Фото: ЕПА

Резултатите сугерираат дека „молекулите на водата можат да опстојуваат во форма на хидрирани соли во области на Месечината осветлени од сонце“

Кинеските научници потврдија големо откритие

Примероците донесени на Земјата од сондата Чанг’e-5 содржат вода во форма на хидрирани соли, потврдија кинеските научници што работат со нив, што оди и во прилог на претходните студии. Но сега станува збор за географски широчини на Месечината, кои вообичаено се добро осветлени од Сонцето, додека претходно се веруваше дека таму не може да биде зачувана вода.
Пронајдените траги од вода, од страна на кинеската лунарна сонда, се во примероци од лунарна почва, според информациите од научниците. Вселенската мисијата на Чанг’e-5 заврши во 2020 година, кога леталото се врати на Земјата со примероци од карпи и почва од Месечината. Група научници од кинеските универзитети, во списанието „Нејчр астрономи“ објавено неделава, напишаа дека примероците од Месечината откриле присуство на траги од вода.
Постоењето на вода на Месечината беше потврдено во 2020 година од инфрацрвениот детектор на Американската вселенска агенција (НАСА), а научниците пронајдоа траги од вода во неодамнешните анализи на примероците што датираат од 60-тите и 70-тите години од минатиот век.
Меѓутоа, примероците на Чанг’e-5 обезбедуваат нови индиции за тоа каква форма има водата на површината на Месечината, бидејќи доаѓаат од „значително повисоки географски широчини“, како што посочија кинеските научници. Резултатите сугерираат дека „молекулите на водата можат да опстојуваат во форма на хидрирани соли во области на Месечината осветлени од сонце“.
Мисијата Чанг’e-5 беше прва во светот за собирање примероци од Месечината во последните четири децении. Таа следуваше по историското прво слетување на Чанг’e-5 на темната страна на Месечината во јануари 2019 година. А лунарната сонда Чанг’e-6 минатиот месец ја заврши својата мисија, собирајќи ги првите примероци од темната страна на Месечината.
Кина во текот на изминатата деценија вложи огромни ресурси за амбициозни проекти во својата вселенска програма. Кина изгради вселенска станица и стана третата земја што испрати астронаути во орбитата, а има цел да испрати екипаж на Месечината до 2030 година, каде што планира да изгради база на нејзината површина.