![]()
- Од армијата до пензиите, па сè до судбината на автомобилската индустрија, секоја голема реформа во Берлин стана политичко бојно поле
Германија се соочува со кризи за многубројни прашања – за воената регрутација, пензиите, проблематичната автомобилска индустрија и за застојот во економскиот раст, а потрагата по политички прифатливи решенија ја расцепува коалицијата на канцеларот Фридрих Мерц.
– Имаше премногу јавни дискусии што беа протолкувани како спорови. Владата мора да ги реши проблемите. И владата не смее да остави впечаток дека е поделена. Тогаш довербата на населението во политичките партии, а исто така и во вклучените поединци, постепено повторно ќе расте – се заложи Мерц за својата расцепкана коалиција од конзервативни христијански демократи и централнолевичарски социјалдемократи (СПД).
Несогласувањата помеѓу водечките политичари од левиот и десен центар околу клучните владини политики влијаат на позицијата на Германија во ЕУ, бидејќи другите земји тешко ја сфаќаат позицијата на Берлин за мноштво клучни прашања. Исто така, постојат растечки сомнежи за долгорочните изгледи за опстанокот на коалицијата.
Помалку од една третина од Германците сметаат дека коалицијата ќе може да владее до крајот на законодавниот период во 2029 година, според анкетата на институтот за испитувања на јавното мислење „Инса“ за „Билд“, која исто така покажа пад во однос на рејтингот на одобрување на владата, на рекордно ниско ниво од само 25 проценти.
Во исто време, десничарската Алтернатива за Германија (АфД) неодамна ги престигна конзервативците на Мерц како најпопуларна партија во Германија, според анкета на „Политико“, а нејзината растечка сила ги зголемува тензиите во коалицијата.
Откако ја презедоа функцијата во мај, демохристијаните на Мерц се обидоа да го стивнат „ветерот во едрата“ на АфД, ветувајќи дека ќе водат акција против миграцијата. Но членовите на СПД, помладиот коалициски партнер на Мерц, сè повеќе се обидуваат да се дистанцираат од дискурсот за кој велат дека е преземен директно од прирачникот на крајните десничари. Заменик-лидерот на СПД во парламентот, Вибке Есдар, отиде дотаму што им се придружи на протестите против Мерц.
Клучни поделби
Пример за хаотичните внатрешни борби во коалицијата е спорот околу воената регрутација, несогласување околу иднината на армијата и колку таа треба да биде присутна во националниот идентитет на Германија. Бундесверот треба да достигне 260.000 војници до 2035 година од околу 180.000 колку што има денес. Конзервативците сакаат повторно да воведат регрутација „заснована на лотарија“ доколку доброволното регрутирање не успее, повикувајќи се на граѓанската должност како ’рбет на националната отпорност.
СПД, поддржана од министерот за одбрана Борис Писториус, возвраќа дека принудата само ќе предизвика неефикасност во клучно време за вооружувањето на Германија. Писториус веќе го торпедираше компромисот меѓу двете парламентарни групи, отфрлајќи го повторното воведување задолжителни елементи.
Двете страни се согласуваат дека на армијата ѝ се потребни луѓе – но не и за тоа како да се обнови моќта уништена од децениското запоставување. Критичарите предупредуваат дека шестмесечните мандати за 18-годишните регрути едвај би имале влијание за исполнување на високотехнолошките потреби на Бундесверот.
Проблемите прераснаа во референдум за имиџот на повоена Германија и дали способноста на земјата да спроведе широки реформи е правична за сите – и за младите и за повозрасните. Додека СПД се обидува да ги заштити младите од задолжителна регрутација, сосема друго генерациско прашање предизвика бунт во рамките на блокот на Мерц: пензиската реформа. Централна фигура за тоа прашање е министерката за труд на СПД, Бербел Бас, која сака да го зацврсти сегашното ниво на пензија од 48 проценти од просечните плати по 2031 година. Таа тврди дека заштитата е од суштинско значење за да се спречат намалувања на бенефициите кога бејбибум-генерацијата во Германија ќе се пензионира, подоцна оваа деценија.
За Германија, ова не е мала работа. Пензиите се најголемата поединечна ставка на јавните расходи во земјата – повеќе од одбраната, образованието или здравството – и системот се темели на деликатен договор меѓу работниците и пензионерите. Во наредните години милиони луѓе ќе ја напуштат работната сила, додека значително помалку млади луѓе ќе влезат во неа, заканувајќи се да го доведат моделот „плаќај колку што користиш“ до крајни граници.
Но за блокот помлади пратеници од Христијанско-демократската унија, ова изгледа како чин на генерациска кражба. Реформата на Бас значи околу „115 милијарди евра дополнителни трошоци“ до 2040 година, според документот за заземената позиција од 18 пратеници, кои велат дека сакаат да ја блокираат.
Бунтот се претвори во тест за авторитетот на Мерц. Парламентарното мнозинство од 12 места на неговата влада е меѓу најмалите во повоената германска историја, што значи дека релативно мала група пратеници лесно може да ја попречи секоја мерка.
Крај на една ера
Застојот во коалицијата се чувствува и во Брисел. Фазното укинување на моторите со согорување во ЕУ до 2035 година – клучно прашање за германската автомобилска индустрија, која сочинува речиси една петтина од извозот на земјата – е уште една ризична тема што го разоткрива слабиот стисок на Германија врз индустриската транзиција на Европа.
Христијанско-демократската унија на Мерц и СПД привремено поддржаа компромис за одржување на забраната на ЕУ од 2035 година во принцип, додека се создаваат исклучоци за хибридни возила со приклучок, возила со „проширување на опсегот“што користат мали мотори со согорување за да додадат опсег на батериите и некои синтетички горива. Но Баварската Христијанско-социјална унија, сестринската партија на ЦДУ на Мерц, категорично одбива согласност. Баварскиот премиер Маркус Зедер ја опиша забраната како напад врз индустриската душа на Германија, предупредувајќи го Брисел да ги повлече своите „идеолошки прописи“.
Силното отфрлање на Зедер се базира на влијанието на автомобилските гиганти како што се „БМВ“ и „Ауди“ во Баварија, но и на политичкиот страв, изјавија за „Берлинскиот прирачник“ на „Политико“ два извора запознаени со стратешкото размислување на ЦСУ, кои добија анонимност за да разговараат за внатрешни прашања. Зедер е загрижен за отстапувањето на гласачите од работничката класа на десничарската АфД, според изворите на „Политико“, што ја претвори одбраната на моторот со внатрешно согорување во слоган пред општинските избори следната година.
Европската комисија ќе започне со преиспитување на својата регулатива за емисиите на автомобили до крајот на годината и очекува земјите членки однапред да ги соопштат своите ставови. Додека другите големи земји како Франција и Шпанија се обидуваат да ја одржат забраната, Германија во суштина е безгласна сè додека владата нема заеднички став. Дефинирањето нов пристап кон итни прашања – вклучително и за патот напред за германската автомобилска индустрија – стана уште поважно бидејќи стариот глобален систем што ја виде Германија како доминантна економија во Европа изгледа сè поискинат.
За време на долгото владеење на поранешната канцеларка Ангела Меркел од 2005 до 2021 година, просперитетот на Германија се потпираше на три столба: извоз во Кина, евтин гас од Русија и заштита на САД преку НАТО. Но сите тие се распаднаа и беа разбиени од бариерите на кинескиот пазар, војната во Украина и доведувањето во прашање на американските безбедносни гаранции за Европа од страна на претседателот Доналд Трамп.
– Последица на сето тоа е потребата на земјата за реосмислување, но стравот од маргиналните партии ги држи мејнстрим-политичарите замрзнати – заклучува Сабине Кроп, професорка по политички науки на Слободниот универзитет во Берлин.


































