Бугарка бега од Северна Ирска поради расистички кошмар
Демонстрантите фрлале молотови коктели, тули и пиротехника врз полицијата и оштетиле голем број имоти за време на уште една ноќ на немири
Мајка на две деца од Бугарија изјави дека ја напушта Северна Ирска по нападот врз нејзиниот дом во Балимена, во грофовијата Антрим.
Демонстрантите фрлаа молотови коктели, тули и пиротехника врз полицијата и оштетија голем број објекти за време на уште една ноќ на немири во градот во вторникот, објави Би-би-си.
– Ова е она што ме тера да се иселам оттука за да ги спасам моите деца за да немаат никаква депресија, да не се сеќаваат на ова во иднина – изјави Мика Колев за Би-би-си њуз.
– Знаеме што ќе се случи. Нема шанси да чекаме да видиме што ќе се случи натаму – додаде таа.
Во вторникот вечерта, разулавената толпа влезе во нејзината куќа и предизвика значителна штета. Нејзиното семејство ја напуштило куќата пред инцидентот – плашејќи се за својата безбедност – и ги гледало на Тикток преносите во живо од немирите во областа.
– Немаме веќе ништо внатре – телевизорот, софата, масата, сè што имаме е уништено. Моите деца се исплашени – рече таа.
Мика и нејзиниот партнер, кои имаат 15-годишен син и шестгодишна ќерка, се преселиле во Северна Ирска пред една деценија.
– Никогаш не сме предизвикале никакви проблеми. Ако некој од Бугарија или од Романија предизвика проблем, едноставно одете кај нив и соочете се со проблемот, а не со секого. Не е секој проблем во оваа земја. Тука сме веќе 10 години и работиме и плаќаме кирија веќе 10 години, одиме на училиште нормално, никогаш не правиме никакви проблеми – рече таа.
Како што објави „Блиц“, насилството прво избувнало во понеделникот по мирниот протест поради наводен сексуален напад врз девојка во градот за време на викендот. Двајца тинејџери се обвинети и разговарале преку романски преведувач на суд за да ги потврдат нивните имиња и возраст. Тие имаат 14 години. Нивниот адвокат рече дека тие ги негираат обвиненијата.
Потоа толпи народ се собраа во областа Клонавон Терас каде што се случил наводниот напад. Полицијата ги опиша немирите и насилството како „расистички хулиганизам“.
Како одговор на насилството, некои семејства поставија постери со нивните националности на влезните врати во обид да спречат напади врз нивните домови.
Мика рече: „Плаќам кирија, ова е мојата куќа. Се чувствувам како ова да е мојата земја, мојот град. Работам, живеам тука. Мојата ќерка е родена во оваа куќа, таа е среќна во училиште и ја обожава музиката од тука. Таа игра тука, има пасош за тука – се плаши. Морам да ги спречам моите деца да одат на училиште, морам да престанам да работам затоа што се селиме. Не е можно да останеме тука. Дали сите се среќни? Се случи она што го сакаа“.