„Нострадамус“ од Волстрит ја загуби работата откако предвиде бура на берзата

Поранешниот шеф на Џеј пи морган предупредуваше на корекција од септември минатата година. Тој беше отпуштен неколку дена пред да падне индексот „СиП 500“

Пророштвото на најпознатиот пазарен стратег Марко Колановиќ делумно се оствари

Последниот танц на Марко Колановиќ (48) како најпознатиот пазарен стратег на Волстрит го чинеше да ја загуби работата: тој предупредуваше од септември минатата година, дури и пред астрономското искачување на берзанскиот индекс „СиП“ (главен барометар за здравјето на Волстрит – н.з.) од 25,5 отсто, укажувајќи на остар пад на индексот до крајот на годинава. Тој исто така предупреди за претстојната рецесија во САД. Пораката од поранешниот шеф на Џеј пи морган за глобална стратегија ја најави бурата што ги погоди глобалните берзи неделава, откако „СиП 500“ падна за речиси 400 поени по паниката што се појави минатиот петок.

Последната преостаната „мечка“ на непроверениот „пазар за бикови“

Во текот на неговите 19 години на чело на американската инвестициска банка, Колановиќ стана олицетворение на еден вид „Нострадамус на берзата“: „Блумберг“ го нарече „Гандалф“, а американската телевизиска мрежа „Си-ен-би-си“ го опиша како „човекот што поместува пазари“. Колановиќ, кој исто така е професор по физика, беше еден од најпосветените т.н. „мечки“ на Волстрит (поради предвидувања за пад на пазарот – н.з.), дури и за време на почетокот на постпандемискиот подем, кога „блу-чип“ акциите се зголемија за речиси 40 отсто во однос на вредностите во 2023 година.
Пораката на главниот стратег падна на глуви уши. Беше песимист на пазар во полна еуфорија. Последната преостаната „мечка“ на непроверениот „пазар за бикови“ беше Колановиќ. Едвај 48 часа по колапсот на глобалните финансиски пазари, и откако „СиП 500“ претрпе пад од 8,5 отсто од својот врв, „Насдак“ пад од 13 отсто од највисоките вредности и „Никеи“ пад од 25 отсто, предупредувањата на Колановиќ се надвиваат над пазарот како албатрос.
Стратегот на Морган Стенли, Мајк Вилсон, исто така, со месеци предупредуваше за ризикот од корекција на индексот „СиП 500“.

 

– Мислам дека шансата за корекција од 10 отсто е многу веројатна некаде од сега до изборите – предупреди Вилсон во изјава за „Блумберг“ пред еден месец, иако ги промени своите надолни прогнози во мај.
Џеј пи морган го отпушти Колановиќ на 3 јули, според интерниот меморандум до кој дојде „Блумберг“ и е потврден од „Волстрит џурнал“. И „СиП 500“ го продолжи својот подем без знаци на замор, достигнувајќи го досега невиденото највисоко ниво од 5,667 поени на 16 јули. Но не може да се негира природниот поредок на пазарот: сè што расте на крајот паѓа. Во првиот понеделник од август, трговците беа пречекани со екрани полни со светкави црвени броеви. Пророштвото на Колановиќ (или барем дел од него) се оствари, а неговото отпуштање дојде кога пазарот го достигна својот врв.
Марко Колановиќ ќе истражи други можности по 19 години во компанијата, според интерен меморандум. Според „Блумберг“, Дубравко Лакос-Бујас ќе го замени Колановиќ како главен пазарен стратег во Џеј пи морган, додека неговиот досегашен кошеф за глобално истражување, Хусеин Малик, сам ќе ја преземе обврската.

Случајот на Хрватот потсетува напензионирањето на легендарниот Чарлс Клоф

Случајот на Колановиќ потсетува на пензионирањето на легендарниот стратег од Мерил Линч, Чарлс Клоф, кој ја напушти својата финансиска кариера само неколку дена по пукнувањето на меурот дот-ком, летото во 1999 година. Четири години, Клоф се обложуваше против „СиП 500“, што се движеше по бран од зголемување на акциите од 220 отсто среде интернет-бумот.
Треба да се разјасни дека заминувањето на Клоф, кој беше на чело на Џеј пи морган речиси две децении, не беше поврзано само со последните остри ставови, туку и со фактот дека тој остана при грубите предвидувања во 2022 година, време кога индексот падна за 19 отсто, а другите гласови на Волстрит предупредуваа за надолен тренд.


Фото: Џеј Пи Морган

Колановиќ остана доследен во тврдењата за „мечкин пазар“

Марко Колановиќ се прослави со правилно предвидување скок на берзата среде пандемијата на ковид-19. Но тој беше доследен во своите тврдења за т.н. „мечкин пазар“ во текот на изминатите две години, наспроти тоа што пазарот достигна нови врвови.
Терминот „мечкин пазар“ се користи на Волстрит кога индексот на „СиП 500“, индустрискиот индекс „Доу Џонс“, како и индивидуалната акција паѓаат за 20 отсто или повеќе, за одржлив временски период. Мечката се користи во терминологијата за претставување на падот на пазарот, бидејќи овие животни хибернираат, со што го прикажуваат пазарот што се повлекува.