Како се распадна сојузништвото помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија
- Партнерскиот однос меѓу тешкашите на Блискиот Исток, во Заливот, се претвори во отворена конфронтација
Тајна воена пратка што се закотви во јеменско пристаниште ги изнесе на виделина тлеечките тензии меѓу водечките сили од Персискиот Залив – Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Ријад со недели неуспешно користеше дипломатски канали за да изврши притисок врз јеменската фракција, поддржана од ОАЕ, да се повлече од провинциите веднаш до саудиската граница што ги зазеде во декември. Сега, Саудиска Арабија тврди дека ОАЕ испорачуваат оружје и оклопни возила до групата – сепаратистичкиот Јужен преоден совет.
Ријад беше разбеснет од ова. Го бомбардираше товарот, јавно ги обвини ОАЕ дека ја поддржуваат офанзивата на јеменската фракција и побара од Абу Даби да ги повлече преостанатите трупи од воено разурнатата држава. ОАЕ ги отфрлија саудиските обвинувања, но рекоа дека ќе ги повлечат своите сили додека се обидуваат да ја деескалираат кризата.
Невообичаената ескалација ја фрли јеменската влада поддржана од Саудиска Арабија во хаос. Но последиците би можеле да се почувствуваат многу пошироко, спротивставувајќи ги клучните сојузници на САД, главните трговски партнери и двата највлијателни лидера во арапскиот свет еден против друг: саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, познат како МБС, и претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, или МБЗ.
– Загрижувачки е затоа што ова ги компромитира напорите за решавање на секоја точка на тензија во регионот – Јемен, Газа, Сирија, Либан и Судан. Секој од нив ќе биде потежок за решавање ако Саудиска Арабија и ОАЕ не се на иста страна – рече Ден Шапиро, поранешен американски дипломат, сега во Атлантскиот совет.
Пред една деценија, долготрајниот сојуз на двете земји од Заливот изгледаше предодреден за енергично ново поглавје меѓу амбициозните лидери. МБЗ, кој на 64 години е повеќе од две децении постар од МБС, беше еден од првите поддржувачи на стремежот на неговиот саудиски колега за модернизација и за промовирање поумерена верзија на исламот во длабоко конзервативното кралство.
ОАЕ долго време профитираа од тоа што дејствуваа како база за странски компании што работат во Саудиска Арабија, најголемиот извозник на нафта во светот и најголемата економија во Заливот. Но Абу Даби беше претпазлив кон социјалните и политичките ризици од стагнацијата на конзервативната нација пред нејзиниот праг. Обидите за реформи беа добредојдени. Како што нивниот однос цветаше, МБЗ го промовираше МБС, како и неговите планови во Вашингтон. Некои аналитичари сугерираа дека постариот, поискусен емир дејствуваше како ментор на принцот – карактеризација што беше отфрлена во Ријад.
Во регионот, тие ги здружија силите за да ја потврдат моќта: ОАЕ беа главен партнер на Ријад кога МБС предводеше коалиција за интервенција против Хутите поддржани од Иран во граѓанската војна во Јемен во 2015 година. Тие, исто така, предводеа регионално ембарго наметнато врз Катар во 2017 година – што ја предизвика последната криза во Заливот.
Но,како што МБС стануваше посигурен и ја консолидираше својата моќ, тој се обиде да ја поттикне својата нација во она што тој го сметаше за нејзина законска улога на глобалната сцена – и повторно се појавија несогласувања меѓу двете апсолутни монархии.
– Секоја се сметаше себеси за природен лидер: Саудиска Арабија верува дека нејзината големина и симболична моќ треба да преовладуваат, додека ОАЕ веруваат дека нивната пионерска моќ е повеќе во согласност со глобалната динамика – посочува Емил Хокајем од Меѓународниот институт за стратешки студии.
Под МБЗ, ОАЕ го искористија своето финансиско влијание и односи на запад за да станат веројатно највлијателната арапска држава, и покрај нивната мала големина. Откако народните востанија во 2011 година го загрозија статус квото на Блискиот Исток, ОАЕ станаа најдоминантниот регионален актер додека се обидуваа да се спротивстават на исламистичките движења и да го обликуваат регионот во својата визија.
Хокајем смета дека Саудиска Арабија и помалите, агилни ОАЕ „имаат многу различни профили на ризик, на домашно и глобално ниво, и различни погледи за тоа како треба да се структурира регионот“.
Тензиите првпат се појавија во Јемен во 2019 година кога ОАЕ ја сменија политиката и објавија дека ќе ги повлечат своите трупи, кои беа главната странска сила на коалицијата предводена од Саудиска Арабија на терен. Истата година, јеменската влада поддржана од Саудиска Арабија ги обвини ОАЕ за бомбардирање на нејзините сили, додека земјите од Заливот ги поддржаа конкурентските антихути фракции.
Економското соперништво исто така се засили, достигнувајќи врв во 2021 година кога МБС започна кампања за принудување на мултинационалните компании да ги преместат своите регионални седишта од ОАЕ во Ријад. На корпорациите им беа дадени три години да го направат потегот или ризикуваа да изгубат профитабилни владини договори. Емиратите го сметаа потегот за директен предизвик за улогата на Дубаи како водечки финансиски центар во регионот. Разликите се заострија и околу Сирија, суданската граѓанска војна и квотите за производство на сурова нафта утврдени од ОПЕК плус – нафтениот картел чиј де факто лидер е Саудиска Арабија.
Како што тензиите се намалуваа, шеикот Тахнун бин Зајед ал Нахјан, советник за национална безбедност на ОАЕ и брат на МБЗ, беше испратен во Ријад за да ги надмине нивните разлики. Сметан за помалку идеолошки настроен во однос на МБЗ, шеикот Тахнун има добри односи со Саудијците. Но како што се зголемуваа јазовите меѓу Ријад и Абу Даби и се менуваше динамиката на моќта, неговата задача стануваше потешка, рече поранешен американски функционер.
– Тахнун редовно одеше во Саудиска Арабија за да ја негува врската и колку полоши беа работите, толку подолго остануваше. Сега кога МБС е крал во сè освен по име, тоа влијаеше на способноста на Тахнун да ги поправи сопствените односи – рече поранешниот функционер.
Аналитичарите велат дека земјите од Заливот сè уште имаат повеќе заеднички нешта, а двете страни зборуваат за своите „братски“ соседи. Но во последните месеци, војната во Судан ги доведе во конфликт.
И двајцата го поддржуваа суданскиот воен врв што ја презеде власта откако Омар ал Башир беше соборен во 2019 година. Но кога суданските вооружени сили (САФ) и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) ги насочија своите оружја едни против други, се појавија разлики меѓу земјите од Персискиот Залив.
Ријад е поблизок до САФ, кои ги смета за претставници на државата, но ОАЕ сметаат дека се инфилтрирани од исламисти. Се тврди дека Абу Даби со оружје ги снабдувал РСФ. ОАЕ негираат дека ја вооружуваат милицијата.
МБС ја изрази својата загриженост за конфликтот во Судан и за РСФ заедно со американскиот претседател Доналд Трамп за време на посетата на Белата куќа во ноември. Набргу по состанокот Трамп-МБС, избувна најновата криза во Јемен. Во декември, фракцијата СТЦ поддржана од ОАЕ, која наводно е дел од јеменската влада, ја презеде контролата врз двете провинции покрај саудиските граници, Хадрамаут и Ал Махра.
Ријад верува дека Абу Даби погрешно сметал оти МБС го отворил прашањето со американскиот претседател за санкционирање на ОАЕ поради нивната наводна поддршка за РСФ, а потоа дал зелено светло за напредувањето на СТЦ од лутина кон кралството.
Емиратскиот академик Абдулхалек Абдула рече дека поврзувањето на настаните во Јемен со разликите околу Судан е „диво тврдење“.
– Јемен е дворот на Саудиска Арабија. Офанзивата што ја започнаа силите поддржани од ОАЕ… ги премина саудиските црвени линии – рече Фирас Максад, генерален директор за Блискиот Исток и Северна Африка во „Еуразија груп“.
Максад додава дека одлуката на Абу Даби да ги повлече преостанатите сили обезбеди „излез од она што инаку би бил челен судир со значителни последици“.
Сепак, ризикот, посочува Максад, е дека кризата „би можела да го трансформира геополитичкиот натпревар меѓу Саудиска Арабија и ОАЕ во лична пресметка меѓу водечките моќници во регионот“.
































