Њујорк избра демократски социјалист за градоначалник откако Зохран Мамдани победи со прогресивна платформа фокусирана на тоа американскиот град да стане подостапен преку бесплатен автобуски превоз, како и на замрзнати цени за кирии, универзална грижа за деца и повисока минимална плата, меѓу другите идеи.
Мамдани ги претставуваше и Демократската партија и Партијата на работничките семејства на гласачкото ливче. Тој го цитираше истакнатиот социјалист од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, Јуџин Дебс, во својот победнички говор, во вторникот вечерта. Мамдани е долгогодишен член на Демократските социјалисти на Америка (ДСА). А њујоршкиот огранок на партијата одигра клучна улога во неговата кампања, обезбедувајќи рана поддршка и легија волонтери за агитирање и собирање средства, притоа подигајќи го и сопствениот профил.
– Од победата на Мамдани на прелиминарните избори во јуни, демократскиот социјализам порасна во популарност тука и низ целата земја. Нашиот невиден раст е доказ за нашата визија и нашата способност да инспирираме обновена надеж и политички ангажман од работничката класа – соопшти на Икс њујоршкиот огранок на ДСА по победата на Мамдани на изборите.
Како што кампањата на Мамдани го туркаше демократскиот социјализам во мејнстримот, таа исто така отвори прашања за тоа што претставува оваа политичка идеологија – а што не е. Најзначајно е што претседателот Доналд Трамп често и неправедно го критикуваше Мамдани, означувајќи го како комунист во пресрет на изборите. Мамдани ја поби таа карактеризација во јунскиот настап во телевизиско гостување на „Ен-би-си“, одговарајќи кратко дека не е комунист. А потоа продолжи да го опишува својот вид демократски социјализам, термин што во голема мера зависи од толкувањето.
– Кога зборуваме за мојата политика, се нарекувам себеси демократски социјалист во многу погледи инспириран од зборовите на д-р Кинг од пред неколку децении, кој рече: „Наречете го демократија или наречете го демократски социјализам. Мора да има подобра распределба на богатството за сите божји деца во оваа земја. И како што нееднаквоста во приходите се намалуваше низ целата земја, таа се зголеми во Њујорк. И на крајот на краиштата, она што ни треба е град каде што секој поединец може да напредува“ – рече Мамдани, осврнувајќи се на говорот на Мартин Лутер Кинг Јуниор од 1961 година.
Што е демократски социјализам?
Не постои универзална дефиниција за демократски социјализам, иако неговите следбеници во голема мера ја поддржуваат идејата, според која, владата треба да преземе контрола врз одредени сектори на економијата, како што се здравствената заштита и комуналните услуги, во корист на јавноста, а не на приватните корпорации.
– Сакаме колективно да ги поседуваме клучните економски двигатели што доминираат во нашите животи, како што се производството на енергија и транспортот – пишува на веб-страницата на ДСА.
Партијата, која постои од 1980-тите, се нарекува себеси најголема социјалистичка организација во САД. Таа вели дека има повеќе од 80.000 членови организирани во кампуси и општински ограноци низ сите 50 сојузни држави. Групата истакнува дека нејзините членови се социјалисти затоа што отфрлаат меѓународен економски поредок одржуван од нешта како што се приватен профит, дискриминација и насилство „во одбрана на статусот кво“ и наместо тоа замислуваат поправеден и хуман општествен поредок „заснован и на демократско планирање и на пазарни механизми“.
Демократските социјалисти честопати се дистанцираат од историските примери на социјализам и комунизам, кои во голема мера имаат негативни конотации во САД уште од ерата на Студената војна. Поддржувачите исто така велат дека демократскиот социјализам оди подалеку од „социјалната демократија“, што често вклучува силна држава на благосостојба што функционира како капиталистичко општество.
– Веруваме дека постојат многу патишта што се влеваат во демократскиот пат кон социјализмот. Нашата визија оди подалеку од историската социјалдемократија и ги остава зад себе авторитарните визии за социјализам во кантата за отпадоци на историјата – истакнува ДСА.
Комунистичката партија на САД вели дека иако споделува некои вредности на демократските социјалисти, како што се спротивставувањето на војната и желбата за повисока минимална плата, верува оти тие можат да се случат само преку фундаментално реструктурирање на општеството. Многумина демократски социјалисти признаваат дека радикалната трансформација нема да се случи на краток рок, па затоа користат алатки како организирање, лобирање и протестирање со надеж дека ќе направат промени во рамките на постојниот систем.
– Бидејќи е малку веројатно да видиме непосреден крај на капитализмот веќе утре, ДСА денес се бори за реформи што ќе ја ослабат моќта на корпорациите и ќе ја зголемат моќта на работниците – објаснува партијата.
Зошто демократскиот социјализам е во подем?
Сенаторот Берни Сандерс од Вермонт го промовира демократскиот социјализам пред пошироката јавност за време на неговата претседателска кампања во 2016 година. Иако регистриран како независен кандидат, Сандерс се опишува себеси како демократски социјалист со децении, а идеологијата ги обликува неговите ставови за сè – од сиромаштија до здравствена заштита и високо образование. Сандерс не е член на ДСА. Но неговата кандидатура е заслужна за зголемување на членството и видливоста на организацијата, токму на време за првото претседателство на Трамп.
Како социјализмот стана привлечен за младите луѓе
Холи Отербејн, новинарка на „Аксиос“ што известуваше за подемот на социјализмот, изјави за „Ен-пи-ар“ дека забележала најголемо зголемување на членството во ДСА по победата на Трамп во 2016 година.
– Кога разговарав со луѓе што станаа членови на ДСА или со лидерите на ДСА, тие чувствуваа дека изборите во 2016 година на некој начин ја дискредитираа Демократската партија во нивните очи – рече таа.
Многу млади гласачи станаа незадоволни од Демократската партија, тренд што продолжи и за време на пандемијата на ковид-19, економските турбуленции, а сега и вториот мандат на Трамп. Сето тоа го поттикна демократското социјалистичко движење.
– Социјализмот е постојана тема на разговор за луѓето што сè уште не можат да најдат начини да излезат од економската несигурност од која нивната генерација и непосредно претходните генерации не можеа да излезат – истакна Лекс Мекменамин, раководител на политичкиот оддел во „Тин Вог“.
ДСА на Њујорк веќе ја фали победата на Мамдани во напорите за регрутирање, иако Мамдани за време на својата кампања нагласи дека неговата платформа се разликува од онаа на ДСА и зазеде поумерен став за прашања како што се намалувањето на финансирањето на полицијата.

































