Електричниот автомобил „сигул“ на БИД е достапен на некои пазари надвор од Кина (како на пример на Филипините), а сѐ уште нема информации дека би можел да се појави во продажба на европскиот пазар, иако граѓаните го очекуваат со нетрпение
Кинеската автомобилска индустрија во процут
Кинескиот електричен автомобил „сигул“ на БИД, со почетна цена од помалку од 10.000 долари на кинескиот пазар, сѐ повеќе привлекува внимание и надвор од Кина. Во последно време европските граѓани, преку медиумите што се занимаваат со автомобилите и автомобилскиот пазар, изразуваат висок интерес токму за кинеските електрични автомобили. Но, од друга страна, ЕУ-администрацијата сѐ повеќе наметнува регулативи со кои им го скратува задоволството на Европејците од допирот до овие нови и квалитетни автомобили од Далечниот Исток
Кој е овој кинески електричен автомобил?
Станува збор за возило на „Вулинг“, компанија создадена од партнерството на кинеската САИЦ (која го поседува мнозинството) и ЏМ, додека мал удел имаат уште неколку кинески компании. „Вулинг“ минатата година го лансира моделот „бинго“, кој продаде 280.000 парчиња, а сега е претставена неговата нова и подостапна верзија. Иако дизајнот на автомобилот не е променет, направени се одредени подобрувања околу опремата и зголемена е максималната брзина, па автомобилот сега генерално обезбедува поголема вредност за парите. Имено, почетната цена на новата верзија „бинго“ на „Вулинг“ е само 7.850 долари. „Бинго“ е достапно во неколку други верзии, а најскапата од нив е поевтина од 12 илјади долари. Разликата меѓу овие две верзии е главно во моторот и опсегот, а оваа разлика е забележлива. Имено, со најевтината, лесна верзија, автомобилот може да помине само нешто повеќе од 200 километри со едно полнење на батеријата, додека досегот на најскапата, премиум верзијата „лингкси“ е двојно подолг. Во продажба има уште два модела со цена од околу 10.000 долари и автономија од 333 километри. Димензиите на автомобилот исто така останаа непроменети и изнесуваат 395/1.708/1.580 мм, па затоа е компактно возило првенствено наменето за градско возење. Иако цената е ниска, во автомобилот не недостасува технологија. Корисниците ќе ги ценат централниот екран од 10,25 инчи, клучот за далечински управувач со овозможен блутут, електронската рачна сопирачка и способноста за автоматско паркирање. Треба да ги споменеме и приспособливите кожени седишта и дури 1.240 литри багажен простор кога задните седишта се спуштени. Моторот од 50 kW може да го влече автомобилот до 130 км/ч., но овој мотор е достапен само во три поскапи верзии, додека со најевтината верзија со мотор од 30 kW можете да достигнете максимални 100 км/ч. Капацитетот на батеријата е од 17,3 kWh кај лесниот модел до 37,9 kWh кај најсилниот модел. Сите, вклучувајќи ја и најевтината верзија, поддржуваат брзо полнење, така што батеријата може да се наполни од 30 до 80 проценти за 35 минути.
Тешки непринципиелности на администрацијата на ЕУ, која наметнува тарифи за кинеските електрични автомобили
Европската комисија (ЕК) во средата објави дека електричните возила со батерии од кинеско производство наскоро ќе бидат подложени на дополнителни (казнени) тарифи. ЕК соопшти дека „привремено заклучила дека синџирот на вредност на БЕВ (електрични возила со батерии) во Кина има корист од нефер субвенционирање, што предизвикува закана од економска повреда на производителите на БЕВ во ЕУ“.
Кина изрази голема загриженост и силно незадоволство по одлуката на Европската комисија (ЕК), соопшти во средата Министерството за трговија на Кина. Исто така, ја повика Европската Унија (ЕУ) веднаш да ги исправи своите погрешни дејства и да бара дијалог и преговори за ефикасно решавање на тековното трговско несогласување меѓу двете страни, наведе портпаролот во изјавата објавена на веб-страницата на Министерството.
– Одлуката, која ги занемарува фактичките докази и правилата на Светската трговска организација, е донесена и покрај повторените силни приговори на Кина и ги игнорира апелите и предупредувањата од владите и индустриските сектори на неколку земји членки на ЕУ – рече портпаролот.
Според портпаролот, пресудата исто така не признава дека конкурентската предност на Кина во индустријата за електрични автомобили е резултат на фер и отворена конкуренција, а одлуката е прекршување на правилата на СТО и неуспех да се признае сеопфатната соработка на кинеските компании за време на истрагата.
Понатаму, како што рече портпаролот, тоа е бесрамен чин на протекционизам што ќе ги ескалира трговските триења и ќе ја поткопа фер конкуренцијата под превезот на „одржување фер конкуренција“, што не само што ќе ги загрози легитимните права и интереси на кинеската индустрија за електрични автомобили туку и ќе го наруши синџирот на глобалната автомобилска индустрија.
Според портпаролот, активностите преземени од Европската комисија не само што им штетат на интересите на европските потрошувачи туку ги загрозуваат и сопствените цели на ЕУ за зелена транзиција и соработка во справувањето со климатските промени на глобално ниво.
Портпаролот додаде дека Кина ќе биде во тек со случувањата на страната на ЕУ и е подготвена да ги преземе неопходните мерки за цврсто да ги заштити правата на инволвираните кинески компании.
Исто така во средата Министерството за надворешни работи ја повика ЕУ да ја почитува својата посветеност да ја поддржи слободната трговија и да го отфрли протекционизмот. Лин Џијан, портпарол на Министерството, на дневниот брифинг за медиумите рече дека истрагата против субвенциите е типичен чин на протекционизам. Лин рече дека користејќи ја истрагата како изговор, ЕУ планира да воведе царини за електричните возила увезени од Кина, што ги нарушува принципите на пазарната економија и меѓународните трговски правила.
– Овој потег исто така ќе ѝ наштети на економската и трговската соработка меѓу Кина и ЕУ, како и на стабилноста на глобалните синџири за снабдување со автомобили, што на крајот ќе им наштети на сопствените интереси на Европа – рече тој.
Портпаролот додаде дека политички фигури од неколку европски земји и претставници од европската автомобилска индустрија неодамна изразија противење на истрагата против субвенционирање, велејќи дека сметаат дека воведувањето дополнителни царини за кинеските ЕВ за заштита на индустријата на ЕУ е погрешен пристап.
– Протекционизмот не е патот напред, додека отвореноста и соработката се вистинскиот пат – рече Лин. (Е.Р.)