Нема причина да се верува дека ова последно очигледно искуство со закана од атентат ќе го промени Трамп или, пак, неговиот став кон сопствената безбедност
Бев на читањето на книгата на отуѓената внука на Доналд Трамп, Мери Трамп, само еден ден пред одреден човек, наводно, да чека во грмушките на Флорида со намера, како што се сомневаат властите, да го убие поранешниот американски претседател.
Мери Трамп, демократка и жестока критичарка на нејзиниот вујко, смета дека со своето богатство, Трамп може да оди каде било во светот, но тој избра да го помине своето време на својот терен за голф во Бедминстер, Њу Џерси.
Коментарот предизвика смеа кај толпата собрана во книжарницата во Вашингтон, во која очигледно беа собрани повеќе обожаватели на Мери отколку на Доналд.
ТРАМП САКА ДА ИГРА ГОЛФ
Доналд Трамп поседува 16 терени за голф, од кои повеќето се во САД, но и во Шкотска, Република Ирска и во Обединетите Арапски Емирати.
Кога е во неговата резиденција на Флорида, Мар-а-Лаго, поддржувачите знаат дека можат да го видат како поминува неколку километри на неговиот терен за голф во Вест Палм Бич.
Се чини дека и Рајан Весли Рут (осомничениот атентатор – н.з.) го знаел тоа. Според судските документи, првичната анализа на телефонот на 58-годишниот осомничен сугерира дека тој бил во близината на теренот за голф до 12 часа пред агент на американската Тајна служба да ја забележи цевката од пушка, која се гледала низ оградата, што го натерало да испука неколку куршуми во нејзин правец.
Како да заштитите политичар на терен за голф? Кога ќе се приближите до теренот за голф, не е тешко да се замисли колку е значаен предизвик заштитата на Трамп додека тој се движи преку теренот. Теренот со 18 дупки зафаќа 133 хектари, се наведува на веб-страницата на голф-клубот.
Поширокото подрачје околу теренот, според нашите пресметки, е блиску до 4,5 километри, при што одредени делови се веднаш покрај главните патишта. Шерифот на Палм Бич, Рик Бредшо, сугерираше дека доколку Трамп беше сегашниот претседател, а не поранешниот, „целиот терен за голф“ ќе беше опкружен со обезбедување.
Вршителот на должноста шеф на Тајната служба, Роналд Роу, инсистира дека агенцијата направила сѐ што можела на тој терен за голф.
– Агентот што визуелно го надгледува пределот го виде субјектот вооружен со пушка и веднаш го активира огненото оружје. Субјектот, кој немаше видливост кон поранешниот претседател, побегна од местото на настанот. Тој не пукаше кон целта, ниту возврати на огнот на нашиот агент, а блиската заштита на поранешниот претседател веднаш го евакуира претседателот на безбедно место. Заштитните методологии на Тајната служба беа ефективни – рече Роу.
Секое ново регрутирање на персонал, обучен и подготвен за работа, пред изборите во ноември би било тешко, без разлика на следната посета на Трамп на терен за голф. Затоа што е тешко дека Трамп ќе биде одвратен од голфот, дури и ако тоа предизвикува главоболки за неговиот тим за заштита и очигледно претставува значителен ризик.
Податоците од мобилниот телефон на осомничениот, според изјавата на ФБИ, го ставаат на местото на настанот од 1.59 часот до негово забележување во 13.31 часот.
Посетата на Трамп на теренот за голф можеби беше очекувана на сончев неделен ден, но не беше закажана.
Пластична ќеса со храна била меѓу предметите пронајдени на местото во грмушките каде што наводниот атентатор чекал цела ноќ.
СЕ ЧИНИ ДЕКА ОСОМНИЧЕНИОТ АТЕНТАТОР ИМАЛ ПЛАН
Обезбедувањето на областа би вклучувало темелно пребарување на целата област неколку часа пред Трамп да пристигне во голф-клубот и надгледувањето да продолжи во текот на целиот негов престој.
Други претседателски кандидати би можеле да бидат убедени да го променат своето однесување како одговор на два наводни обида за атентат и врз основа на генерално зголеменото ниво на закана, при што се проценува дека политичкото насилство е највисоко во последните децении.
Но, ова е Трамп, кој раскрварен на бината на митингот во Пенсилванија ја крена тупаницата во воздух, велејќи „борете се, борете се, борете се“, откако куршумот на атентаторот му го повреди увото во јули.
Да се види дека се крие не би било во согласност со имиџот на моќниот човек што тој се обиде да го прикаже на својата лојална база на поддржувачи. Трамп постојано се „наежува“ на обидите да го зауздат.
„Трамп нека биде Трамп“ е мантрата на поранешниот менаџер на кампањата Кори Левандовски, кој неодамна беше вратен во тимот. Се смета дека присуството на контроверзниот Левандовски му се допаѓа на Трамп, токму бидејќи тој го зазема овој начин на размислување. Обидите на другите советници да го натераат републиканскиот кандидат да се задржи на политичките пораки и да остане дисциплиниран во кампањата продолжуваат да пропаѓаат, често со комични резултати.
– Тие ми велат дека треба да бидам добар – рече Трамп минатиот месец за неговиот персонал на прес-конференција одржана во неговиот голф-клуб во Њу Џерси.
Тој зборуваше за неговите напади врз неговата противкандидатка, демократката Камала Харис.
– Мислам дека имам право на лични напади. Немам голема почит кон неа – рече поранешниот претседател.
Вреди да се напомене дека ова беше неделата откако Трамп беше осуден во Њујорк во случај на премолчување на исплата, во кој беше вклучена наводна сексуална врска со актерка од филмови за возрасни.
Кога беше изречена пресудата за вина кон крајот на мај, се чинеше дека тоа може да биде најдраматичното нешто што ќе се случи, во трката што се обликуваше како неинспиративно прегласување на претседателските избори во САД од 2020 година. Колку погрешивме сите.
Изрекувањето на пресудата во случајот во Њујорк првично беше одложено бидејќи судијата Хуан Мерчан ја разгледуваше одлуката на Врховниот суд за параметрите на претседателскиот имунитет. На почетокот на овој месец, судијата Мерчан одлучи да го одложи рочиштето за по изборите во ноември, со цел да „избегне какво било мислење, колку и да е неоправдано, дека постапката била засегната или дека има намера да влијае на претстојните претседателски избори, на кои обвинетиот е кандидат“.
Се чини дека Трамп повторно имаше среќа и изборната трка продолжи. Помеѓу таа пресуда во мај и сега имаше дебата што ѝ стави крај на политичката кариера на Џо Бајден, обид за атентат врз Трамп, доцна промена на кандидатот на демократите, а сега втор очигледен обид за атентат врз поранешниот претседател. Ниту еден од овие навидум сеизмички настани воопшто не ја помести состојбата во анкетите.
Дали овие настани ќе влијаат врз претседателската трка? Сите индикации се дека ова останува многу тесна трка за која ќе одлучуваат релативно мал број гласачи во неколку неодлучени сојузни држави.
И покрај наративот што таборот на Трамп го објави по пукањето во Батлер, Пенсилванија, дека тој е променет човек, тоа не изгледа како точно. Откако кратко време зборуваше со тивки тонови за единство на републиканската национална конвенција, се чинеше дека пред нашите очи се врати во неговата позната форма.
Нема причина да се верува дека ова последно очигледно искуство со закана од атентат ќе го промени Трамп или, пак, неговиот став кон сопствената безбедност. На 5 ноември гласачите ќе одлучат дали да му дадат уште една шанса на Трамп во Белата куќа.