Кинеска технологија за суперзачувување на животната средина
Револуционерна кинеска технологија би можела да трансформира јаглерод диоксид во храна со претворање на метанолот во шеќер. Методот за претворање на метанолот во бел шеќер, познат како сахароза, без користење обработливо земјиште, развиен од кинески истражувачи, би можел потенцијално да помогне заробениот јаглерод диоксид да се претвори во храна.
Истражувачите користеле ензими за да го претворат во сложени шеќери метанолот што може да се добие од индустриски отпад или со хемиска обработка на јаглерод диоксид. Новиот систем за биотрансформација на тој начин не се потпира на одгледување шеќерна трска или шеќерна репка, кои бараат огромни количества земја и вода.
– Вештачката конверзија на јаглерод диоксид во храна и хемикалии нуди ветувачка стратегија за справување со предизвиците поврзани со животната средина и популацијата, а наедно придонесува за јаглеродна неутралност – истакнуваат научниците.
Овој систем освен што произведува сахароза, може да се приспособи и за создавање други важни јаглехидрати, како што се фруктоза и скроб. Ваквите откритија претставуваат важен чекор во производството на храна директно од хемикалии, наспроти со традиционално земјоделство.
Студијата ја водел тим од Институтот за индустриска биотехнологија во Тијанџин, дел од Кинеската академија на науките (ЦАС). Истражувачите употребиле техника позната како ин витро биотрансформација (ивБT), што гради корисни молекули надвор од живите организми, користејќи ензими.
Системот не само што за првпат создаде сахароза користејќи метанол туку произведе и скроб користејќи помалку енергија во однос на други техники. Научниците сметаат оти овој пристап би можел да функционира за широк спектар на сложени шеќери. Преку приспособување на ивБТ-системот, научниците биле во можност да произведат и фруктоза, амилоза, амилопектин, целобиоза и целоолигосахариди, кои се користат не само во храната туку и во фармацевтските и индустриските апликации. Потребна е уште работа пред овој метод да може да се користи во голем обем, но истражувачите планираат да ја подобрат ефикасноста на ензимите и да го направат системот постабилен и поробустен за индустриска употреба.
Сахарозата главно се собира од шеќерна трска во тропските земји и шеќерна репка во постудените клими. Кина може да ги одгледува и двете, но сè уште увезува околу пет милиони тони шеќер секоја година за да ја задоволи својата годишна побарувачка од 15 милиони тони, според неодамнешната објава на ЦАС. Истражувачите итно бараат поефикасни и скалабилни алтернативи за одгледување храна во кои спаѓа и производството на шеќер директно од метанол, кој, пак, може да се направи од јаглерод диоксид.