Дали подлабоката регионална интеграција може да ја преживее политиката
Откако пред пет години лидерите на Албанија, Македонија и на Србија се согласија да го формираат она што денес е познато како Отворен Балкан, прашањето лебди над оваа иницијатива – дали Отворен Балкан може да ја преживее балканската политика. И токму кога пред еден месец почнаа да пристигнуваат првите опипливи резултати од подлабокото поврзување на трите пазари, македонскиот министер за надворешни работи го вклучи студениот туш.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи неодамна истакна дека на следната седница на Владата ќе изнесе нови детали за нападот во Бањска, а потоа треба да се гласа дали Македонија ќе остане членка на Отворен Балкан. Во ситуација кога алијансата се состои од три земји, излегувањето на која било од нив ефективно би значело крај на иницијативата.
Сепак, како што стојат работите, Отворен Балкан е безбеден. Засега. Освен министер за надворешни работи, Бујар Османи е и претседателски кандидат на коалицијата околу владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ). Првиот круг од претседателските избори е закажан за среда, кога овој број на НИН ќе се најде во печатницата, што значи дека неговата изјава за напуштање на Отворен Балкан дојде на крајот од кампањата. А крајот на кампањата е, секогаш и секаде, најдобро време за давање бомбастични изјави без покритие.
Националистичка порака
Оливер Бранковиќ, дописник на Македонската информативна агенција од Белград, за НИН посочува дека изјавата на Османи треба да се прочита во овој контекст.
– Техничката влада, чиј дел е Османи, не може ниту да носи далекосежни одлуки како напуштање на Отворен Балкан. Значи, неговата намера всушност не беше тоа да го изнесе на седница на Владата. Неговата вистинска намера беше да испрати суштински националистичка порака до албанскиот дел од населението, за да не оттргне дел од гласачкото тело од другата страна – вели Бранковиќ.
Другата страна во овој случај е коалицијата на албанските опозициски партии, која на претседателските избори ја претставуваше градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. И додека ниту на едните ниту на другите не им се даваат поголеми шанси на претседателските избори, две недели подоцна, заедно со вториот круг од претседателските, се одржуваат и парламентарните избори. Поранешниот премиер на Македонија Димитар Ковачевски, како и актуелниот вицепремиер Бојан Маричиќ, побрзаа да истакнат дека Османи залудно зборува. Двајцата изјавија дека Македонија треба да продолжи да учествува во Отворен Балкан и во другите регионални иницијативи.
И иако идејата на Османи не е ништо повеќе од запалива предизборна парола, таа покажува колку е кревко партнерството на Балканот. Од самиот почеток, три од шесте земји од регионот одбија да учествуваат во Отворен Балкан, оценувајќи го како „големосрпска“ хегемонистичка иницијатива.
Најексплицитни во нивното одбивање, очекувано, беа во Косово. Во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, како и за повеќето други прашања, политичарите беа поделени, поради што одлуката за пристапување не можеше да се донесе.
Резервираност кон иницијативата можеше да се слушнат и во оние земји што му се приклучија на Отворен Балкан. Така, еден од основачите, премиерот на Албанија, Еди Рама, во јули минатата година изјави дека Отворен Балкан ја „исполнил својата мисија“ и дека е време да се сврти кон Берлинскиот процес.
Батон Хаџију, сопственик на весникот „Албенијен пост“ од Тирана, за НИН објаснува дека Рама не ја повлекол Албанија од Отворен Балкан.
– Отворен Балкан ја исполни својата мисија и сега живее свој живот. Сите потпишани трилатерални договори сè уште придонесуваат многу за идејата за соработка и мирни односи. Сепак, планот за раст на Европската Унија создаде нова платформа и Албанија премина на следното поглавје – вели Хаџију, додавајќи дека по изјавата на Рама, прашањето Отворен Балкан се оддалечи од главниот тек на политичкиот дискурс во Албанија.
Проектот за поблиска пазарна интеграција, првично наречен „Мал шенген“, започна во 2019 година, кога премиерите на Македонија, Зоран Заев, на Албанија, Еди Рама, и на Србија, Александар Вучиќ, го потпишаа основачкиот договор. Со години билатералните договори ги отстрануваа бирократските бариери меѓу трите земји, а најопипливиот ефект од соработката беше забележан во март годинава, кога почна да функционира отворениот пазар на трудот. Според новите правила, граѓаните на овие три земји можат под исти услови да работат во други земји, без да добијат дозвола за работа и престој. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна се пофали дека за еден месец околу 2.200 граѓани на Македонија се пријавиле за работа во Србија.
Добри вести за економијата
Претседателот на „Либек“, економистот Михаило Гајиќ, истакнува дека Отворен Балкан е генерално добра вест за економијата.
– Укинувањето на бариерите за движење на луѓе и капитал е економски добра работа. Забелешки за Отворен Балкан може да се слушнат само од политичари што сакаат да освојуваат националистички поени, а никогаш од бизнисмени или претставници на стопански комори – посочува Гајиќ.
Сепак, како што додава тој, не треба да очекуваме претерани економски резултати од самата иницијатива.
– Трите земји што го сочинуваат Отворени Балкан се мали, со економии што се поконкурентни отколку комплементарни. Она што се произведува во Србија се произведува и во Македонија и во Албанија. Некои индустрии сигурно ќе имаат корист од отстранувањето на бариерите, но, генерално, ефектите ќе бидат мали. На пример, кога зборуваме за пазарот на трудот, гледаме дека разликата во платите меѓу трите земји воопшто не е голема. Така што тешко некој ќе реши да дојде од Скадар на работа во Ниш. Пазарите на Германија и Австрија и понатаму ќе бидат многу поатрактивни – вели Гајиќ.
Најголемата пречка за подлабока економска интеграција на Западен Балкан е политиката. Вишокот историја остави огромен број отворени прашања во регионот, оптоварувајќи ја секоја потенцијална соработка. Само во последните месеци ги имавме случајот со Бањска, резолуцијата за Сребреница, укинувањето на динарот и многу други прашања околу кои политичарите во регионот имаат непомирливи разлики. Разговорите за признавање на дипломите или за поедноставување на царинските процедури не одат мазно кога им претходат обвинувања за создавање голема Србија, голема Албанија, геноцид или етничко чистење. Дополнителен товар на грбот на Отворен Балкан е што оваа иницијатива на некој начин е посинок на Европската Унија. Во периодот пред војната во Украина, додека Унијата не знаеше точно што да прави со земјите од регионот, Берлинскиот процес беше поведен по иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Тоа е процес на поблиска економска интеграција на регионот, заснован на пристапните преговори. Во зависност од аголот на набљудување, Берлинскиот процес беше подготовка за членство или плацебо на пристапните преговори.
Како што забележува Гајиќ, Отворен Балкан е лансиран токму поради тоа што Берлинскиот процес не ги даде посакуваните резултати.
– Како дел од Берлинскиот процес, шест лица треба да се договорат за истиот текст и потоа да го проследат таквиот текст до националните парламенти на усвојување. Во такви околности секогаш има барем еден човек што не е задоволен од нешто. Бидејќи Македонија, Албанија и Србија беа најподготвени за оваа иницијатива, започна Отворен Балкан. На почетокот, членките на ЕУ беа малку изненадени и резервирани бидејќи не знаеја дали оваа иницијатива ќе ги загрози нивните интереси. Меѓутоа, како што сфатија дека има фокус на економските прашања, нивниот однос кон иницијативата се промени на подобро. Сѐ додека Отворен Балкан и Берлинскиот процес не се во судир, а се стремат кон иста цел, не верувам дека ќе има негативен став од ЕУ – вели Гајиќ, додавајќи дека и САД јавно го поддржа Отворен Балкан.
Во регионот, кој беше крстен со фразата „буре барут“ во 1990-тите, секоја иницијатива насочена кон подлабоко поврзување е добредојдена. Сепак, длабоковкоренетите антагонизми можат да го растргнат дури и поквалитетното ткиво на Отворен Балкан.