Прв чекор кон создавање револуционерна вселенска мрежа од суперкомпјутери
Кина го направи првиот чекор кон создавање револуционерна вселенска мрежа од суперкомпјутери, со лансирањето 12 сателити опремени со вештачка интелигенција (ВИ). Ова претставува почеток на амбициозниот проект „Стар компјут“ на кинеската компанија „АДА спејс“, кој предвидува орбитална констелација од дури 2.800 сателити, што ќе работат како суперкомпјутер во вселената.
Сателитите се развиени во соработка со лабораторијата „Жеџијанг“ и „Нејџанг хај-тек зон“ и се дизајнирани да функционираат самостојно – обработуваат податоци директно на орбитата, без потреба од пренос до копнени станици. Овој пристап значително ќе ја забрза анализа на податоци и ќе овозможи брзи одговори во реално време.
Секој сателит содржи вграден модел ВИ со осум милијарди параметри и е способен за 744 тераоперации во секунда (ТОПС), што е драстично повеќе од перформансите на земјените уреди како „мајкрософт копајлот“, кој достигнува околу 40 ТОПС. Целта на проектот е изградба на орбитален суперкомпјутер што ќе достигне неверојатни 1.000 пет операции во секунда (ПОПС).
Сателитите користат ласерска комуникација со брзина од 100 Гбпс и заеднички делат капацитет од 30 терабајти за складирање податоци. Покрај тоа, опремени се со напредни сензори, како поларизирачки рендгенски детектори, што ќе овозможат собирање дигитални податоци применливи во различни области, вклучувајќи вонредни ситуации, индустријата на компјутерските игри, туризмот и повеќе.
Ова лансирање претставува значаен чекор во амбициите на Кина да стане лидер во примената на вештачка интелигенција и суперкомпјутерски капацитети на глобално ниво – не само на Земјата туку и во вселената.