Анџелина Џоли и Пабло Лараин

Биографскиот филм на Пабло Лараин, „Марија“, ќе пристигне во кината на 19 февруари, а ние успеавме да дознаеме како славниот режисер се осмелил да преземе ваков потфат и како е да се соработува со Анџелина Џоли, која ја толкува насловната улога

Разговор со Пабло Лараин, режисерот на биографскиот филм „Марија“, посветен на оперската дива

Чилеанскиот режисер Пабло Лараин уште од мал бил љубител на операта, која во неговиот живот ја вовела мајка му. Тој израснал посетувајќи ја операта во Сантијаго со своето семејство. Операта, според него, е „облик на трансценденција и форма на изразување емоции што не можете да ги кажете со зборови“. Затоа, не е невообичаено што по успехот на неговите биографски дела „Спенсер“ и „Џеки“, решил да сними филм за една оперска дива, познатата Марија Калас.
За него таа беше „некој што имаше глас на ангел“ и сакаше да дознае повеќе за нејзиниот живот. „Марија“ е неговиот прв филм посветен на уметник и тој создаде поинаков начин да се поврзе со ликот и приказната на личноста за која снима филм.

Секогаш пееше за другите

Многу од оперите во кои настапи Марија Калас се трагедии, па често главниот лик е мртов во последната сцена.
– Наративите на тие опери се многу различни од нејзиниот живот, но сфатив дека секогаш постоел мост меѓу неа и ликовите – вели Лараин како негова прва опсервација во текот на процесот.
Кога по проектот „Спенсер“ го поканил сценаристот Стивен Најт повторно да соработуваат, Лараин сфатил дека и тој е голем љубител на операта. Тој им предложи да снимат филм за последната недела од животот на Марија Калас и тие се впуштија во опсежно истражување.
– Кога разговарав со Анџелина и Стивен, сфативме дека ова е филм за некој што никогаш не бил жртва. Зборуваме за некој што ја контролира својата волја и судбина, знае што сака да прави и како сака да го направи тоа – вели Лараин.
Тој наведува дека Марија Калас сиот свој живот пеела за другите.
– Таа секогаш се обидуваше да му угоди некому. На крајот на филмот, на крајот од својот живот, таа одлучува да го направи тоа за себе. Таа се обидува да пее за себе. Значи, ова е филм за некој што сака да си го најде својот глас и да го разбере својот идентитет. Тоа е прослава на нејзиниот живот – истакна тој.
Лараин смета дека Калас многу страдала и имала многу тажни моменти. Била искрено среќна само на сцената. Таа така си ги исполнила срцето и душата.

Без сожалување

– Таа во еден миг сфаќа дека нејзиниот глас нема да биде доволно силен за да настапи на највисоко ниво, единственото ниво што би можела да го прифати. Филмот ги опишува тешкотиите на некој што го изгубил елементот, што не само што ја направил славна туку и го создал она што таа го претставува на сите човечки нивоа. Но ние не ја гледаме со сожалување и мислам дека публиката не треба да ја жали. Мислам дека публиката ќе разбере која беше таа и зошто го направивме тоа како што го направивме, со една прекрасна изведба како онаа на Анџелина (се мисли на Анџелина Џоли – н.з.) – се надева режисерот.
Лараин има само пофални зборови за талентот и трудот на Анџелина Џоли.
– Постои ниво на кревкост, чувствителност и интелигенција што ги има Анџелина, што навистина може да направи разлика. Имате чувство дека таа исчезнува во улогата и може да се изгубите во филмот и брзо да заборавите дека ја гледате Енџи. Потребен е многу моќен и огромен талент, очигледно, но и некој што има посветеност, дисциплина и ранливост да го направи тоа – објаснува Лараин.
Анџелина всушност пееше, а потоа нејзиниот глас ќе се искомбинира со снимки од оперската дива чиј лик таа го толкуваше.

И Анџелина пееше на цел глас

– Тука нема чудесна технологија. Навистина станува збор за работата на Анџелина и начинот на кој успеавме да ја снимиме и да го доловиме звукот. Анџелина била целосно изложена на пеење, понекогаш пред 200 луѓе или 500 статисти, и самата морала да пее гласно, а луѓето би го слушнале само нејзиниот глас. Ќе ставев слушалки, ќе ја слушав оркестрацијата, малку Калас и малку Енџи, па некако миксав во живо. Но таа беше метафорично гола, со мудар глас, пред стотици луѓе. На почетокот ѝ беше тешко. Таа речиси ѝ се извини на екипата, но сите ѝ кажуваа: „Ајде, тоа е неверојатно. Само продолжи понатаму“. Сите ја сакаа затоа што, не само што се снајде добро, туку беше и толку храбра – посочува Лараин.
Аристотел Оназис и Џон Ф. Кенеди се ликови што го поврзуваат овој со претходниот филм на Лараин, „Џеки“. Сепак, тој нагласува дека двата филма се исто така поврзани бидејќи и Марија и Џеклин Кенеди биле многу силни жени, кои ги воделе своите животи онака како што сакале (меѓу нив режисерот ја вклучува и Дијана Спенсер).

Марија Калас

Борете се за свој простор

– Тие беа поврзани, не само преку Оназис или Кенеди, туку најмногу преку светот во кој живееја, кој беше многу машки. И тие мораа да се борат да најдат свој простор – наведува режисерот
На прашањето дали мисли дека некои од острите јавни критики со кои се соочила Марија Калас се токму поради тоа што е жена, Лараин одговара дека ја критикувале поради фактот што била темпераментна жена што не толерира непрофесионални работи.
Никој не зборуваше ништо за темпераментните мажи како Оназис, само затоа што се мажи.
– Марија беше силна жена во моменти кога тоа навистина не се толерираше. Таа го кажа она што го мисли. Беше отворена, немаше страв, само ќе кажеше што сака и ќе го изведеше тоа на најдобар можен начин до максимален капацитет и стана икона. Луѓето едноставно не се навикнати на тоа. Но парадоксот е во тоа што иако беше толку критикувана, таа стана тоа што е. Таа стана непристапна дива, а тоа создаде глад за нејзината музика и за нејзиниот приватен живот. Така, четири децении беше на насловните страници за трачеви и оперски списанија. Беше апсолутно необично – заклучува Лараин.