Фото: Нова Македонија / Архива

Не откажувајќи се од намерата да се претстави како „лидер на сите Албанци“, Албин Курти реши да ја води својата листа на изборите во С. Македонија, покрај во Косово и Метохија и во Албанија. Тоа потврдува дека тој и неговото Самоопределување од самиот почеток имаат поширока амбиција од т.н. независност на самопрогласеното Косово. Особено по минатогодишното гостување на Курти на Тетово, кога на средбата на која учествуваше беа истакнати обележја на „голема Албанија“. Социологот Владимир Вулетиќ оцени дека т.н. независност на Косово е само првиот чекор кон конечното решение на албанското национално прашање, како што тоа го замислува Курти. – Хомогена национална држава што ги вклучува сите Албанци е една од нескриените цели на Курти и Самоопределување – вели Вулетиќ, потсетувајќи дека тоа е начинот на решавање на националното прашање како што важело во 19 век.
Тој посочи дека сѐ додека меѓународниот поредок е ваков, ништо не може да се направи за тоа, но дека кога ќе видиме дека доаѓа време кога се тестира целиот глобален поредок, кога има тензии и конфликти во различни делови на светот, тоа може сериозно да ги разгори тензиите, и тогаш веќе не е проблем за Србија, туку проблем за Грција, Црна Гора, Северна Македонија…
– Тоа тогаш на одреден начин ги хомогенизира не само Албанците туку и сите оние што би биле загрозени од ваквата политика на Курти – вели Вулетиќ.
Тој додава дека обидот за дестабилизација на Македонија ќе биде јасен сигнал за другите влади во регионот и предупредување дека ова не е крајот на амбициите на Курти. Сепак, вели Вулетиќ, Курти на овој начин првенствено се обидува да ја зајакне својата позиција во однос на Белград.
– Неговата порака е – ако не дозволите или не ни помогнете веднаш и сега да го решиме прашањето за независноста на Косово, тогаш ќе го запалиме целиот Балкан – објасни Вулетиќ за „Косово онлајн“. Тој потсетува дека и во поранешна Југославија, Косово беше почетната капсула по која се разбудија апетитите на другите републики. Сега, предупредува тој, проширувањето на „албанското прашање“ на целиот Балкан може да влијае на безбедноста на целиот регион.
Историчарот Александар Гуџиќ смета дека Курти сака да се наметне како лидер на сите Албанци на Балканот.
– Само така можеме да го коментираме фактот дека Самоопределување има намера да излезе на изборите во Македонија. Тоа јасно укажува на желбата на Курти да стане лидер на Албанците на Балканот. Тој е најпопуларниот политичар во Косово, има најголема поддршка од граѓаните на Косово од албанска националност, а тоа е негов обид да се позиционира како апсолутен лидер на Албанците на Балканот – рече Гуџиќ.
И политичкиот аналитичар Шкељзен Малиќи вели дека Самоопределување, станувајќи дел од албанската опозиција во Македонија, каде што ќе учествува на претстојните избори, се обидува да допре до своите гласачи, кои беа разочарани од ветувањата дадени, но неисполнети. Според неговите зборови, косовскиот премиер Албин Курти е свесен дека и во Косово го чекаат избори, поради што ја обновува старата идеја на Самоопределување за обединување на Албанците. Меѓутоа, бидејќи не успеа да добие мандат во албанскиот парламент, вели Малиќи, сега решил да се обиде во Македонија.
– Курти ги зема сите опции или ги обновува старите, знае дека ќе оди на избори следната година, па им се додворува на сите гласачи, вклучувајќи и на своите, кои ги разочара кога се откажа од обединувањето со Албанија – објаснува Малиќи.