Скандалот почна во петокот, кога претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, кој често испраќа пораки на Икс, објави за инвестициска можност што вклучува т.н. мимкоин (криптовалута заснована на интернет-мим, односно на смешна содржина што станала вирална) наречен либра ($LIBRA), што тој го опиша како приватен проект што работи на поттикнување на растот на малите аргентински бизниси и стартапи
Измамата со криптовалутата во Аргентина и улогата на аргентинскиот претседател во аферата
Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи беше во дефанзива откако криптовалутата што ја поддржа на социјалната мрежа Икс забележа пад на нејзината вредност, предизвикувајќи наводи за измама и повици за импичмент од неговите политички противници.
Скандалот го погоди слободоумниот лидер пред неговото патување во Вашингтон, каде што беше предвидено да се сретне со претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за да добие поддршка за неговите економски реформи, вклучувајќи и за одобрување заем од Меѓународниот монетарен фонд. Миленикот на глобалното конзервативно движење и сојузник на претседателот Трамп, Милеи, ги опиша последиците како „шлаканица“ против него и тврди дека не се залагал за промоција на криптовалутата. Тој ги помина последните неколку дена отфрлајќи ја вината за криптофијаското и нареди Антикорупциската канцеларија, настрана од Министерството за правда, да испита што се случило.
– Јас не ја промовирав криптовалутата, туку ја споделив. Тоа не е исто – рече Милеи за аргентинскиот телевизиски канал „Тодо Нотисиас“ во понеделникот.
Федералната судијка Марија Сервини беше назначена да ги истражи измамата и улогата на претседателот во промовирањето на криптомонетата, откако повеќе од 110 Аргентинци поднесоа жалби до судството велејќи дека ги загубиле своите инвестиции.
Скандалот изби кога Милеи, кој често испраќа пораки на Икс, објави за инвестициска можност што вклучува т.н. мимкоин (криптовалута заснована на интернет-мим, односно на смешна содржина што станала вирална) наречен либра ($LIBRA), што тој го опиша како приватен проект што работи на поттикнување на растот на малите аргентински бизниси и стартапи.
– Светот сака да инвестира во Аргентина – истакна Милеи во сега избришаната објава.
Криптомонетата забележа зголемена вредност пред да се „урне“ за неколку часа, бришејќи повеќе од четири милијарди долари во вредност. Оние што вложиле во криптовалутата веруваат дека биле измамени, во шема позната во криптосветот како „влечење тепих“, во која се промовира монета за да се привлечат купувачи од јавноста, пред раните инвеститори да ги отфрлат своите поседи за голем профит и пад на цената и потоа да се повлечат.
Како последица на колапсот на токенот, Хејден Дејвис, кој на интернет и во неколку интервјуа тврдеше дека давал совети за проектот за токени либра, рече дека се занимавал со „снајпинг“ (sniping) – криптотермин за користење ботови за скенирање трансакции со блокчејн за брзо купување и продавање новолансирани токени. Канцеларијата на Милеи, пак, вели дека Дејвис нема поврзаност со аргентинската влада.
Оспоруваната практика предизвика контроверзии затоа што честопати инсајдерите со претходно знаење за лансирањето токени ги купуваат криптовалутите пред нивното официјално лансирање и потоа ги оставаат јавните инвеститори да ги купат подоцна.
Во интервју со јутјуберот наречен Кофизила, познат по разоткривање криптоизмами, Дејвис, кој рече дека го советувал аргентинскиот претседател Милеи за криптопроекти, истакна дека тој исто така бил дел од тимот што стои зад лансирањето на токенот меланија ($MELANIA) на првата дама на САД, Меланија Трамп.
Влијателните фигури во криптозаедницата се обидуваа да ги откријат причините за колапсот на криптовалутата, а некои велат дека инвестирале само во либра, бидејќи мислеле дека Милеи го промовира токенот.
– Значи Милеи уште еднаш се преправа дека е вмешан и потоа ја брише објавата? Чиста лудост – напиша Дејв Портној, основач на американскиот портал „Барстул спортс“, кој рече дека изгубил пари на криптомонетата.
Во неделното вклучување во живо на Икс, тој наведе дека речиси и самиот ќе се одлучел за промовирање на токенот либра на неговата база на обожаватели, пред Дејвис да му каже оти не може да им соопшти дека бесплатно добил околу шест милиони од токените. Портној рече дека ги испратил бесплатните монети назад и потоа самиот купил значително количество од нив.
Милеи напиша на Икс дека нема врска со криптомонетата и дека решил да ја избрише оригиналната објава откако дознал повеќе детали за проектот. Претседателот, исто така, ги нападна ривалите што го критикуваа за користење на неговата платформа за промовирање на пропаднатата криптовалута.
Ненадејните скокови на цените и падовите веќе одамна се карактеристика на мим-монетите, еден вид криптовалута чија вредност во голема мера се заснова на популарноста на интернет-мимовите. Многумина ја следат истата шема: монетите се лансираат и потоа се промовираат на различни платформи за социјални медиуми. Како што се шири веста, нивната вредност се зголемува сè додека мала група рани инвеститори, честопати инсајдери, не ги отфрлаат монетите. Нивната продажба за возврат предизвикува нагло повлекување, често оставајќи ги преостанатите инвеститори со големи загуби.
Во последниве месеци познати личности ги искористија монетите како можност да профитираат од својата слава. Дури и тогаш, понудите на мим-монети ретко предизвикуваат големо внимание надвор од заедницата на тврдокорни криптоинвеститори.
Сѐ додека претседателот на САД во јануари не промовираше сопствена мим-монета. Претседателот Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија лансираа пар мим-монети, чија вредност нагло опадна, откако првично забележа раст. Пазарната капитализација на монетата на американскиот претседател изнесуваше 3,3 милијарди долари откако се искачи до 15 милијарди долари, додека токенот на првата дама вреди околу 666 милиони долари откако надмина две милијарди долари, според „Коинмаркеткеп“. Многу од инвеститорите што стигнаа до криптовалутата трамп (TRUMP) беа индивидуални инвеститори што имаа монети во вредност од помалку од 100 долари во нивните дигитални паричници, според фирмата за блокчејн-аналитика „Чејнаналисис“.
За многу криптоинвеститори, лансирањето на трамп и меланија веќе го поткопа легитимитетот на кој индустријата работеше напорно да го негува во изминатите неколку години. Некои сметаат дека скандалот околу аргентинската мим-монета е уште поштетен за имиџот на криптоиндустријата.
– Мислам дека ова ќе ѝ наштети на целата индустрија – рече Диоген Касарес, аргентинско-американски трговец со криптовалути.
Милеи, кој изгради пријателство со Илон Маск и планираше да се сретне со него в четврток, му објасни на весникот „Тодо Нотицијас“ зошто го привлекуваат технолошките идеи во Аргентина.
– Јас сум фанатичен технооптимист. Имам страст за технологијата и сакам Аргентина да се претвори во технолошки центар – порача Милеи.
Тој ја спореди ситуацијата на оние што изгубиле пари на криптовалутата со коцкари што губат во казино.
– Кои се жалбите? Ако веќе знаевте дека криптовалутата ги има тие карактеристики. Оние што учествуваа во зделката не само што го направија тоа доброволно туку тоа е проблем меѓу приватни странки. Затоа што тука државата не игра никаква улога – наведе Милеи.
Скандалот го погоди Милеи бидејќи неговата администрација работи на исполнување на своите ветувања за намалување на надуената администрација во Аргентина, намалувајќи ги владините трошоци и намалувајќи ја инфлацијата.
Во Вашингтон, Милеи требаше да се сретне со претставници на ММФ и конзервативни активисти. Тој, исто така, сака да ја зајакне поддршката од администрацијата на Трамп и да бара исклучоци од царините од 25 отсто што Белата куќа ги нареди за увоз на челик и алуминиум почнувајќи од следниот месец. Тарифите претставуваат веројатен удар за Аргентина, која извезе алуминиум вреден околу 460 милиони долари во САД во 2024 година, според податоците за трговијата на САД.