Горан Анастасовски

Во текстот под наслов „Фотограф на дивиот свет документира нежна прегратка“ (A wildlife photographer documents a tender embrace), „Си-ен-ен“ ја раскажува приказната за моментот што го улови фотографот Горан Анастасовски – нежната и интимна прегратка меѓу бебе гибон и неговата мајка, сцена што редакцијата ја опишува како „чиста љубов“

Кога светски медиум како „Си-ен-ен“ ќе објави дела на македонски фотограф, тоа не е само личен успех туку е национална победа. Оваа недела, „Си-ен-ен“ на арапски јазик го објави интервјуто со фотографот Горан Анастасовски, чија работа повторно ја постави Македонија на глобалната мапа на визуелната уметност.
Во текстот под наслов „Фотограф на дивиот свет документира нежна прегратка“ (A wildlife photographer documents a tender embrace), „Си-ен-ен“ ја раскажува приказната за моментот што го улови Анастасовски – нежната и интимна прегратка меѓу бебе гибон и неговата мајка, сцена што редакцијата ја опишува како „чиста љубов“.
– Чувствував дека сум сведок на чиста љубов, без никаква претензија или договор, само сурови емоции… Тоа беше навистина човечка сцена, која ја одразува потребата на секое живо суштество за сигурност, топлина и безрезервна љубов – раскажува Анастасовски во интервјуто.
Овој цитат, кој „Си-ен-ен“ го истакнува централно во текстот, ја опишува суштината на фотографијата – момент што надминува видови, јазици и култури.
„Си-ен-ен“ го објаснува и контекстот: гибоните се познати по нивните цврсти семејни врски, моногамни односи и неверојатно изразни очи. Токму затоа фотографијата има толку силен ефект – тие навистина знаат да кажат многу со погледот.
Фотографиите се направени во Зоолошката градина во Скопје, каде што Анастасовски со години внимателно ги следи животните и нивното однесување. Тој ја открива и тешката страна на процесот: „Бебето гибон беше многу мало, силно се гушкаше со мајка си и повремено го криеше лицето во нејзиното крзно, гледајќи наоколу со љубопитност и невиност“.

Фото: Горан Анастасовски

Во текстот се објаснува дека Анастасовски прво се соочил со голем предизвик – како да ја стекне довербата на овие чувствителни, брзи и срамежливи животни. Потребни биле долги часови трпение, тишина и чекање. Освен тоа, светлината претставувала уште една пречка, бидејќи гибоните најчесто остануваат во сенките.
И покрај тоа што сцената траела само неколку минути, „Си-ен-ен“ забележува: „Секунда по секунда носеше уникатен шарм“.
Фотографиите предизвикаа огромни реакции на социјалните мрежи. Кралот на камерата е прекар што „Си-ен-ен“ го пренесува директно во својот текст како признание за неговиот стил и препознатлив печат.
Во интервјуто, Анастасовски додава: „Сцената ми даде чувство на мир и топлина… Овие чувства не бараат превод. Тоа е љубов во нејзината најчиста форма“.
На крајот, тој испраќа порака што „Си-ен-ен“ ја пренесува во целост – порака што е еднакво уметничка и етичка: „Сакам луѓето да запомнат дека животните имаат чувства исто како нас. Тие сакаат, ги штитат оние што ги сакаат, се плашат, тагуваат. Ако луѓето ја почувствуваат љубовта што ја покажуваат овие фотографии, можеби ќе научат и да ги почитуваат и да ги заштитуваат овие прекрасни суштества“.

Со ова интервју, Анастасовски не само што ја претстави својата фотографија – туку тој испрати универзална порака што одѕвонува далеку надвор од границите на Македонија.
Ова не е само вест. Ова е доказ дека Македонија – малата земја на Балканот – создава големи приказни што го допираат светот.