Фото: ЕПА

Идеите на Фон дер Лајен и на Кошта целосно отфрлени во Копенхаген

  • Ниту една од идеите на највисоките функционери во Брисел не доби одобрение на самитот на ЕУ што се одржа во Копенхаген во средата

Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет имаат едно нешто заедничко – нивните идеи не се реализираат. Тоа стана многу очигледно дури и пред одржувањето на самитот на лидерите на Европската Унија во Копенхаген во средата, кој се протегна надвор од предвиденото време за завршување. Претседателите и премиерите ја искористија платформата за да инсистираат дека мора да се направи нешто во врска со воените закани, но без навистина да се постигне значителен консензус за тоа што точно треба да се стори.
Предлозите на шефицата на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се соочија со силен отпор: предлозите на Фон дер Лајен од најголемите и најмоќните земји на ЕУ како Германија, Франција и Италија, кои се природно претпазливи во врска со претерувањето на Комисијата, a предлозите на Кошта од Унгарија. Тоа покажува дека 27-те земји на блокот сè уште ги влечат конците во ЕУ.
Фон дер Лајен, која сè повеќе се претставува како „лицето на ЕУ“, се залагаше да добие поддршка во Копенхаген за воспоставување „ѕид од беспилотни летала“ што ќе детектира и соборува беспилотни летала што летаат преку источниот дел на Европа. Но тој концепт беше отфрлен од најголемите земји.

– Претпазлив сум – рече францускиот претседател Емануел Макрон, додавајќи дека „работите треба да бидат малку пософистицирани“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, го изрази своето противење и во салата на самитот, според тројца функционери. Се очекува идејата против беспилотни летала да се реобликува во поинаков концепт, веројатно и со различен назив.
Претседателот на Европскиот совет, кој е составен од 27-те влади на блокот, сакаше да го искористи самитот за да се заложи за договор за укинување на потребата сите членки да дадат согласност за пристапување нови земји во ЕУ. Идејата беше да се олесни пристапувањето на Украина и Молдавија, надминувајќи го противењето на одредени членки како Унгарија. Но ниту тоа не се оствари. Во салата на самитот, унгарскиот премиер Виктор Орбан ја отфрли идејата, според тројца дипломати запознаени со дискусиите во Копенхаген. А не се очекуваат значителни промени ниту за прописите за гласање во ЕУ.
Лидерите одлучија дека треба да продолжат со работата за наоѓање начин за користење на руските средства во вредност од 140 милијарди евра, кои се замрзнати во Европа по избувнувањето на војната во 2022 година, заради финансирање на Украина. Тие исто така ја повторија својата решеност да најдат начин за справување со упадите од беспилотни летала во европскиот воздушен простор, но без да понудат конкретни решенија.

Една од причините зошто лидерскиот двоец од ЕУ имаше намера да се истакне во прв план беше затоа што Фон дер Лајен и Кошта се борат за релевантност, односно за да докажат оти тие лично прават сè што можат за да ѝ помогнат на Украина, според дипломатски извори.
Иако Фон дер Лајен даде многу предлози за зајакнување на одбраната на ЕУ, ова прашање останува клучен дел од индивидуалните овластувања на националните влади. Најголемите земји на блокот не сакаат Комисијата да им ги одземе овластувањата.
Двајца дипломати рекоа дека Кошта сакаше да покаже оти и тој може да игра лидерска улога. Досега тој играше главно споредна улога, оставајќи ја Фон дер Лајен да ужива во центарот на вниманието.
Самитот покажа и дека најмоќните национални лидери во Европа сè уште го имаат последниот збор, а тоа понекогаш може да биде вознемирувачко за оние што ја управуваат машинеријата на блокот во Брисел.