на можноста Ле Пен да ја политизира и на крајот да ја попречи дебатата – рече споменатиот функционер на владата на еврозоната.

Завршува времето на „старите лидери“

Макрон имаше централна улога во европските напори за поддршка на Украина и со тоа што ги повикуваше другите лидери да направат повеќе за да ја опремат Европа со свои воени капацитети, како и при координирањето со сојузниците. Неговата заедничка иницијатива со британскиот премиер Кир Стармер за составување коалиција на добронамерните останува единствена кога станува збор за европска поддршка на каков било евентуален мировен договор во Украина.
– Не е добро за ЕУ ​​ако една од најголемите земји членки е во превирања, особено во сегашната безбедносна ситуација – рече истиот функционер од еврозоната.
Функционален „француско-германски мотор“, со моќни лидери што работат заедно во Париз и Берлин, конвенционално се смета за суштински за да се направи ЕУ силна и ефикасна. Маките на Макрон го отежнуваат тоа да се постигне, дури и со новиот германски лидер Фридрих Мерц, кој во Брисел се смета за многу подинамичен од неговиот претходник Олаф Шолц.
Потоа се поставува прашањето што ќе следува во Франција или кој би можел да го наследи Макрон. Доколку дојде до нови избори, француската десница ќе оствари придобивки, иако уделот на РН во анкетите остана генерално стабилен – на околу 30-32 проценти од парламентарните избори во 2024 година.
Европската десница беше охрабрена од маките на Макрон, дури и пред падот на владата во понеделникот. Ле Пен ја прослави победата на десничарот Андреј Бабиш на изборите во Чешка – и ја искористи домашната криза за да ги повтори своите повици за нови избори во Франција.
Герт Вилдерс, ветеранот на десницата во Холандија, што освои најмногу места на последните избори во земјата, имаше предупредување за „сите стари лидери“, вклучувајќи го и Макрон, упатено претходно годинава: „Вашето време заврши“.