Фото: ЕПА

Американските власти соопштија дека венецуелските испораки на кокаин придонесуваат за смртни случаи од предозирање во САД и дека кокаинот често е измешан со фентанил. Тие го обвинуваат венецуелскиот лидер Николас Мадуро за надгледување наркокартел. Мадуро, пак, на прес-конференција во главниот град Каракас, го нарече поморското засилување од присуството на САД „најголемата закана што ја видел нашиот континент во последните сто години“

Тензично помеѓу САД и Венецуела

САД распоредија неколку воени брода и илјадници војници во близината на венецуелските води. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп вели дека военото засилување има цел да нишани на венецуелските испораки на дрога во САД. Трамп во вторникот изјави дека американските сили убиле 11 лица во напад врз брод во јужниот дел на Карибите, за кој рече дека превезувал дрога од Венецуела. Тој објави видео за кое соопшти дека го прикажува нападот, а владата на Венецуела тврдеше, без да понуди докази, дека видеото е направено со вештачка интелигенција.
Американските претставници изјавија дека венецуелските испораки на кокаин придонесуваат за смртни случаи од предозирање во САД и дека кокаинот често е измешан со фентанил. Тие го обвинуваат венецуелскиот лидер Николас Мадуро за надгледување на операциите на наркокартел. Мадуро, на прес-конференција во главниот град Каракас во понеделникот, го нарече поморското засилување на САД „најголема закана што ја видел нашиот континент во последните сто години“.

Каква е точно улогата на Венецуела во трговијата со дрога?

Венецуела не произведува значителни количества кокаин, но се смета дека помага во неговото транспортирање низ целиот свет, служејќи како транзитен центар. Долгата порозна граница на земјата со Колумбија, најголемиот производител во светот, и долгото крајбрежје им овозможуваат на трговците со дрога пристап до глобалните пазари.
Слабите државни институции и широкораспространетата корупција во Венецуела ја вкоренија трговијата. Обвиненијата на САД и протечените колумбиски записи ги опишуваат венецуелските безбедносни сили како надгледувачи на испораки на дрога вредни милијарди долари. Процените на САД во 2020 година покажаа дека 200-250 метрички тони кокаин годишно поминувале низ Венецуела – приближно 10-13 проценти од глобалната понуда.
Но, други земји имаат многу поголема улога во тековите на кокаинот. Во 2018 година, 1.400 метрички тони кокаин се движеле низ Гватемала, покажуваат податоците од САД. А домашното одгледување кокаин во Венецуела е занемарливо, велат експертите.
За разлика од мексиканските картели, венецуелските банди повеќе се потпираат на локална изнуда отколку на трговија со дрога за да заработат пари, според Дејвид А. Смилде, социолог што го проучува насилството во Венецуела на Универзитетот „Тулан“.
Венецуела практично нема никаква улога во трговијата со фентанил, кој речиси целосно се произведува во Мексико, според американската Администрација за спроведување на законите за дрога, Министерството за правда и Конгресната истражувачка служба. Мексико е блиску до американскиот пазар, а мексиканските картели веќе контролираат многу правци за шверц на фентанил. Нема докази дека фентанилот е произведен или тргуван од Венецуела или од кое било друго место во Јужна Америка.
Иако американскиот кокаин понекогаш покажува траги од фентанил, според студиите на ДЕА и академските студии, експертите велат дека секое такво комбинирање наркотици би се случило во Мексико или во рамките на САД, а не во Јужна Америка.
Американските надлежни служби го обвинија претседателот на Венецуела дека го предводи картелот на сонцето, термин што се користи за да се опишат мрежи на воени и политички елити што профитираат од шверц на дрога и други нелегални трговии.
Во 2020 година Министерството за правда на САД го обвини Мадуро заедно со 14 соучесници за заговор со колумбиски вооружени групи за испорака на кокаин во САД, тврдејќи дека тој лично преговарал за пратки и им снабдувал оружје на трговците со луѓе.
Мадуро не се соочил со судење, а многу од обвиненијата остануваат недокажани. Но аналитичарите велат дека нелегалните приходи – од коруптивни договори, трговија со дрога, нелегално рударство на злато и пренасочување средства наменети за државни програми, помагаат да обезбеди лојалност и да се одржи неговото владеење. Овие средства одат кај Мадуро и неговиот најблизок круг, велат експертите, вклучувајќи ги вооружените сили и партиските елити, што се смета за пример за тоа како функционира картелот на сонцето.
Експертите велат дека картелот на сонцето не е картел во конвенционална смисла, туку кратенка за криминалниот систем на покровителство на Венецуела. Фразата, која се користи од 1990-тите, се однесува на ознаките на сонцето што ги носат венецуелските генерали што се вмешани во трговија со кокаин.
– Нема никој што би рекол јас сум дел од картелот на сонцето. Всушност, тоа е само еден вид фикција што стана урбана легенда – објаснува Смилде.
Венецуелските функционери долго време имаат врски, велат познавачите на состојбите, со колумбиските вооружени групи вклучени во кокаин, прво со Револуционерните вооружени сили на Колумбија, или ФАРК, а од неодамна и со Националната ослободителна армија, или ЕЛН, која има операции во Венецуела. Неколку поранешни високи функционери што ги прекинале врските со владата ги обвинија врвните лидери дека дозволуваат или директно учествуваат во трговијата со дрога. Главната обвинителка Пeм Бонди неодамна објави награда од 50 милиони долари за информации што доведоа до апсење на Мадуро.
– Тој е еден од најголемите трговци со наркотици во светот и закана за нашата национална безбедност – рече таа минатиот месец.
Малку е веројатно дека засилувањето на американската морнарица ќе придонесе за значително спречување на шверцот на дрога. Поголемиот дел од кокаинот наменет за САД се движи низ Пацификот, а не низ Карибите, според податоците од Колумбија, САД и Обединетите нации. Околу 74 проценти од пратките на кокаин во 2019 година биле транспортирани низ Пацификот, главно од Колумбија и Еквадор, во споредба со 24 проценти низ Карибите, според податоците на ДЕА.
– Пацифичкиот коридор се етаблираше како главна транзитна рута за кокаин до Северна Америка – објави колумбиската морнарица оваа година, при што патиштата на кокаин се дифузни и отпорни, а САД не успеаја да ги прекинат и покрај децениските напори и милијардите долари.

Демонстрација на сила или борба против трговијата со дрога?

Се чини дека американскиот напад врз бродот има цел да истакне поента. Аналитичарите велат дека распоредувањето на бродовите било повеќе демонстрација на сила отколку стратегија против дрога. Џеф Ремзи, виш соработник за Венецуела во Атлантскиот совет (истражувачки институт во Вашингтон), рече дека Трамп, кој водеше кампања за прекинување на војните, веројатно нема да ја нападне Венецуела.
– Ова е помалку операција против наркотици, а повеќе демонстрација на сила. На крајот на краиштата, ова е обид да за ѕвечкање со оружје и да се види што ќе произлезе од тоа. Овој потег, исто така, влијае и на домашната политика – посочи Ремзи.
Многу венецуелски и кубански гласачи во Јужна Флорида, кои се противат на какви било деловни врски меѓу Венецуела и САД, беа налутени од одлуката на администрацијата на Трамп да му дозволи на „Шеврон“ да ги рестартира нафтените операции во Венецуела и од директните преговори што доведоа до продолжување на летовите за депортација во Каракас. Нафтата е главен извор на приходи за Венецуела. Двете случувања беа сметани за знак на затоплување на односите што му доделија легитимитет на Мадуро.


Распоредувањето на морнаричките сили на САД има двојна улога

Засилувањето на поморските сили обезбедува начин да се демонстрира цврстина без да се загрози политиката на САД, велат аналитичарите. Овој потег би можел да обезбеди и друга предност. Трамп се повика на Законот за странци-непријатели, кој се воведува во време на воена состојба, за да ги депортира Венецуелците без соодветна постапка. Американскиот федерален апелациски суд во вторникот ја отфрли употребата на законот за протерување на Венецуелците, велејќи дека законот не се применува со оглед на тоа што САД не се во војна со Венецуела. Врховниот суд веројатно ќе ја донесе конечната одлука за ова прашање.
– Администрацијата на Трамп би можела да го искористи распоредувањето на морнаричките сили и нападот врз бродот за да го оправда користењето на законот, особено ако Венецуела возврати. Тогаш е веродостојно за нив да кажат „имаме отворен конфликт со Венецуела“ – вели Смилде.