Израелски претставници и аналитичари велат дека одлуката што влијаела да се изврши нападот од страна на Израел врз цели во Катар (каде што се засолнети политичките лидери на Хамас) се темели на две причини. Прво, тоа е сѐ уште силната фрустрација од нападот предводен од Хамас врз Израел во 2023 година и втора причина се – замрените преговори за примирје за Газа…

Што го поттикна нападот на Израел врз Хамас во Катар?

Откако Хамас уби и киднапира стотици Израелци на 7 октомври 2023 година, Израел уби лидери на палестинската милитантна група во Либан, Иран и во Газа. Но Катар, каде што живеат некои од водечките лидери на Хамас, долго време се сметаше за забранета земја. Богатата земја од Персискиот Залив е домаќин на најголемата американска воена база на Блискиот Исток и одржува неформални односи со Израел. Исто така, посредува меѓу Израел и Хамас за да се стави крај на војната во Газа.
Затоа беше изненадувачки кога Израел ги остави настрана сите тие размислувања и испрати воени авиони во вторникот за да се обиде да го убие раководството на Хамас во главниот град на Катар, Доха, насочувајќи се кон зграда во станбена населба со училишта и амбасади, сред бел ден.

Хамас негира дека се убиени негови високи лидери, Израел порачува дека не постои безбедно место за терористичките водачи

Хамас соопшти дека во нападот не се убиени високи лидери. Синот на Халил ал Хаја, водечка фигура што помогна во планирањето на нападот на Хамас во 2023 година, беше убиен, заедно со уште четири лица поврзани со групата и член на внатрешните безбедносни сили на Катар.
Според Министерството за внатрешни работи на Катар, голем број цивили беа ранети. Израелските власти јавно не коментираа за сопствените процени, за тоа дали некоја од нивните цели од Хамас е убиена или повредена.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху го претстави нападот како дел од често наведуваната мисија на Израел да се одмазди за масакрот предводен од Хамас во октомври 2023 година и да се осигури дека такво нешто никогаш нема да се повтори.
– Деновите во кои терористичките водачи уживаа имунитет насекаде завршија – рече Нетанјаху во вторникот вечерта, неколку часа по нападите во Катар. В среда, тој го прошири своето размислување, осудувајќи го Катар за давање „безбедно засолниште“ на Хамас. Катар „ги засолнува терористите. Го финансира Хамас. Им дава на своите терористички водачи раскошни вили – истакна израелскиот премиер во соопштението.
Катарските власти изјавија дека биле домаќини на претставници на Хамас на барање на американската влада, со цел да се олеснат каналите за комуникација со групата. Нетанјаху во минатото се потпирал на Катар да испраќа милиони долари месечно во Газа, политика наменета за купување тишина и одржување на мирот, но тоа исто така помогнало да се поткрепи владеењето на Хамас над територијата.
Премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, го опиша нападот на Израел како „државен терор“ во интервју за „Си-ен-ен“ во средата и рече дека Нетанјаху треба да биде „изведен пред лицето на правдата“. Тој наведе дека нападот „убил секаква надеж“ за израелските заложници во Газа.
Сегашни и поранешни претставници на израелските власти изјавија дека нападот во Доха ја нагласува решеноста на Израел да ги повика своите противници на одговорност.
Јаков Амидрор, пензиониран генерал-мајор што служел како советник за национална безбедност на Нетанјаху, посочи дека Израел ги ограничил своите акции во минатото за да избегне провоцирање конфликти или нарушување на деликатните односи со држави како Катар.
– Сега, велиме дека ако се обидувате да убиете Израелци, ќе бидете убиени каде и да сте – категоричен е Амидрор.
Од нападот во октомври 2023 година, Израел презеде воена акција против своите непријатели на начин што е поагресивен од претходно, убивајќи го лидерот на Хезболах во Либан, поддржан од Иран, и спроведувајќи голем напад врз нуклеарните објекти на Иран.

Уништувањето на Хамас – најважна цел на Нетанјаху

Но спроведувањето на оваа стратегија може да има и значајни несакани последици во несигурно време на Блискиот Исток, вклучително и поткопување на напорите на Израел да ги прошири своите врски со арапските земји од Заливот. Одредени израелски познавачи на состојбите велат дека нападот покажува оти Нетанјаху дал приоритет на уништувањето на Хамас пред ослободување на заложниците или развојот на план за идното управување со Газа.
– Тој јасно става до знаење дека уништувањето на Хамас е неговата прва и најважна цел – рече Ади Ротем, пензиониран израелски разузнавачки офицер, кој служел во израелскиот преговарачки тим за војната во Газа до декември 2024 година.
Нетанјаху изјави дека е посветен и на уништување на Хамас и на враќање на заложниците. Но сè повеќе станува јасно дека единствениот начин Израел да ги врати сите заложници дома е преку договор со Хамас, велат аналитичарите.
И Хамас го услови ослободувањето на сите преостанати заложници со согласност за траен крај на војната – сценарио што Нетанјаху го отфрли сè додека тоа ѝ дозволува на групата да задржи оружје и да продолжи да ја држи власта над Газа.
Поранешни функционери и експерти запознаени со размислувањето на израелската влада рекоа дека нападите во Катар имале цел и да ги „потресат“ долго одложените преговори со Хамас за прекин на огнот и за ослободување на заложниците. Идејата, рекоа тие, беше да се обиде да го префрли фокусот на донесување одлуки од раководството на Хамас во Катар кон други личности во движењето, вклучувајќи ги и преостанатите команданти на терен во Газа. Овие команданти, рекоа тие, ги држат заложниците и се изложени на загуба од заканата на Израел за копнена инвазија на градот Газа, за кој се вели дека е едно од последните упоришта на Хамас.
Катарските и египетските претставници изјавија дека командантите на Хамас на терен во Газа имале најголем збор во одлуките за војната. Офанзивата врз градот Газа веќе расели десетици илјади палестински цивили и им се заканува на стотици илјади други, кои остануваат во областа.
Претседателот Трамп во неделата изврши притисок врз Хамас да прифати нов предлог поддржан од Америка. Во него се повикува Хамас да ги предаде сите заложници одеднаш во замена за прекин на огнот и понатамошни преговори за завршување на војната. Групата не се согласи, но даде општ одговор велејќи дека е подготвена веднаш да влезе во преговори.
Шалом Бен Ханан, поранешен службеник на израелската агенција за внатрешна безбедност Шин Бет, кој редовно е информиран за преговорите за прекин на огнот, рече дека разговорите не напредуваат.
– Постоеше желба преговорите да се движат со единствените алатки што ги има Израел – рече Бен Ханан, што значи поголем притисок и воена сила. Она што Израел го смета за стратегија на Хамас за одложување, додаде тој, „веќе не функционира“.
Во Израел постоеја широко распространети стравувања дека нападот во Катар би можел да се врати како бумеранг и да ги доведе во опасност животите на преживеаните заложници, доколку нивните киднапери сакаат да се одмаздат за нападот.

Атентатите не ги омекнуваат позициите на Хамас

Хамас честопати во минатото покажуваше дека убиството на неговите лидери не ги омекнува неговите позиции. Порано во војната, групата ги одби израелските барања за предавање, дури и откако беа убиени нејзините главни функционери и команданти, вклучувајќи го и Јахја Синвар, еден од архитектите на нападот во 2023 година.
– Оној што мисли дека обидите за атентат можат да го натераат Хамас да го смени курсот е во заблуда. Движењето беше основано врз културата на жртвување и неговото раководство сфаќа дека тоа што некој е на позиција за донесување одлуки секогаш го прави подложен да стане маченик – рече Ибрахим Мадун, политички аналитичар близок до Хамас.
Ехуд Јаари, израелски соработник во Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток, рече дека политичката намера на нападот во вторникот била „да се промени структурата на преговорите“, заедно со целта за елиминирање на важни функционери кои долго време беа во мета на Израел.
– Беше јасно дека сè е заглавено. Затоа тие требаше да ја променат динамиката – рече Јаари, кој редовно е информиран за размислувањето на владата, за преговорите за примирје. Тоа значеше да се вложи напор за префрлање на преговорите од Катар и зајакнување на улогата на Египет, друга земја посредник, додаде тој. Премиерот на Катар, Ал Тани, во интервју сугерираше дека Нетанјаху не бил сериозен во врска со преговорите во последните недели, додавајќи „тој само ни го троши времето“.