Фото: CGTN

Кинескиот астрономски сателит Ајнштајн проуб (ЕП) детектира исклучителни настани во длабоката вселена

Кина го искористи својот астрономски сателит Ајнштајн проуб (ЕП) за да детектира експлозија на гама-зраци означена како EP240315a, која настанала на растојание од околу 12,5 милијарди светлосни години, објавија кинеските медиуми.
Ова е првпат луѓето да детектираат рендгенски сигнали од експлозија во раниот универзум, што го отвора патот за ново истражување за потеклото на космосот, објави Хсинхуа. Во универзумот се случуваат голем број моќни експлозивни активности, а таквите појави брзо исчезнуваат и личат на космички огномет, наведува агенцијата.
Набљудувањето на ваквите појави е од големо значење за проучување феномени како што се црните дупки, гравитациските бранови и космичката еволуција, се наведува во извештајот.
Многу експерти истакнуваат дека резултатите од набљудувањето на сателитот на ЕП, како што е откривањето изливи на гама-зраци, го продлабочуваат човечкото разбирање за овие феномени и даваат нови сознанија за потеклото и еволуцијата на универзумот, пишува Хсинхуа.
За потсетување, сателитот ЕП, кој беше лансиран во вселената во јануари 2024 година, веќе постигна неколку првични откритија, унапредувајќи го разбирањето на универзумот и на екстремните феномени.