Во Пекинг доаѓа до израз размислувањето дека Западот не ја разбира Кина, односно нејзините политики, особено кога станува збор за модернизацијата и развојот. Професорот и директор на Институтот за меѓународни работи на Универзитетот „Ренмин“ во Кина, Ванг Јивеи, се обиде да даде објаснување за кинеското гледиште за модернизацијата наспроти сфаќањата на Западот, нагласувајќи дека кинеската модернизација значи и модернизација на човештвото преку мирен развој. Кина истакнува оти модернизацијата не е само нејзин национален потфат, туку план за глобален напредок, односно визија што ветува поинклузивна иднина за сите
Кинеско гледиште за глобалната модернизација и развој:
Недоразбирањата помеѓу Западот и Кина се зголемуваат со ескалација на трговската војна помеѓу САД и Кина по воведувањето нови меѓусебни царини, што води и кон ослабување на врските и до создавање недоверба помеѓу двете водечки светски економии. Во ваква тензична состојба, во Пекинг доаѓа до израз размислувањето дека Западот не ја разбира Кина, односно нејзините политики, особено кога станува збор за модернизацијата и развојот. Професорот и директор на Институтот за меѓународни работи на Универзитетот „Ренмин“ во Кина, Ванг Јивеи, во разговор со новинари во Пекинг се обиде да даде објаснување за кинеското гледиште за модернизацијата, правејќи паралела со сфаќањата на Западот, при што нагласи дека кинеската модернизација значи и модернизација на човештвото преку мирен развој.
– Нашата среќа никогаш не е резултат на туѓа несреќа. Веруваме во модернизација за сите, што е различно од Западот. Целта на трговската војна е да се создадат два блока. Можеби светот ќе биде поделен во иднина и ќе дојде до диверзификација на синџирите на снабдување и до економска разделба. Но трговската војна ќе ја наведе Кина на нов вид глобализација – вели професор д-р Ванг Јивеи.
Модернизацијата не мора нужно да значи вестернизација
Кина следи свој сопствен пат за модернизација, што се разликува од оној на Западот. Оваа определба ја потенцираше и кинескиот претседател Си Џинпинг, кој пред водечките кадри на Комунистичката партија во 2023 година порача дека државата ќе продолжи да ја следи кинеската модернизација, како пат што се разликува од вестернизацијата. Кинескиот претседател своевремено посочи дека клучот за разбирање на Кина лежи во разбирање на кинеската модернизација. А со своите засебни карактеристики, кинеската модернизација всушност покажува дека поимот модернизација повеќе не мора нужно да значи вестернизација.
– Кинеската модернизација е социјалистичка модернизација што се спроведува под водство на Комунистичката партија на Кина. Таа содржи елементи што се заеднички за процесите на модернизација на сите земји, но повеќе се карактеризира со особености што се единствени за кинескиот контекст – објаснува професор Ванг Јивеи за кинеската модернизација, при што додава оти партиското раководство е од витално значење за основната насока, иднината и успехот на кинеската модернизација, дефинирајќи ја природата на кинеската модернизација.
Модернизацијата во Кина опфаќа индустријализација и урбанизација, односно знаење и информатизација. Но истовремено се истакнува зачувувањето на традициите со нивно приспособување кон актуелните услови.
– Секоја модернизација треба да се заснова на традиции, но не на фундаментализам, туку маршот кон модернизација треба да се спроведува преку приспособување на традициите кон сегашноста – вели професорот.
Создавање заеднички можности за развој
Во Кина се смета оти неможноста за правилно разбирање на нејзината модернизација од страна на Западот е поврзана со верувањето дека конкурентноста на азиската велесила на глобалните пазари се должи на нефер практики. Во САД и ЕУ затоа сѐ погласни се негодувањата за можноста за преплавување на западните пазари со економични кинески производи. А главна грижа за Западот претставува извозот на кинески електрични возила, соларни панели и ветерни турбини. Вообичаено има обвинувања дека овие индустрии стекнале нефер пазарна предност како резултат на обезбедените државни субвенции. Но професор д-р Јивеи преку примерот на извоз на кинески електрични возила дава објаснување за определбата на Кина за заедничка модернизација на човештвото.
– Кина може да произведува 30 милиони електрични возила годишно, но не може да ги продаде сите на домашниот пазар. Иницијативата „Појас и пат“ споделува инфраструктура за заеднички просперитет. Бидејќи, како ќе купувате електрични возила ако немате инфраструктура? Ако другите држави се богати и развиени и тие ќе можат да си дозволат купување кинески електрични возила. Затоа велиме дека нашата модернизација е за сите – посочува професорот.
Во Кина истакнуваат оти иницијативата „Појас и пат“ е јасен пример за тоа како кинескиот развој ги преобликува меѓународните трговски врски, создавајќи економски можности низ Азија, Африка и Европа. Се наведува оти не станува збор само за изградба на патишта или железници, туку за поттикнување долгорочни економски партнерства од кои сите вклучени страни треба да имаат корист.
Значењето на кинеската модернизација за светот е во тоа што нуди нова можност за земји што сакаат да го забрзаат развојот со истовремено зачувување на својата независност, нагласува професор Ванг Јивеи. Пораката што кинеската модернизација ја испраќа до другите држави е дека ако Кина може да се модернизира, тогаш и тие можат да го сторат истото тоа. Кина затоа истакнува оти модернизацијата не е само нејзин национален потфат, туку план за глобален напредок, односно визија што ветува поинклузивна иднина за сите. Кинеската модернизација беше и една од темите што привлече големо внимание и за време на најзначајниот годишен политички собир во Кина, т.н. „Две сесии“, одржан на почетокот на март, за време на кој беа претставени низа нови мерки осмислени за забрзување на кинеската домашна трансформација, како и за создавање нови можности за глобален развој.
Милко Живковиќ, наш известувач од Кина