Клубови од ниту една држава никогаш не ги освоиле ЛШ, ЛЕ и Конференциската лига во иста сезона (иако втората е само во својата четврта година од постење). Но тоа сепак може да се случи сезонава со Англија, оти има претставници во сите полуфиналиња, пишува „Би-би-си“
ФУДБАЛ
Англиските клубови Манчестер јунајтед и Тотенхем направија огромен чекор кон пласман во финалето на Лигата на Европа (ЛЕ) со победите во првите полуфинални натпревари. Манчестер јунајтед славеше неочекувано убедливо со 3-0 на гости кај шпански Атлетик Билбао, кој патем е и домаќин на финалето на 21 мај, додека Тотенхем го совлада Бодо/Глимт со 3-1 во Лондон. Статистичарите на Опта сега му даваат на Манчестер јунајтед 97 отсто шанси да стигне до финалето, а на Тотенхем 91 отсто, што значи 88 отсто е веројатноста двата тима да бидат таму. Тоа би претставувало само шесто целосно англиско финале во кое било големо европско натпреварување, при што во половина од нив би бил вклучен Тотенхем, но и фактот дека шест англиски тима ќе се натпреваруваат во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона, пишува лондонски „Би-би-си“.
Податоците на Опта даваат само 12 отсто шанси да не се случи англиско финале. Победата на Манчестер јунајтед со 3-0 над Атлетик Билбао, кој е четврти во тамошната Ла лига, беше многу импресивна и тие ќе се надеваат дека предноста на домашен терен следната недела значи и дека ќе ја остварат поставената цел. Тотенхем можеби ќе чувствува дека работата не е баш целосно завршена. Стапката на победи на норвешкиот тим Бодо/Глимт дома во ЛЕ од сезоната 2022-2023 па наваму е 70 отсто, во споредба со девет отсто на гостински терен.
ЗОШТО АНГЛИЈА БИ ГО ДОБИЛА ШЕСТОТО МЕСТО ВО ЛШ?
Победникот на ЛЕ оди во ЛШ следната сезона, без оглед на тоа каде ќе заврши на домашната лига. Значи, финалето на Манчестер јунајтед против Тотенхем би му гарантирало на победникот враќање меѓу најквалитетните во европскиот фудбал. Ова правило му оди во прилог на Манчестер јунајтед, кој е на 14-то, и на Тотенхем, кој е на 16-то место во Премиер-лигата, и двата клуба со повеќе од 20 бода заостаток зад петтото место. Без да ја освојат ЛЕ ниту еден од нив нема да биде во кое било европско натпреварување следната сезона. Тоа нема да има никаков ефект врз другите англиски тимови, при што првите пет имаат загарантирано место во ЛШ низ тамошното првенство. Тоа петто место дојде како резултат на настапите на англиските клубови во Европа сезонава.
Клубови од ниту една држава никогаш не ги освоиле ЛШ, ЛЕ и Конференциската лига во иста сезона (иако втората е само во својата четврта година од постење). Но тоа сепак може да се случи сезонава со Англија, оти има претставници во сите полуфиналиња. Најмала шанса (12,1 отсто според Опта) му се дава на Арсенал, кој загуби со 0-1 на свој терен од францускиот претставник ПСЖ во првиот полуфинален натпревар во ЛШ. Во Конференциската лига, лондонски Челзи изгледаше како веројатен победник во текот на целата сезона. Тие победија со 4-1 на гости кај Ѓургарден во нивниот прв полуфинален натпревар, пишува „Би-би-си“.
КОИ БЕА ДРУГИТЕ АНГЛИСКИ ФИНАЛИЊА
Во првиот Куп на УЕФА, во 1971-1972, во финалето од два натпревара играа Тотенхем и Вулверхемптон. Тотенхем го добија првиот дуел со 2-1 во Молина, со двата гола на Мартин Чиверс, и ремизираа 1-1 на „Вајт Харт Лејн“ две недели подоцна. Беше потребно да минат 36 години за следното англиско финале, кое се случи во ЛШ 2007-2008, кога Манчестер јунајтед го победи Челзи на пенали во Москва. Кристијано Роналдо и Френк Лампард ги постигнаа головите пред изведувањето на пеналите, кое беше најдобро запаметено по промашувањето на Џон Тери, откако се лизна на тревата.
Имаше две целосно англиски финалиња во сезоната 2018-2019. Ливерпул го победи Тотенхем со 2-0 во ЛШ во Мадрид, со головите на Мохамед Салах и Дивок Ориги, додека Челзи го совлада Арсенал со 4-1 во Баку, Азербејџан, во ЛЕ, при што Еден Азар постигна два гола во својот последен натпревар за клубот. Две години подоцна, Челзи го победи Манчестер сити со 1-0 во ЛШ, а Каи Хаверц го постигна единствениот гол во финалето одиграно во Порто, пишува „Би-би-си“. Г.И.
Полуфинале, прв натпревар
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Арсенал – ПСЖ 0-1
Барселона – Интер 3-3
ЛИГА ЕВРОПА
Атлетик Б. – Манчестер Ј. 0-3
Тотенхем – Бодо/Глимт 3-1
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Бетис – Фиорентина 2-1
Ѓургарден – Челси 1-4