Конвенционалните нуклеарни реактори користат прачки за гориво што се енергетски густи, кои содржат големи количества ураниум со помали количества графит. Во дизајнот на реакторот ХТР-ПМ, прачката за гориво е превртена и се користи големо количество графит во кој е обвиен ураниум
Технолошка пресвртница што го елиминира ризикот од хаварии
Нуклеарен реактор што не може да претрпи топење поради дефект и висока температура беше демонстриран успешно од страна на истражувачите од универзитетот „Цингуа“ во Кина. Станува збор за двоен реактор што може да генерира до 105 мегавати електрична енергија, на чиј дизајн Кина работи од 2016 година.
При нуклеарната фисија се генерираат големи количества топлинска енергија, што е опасно за реакторот, наспроти користа за генерирање струја. Нуклеарните реактори ја вадат топлината од реакцијата преку механизми со кои се дизајнирани, но можат да се прегреат и да експлодираат доколку не се реализира тој заштитен процес. Водата или јагленот генерално се користат како механизам за ладење, а поддржани се од надворешно напојување за да се осигури дека температурата на реакторот е под контрола.
Нуклеарниот реактор Фукушима во Јапонија во 2011 година претрпе ретка појава во која потфрлија стандардното и итното напојување на механизмот, што доведе до катастрофа. Истражувачите оттогаш се обидуваа да креираат нуклеарен реактор со пасивно ладење, што користи природни методи. А реакторот со висока температура со легло од камења (ХТР-ПМ) претставува токму таков дизајн.
Конвенционалните нуклеарни реактори користат прачки за гориво што се енергетски густи, кои содржат големи количества ураниум, со помали количества графит. Прачката за гориво е превртена во дизајнот на реакторот ХТР-ПМ и се користи големо количество графит, во кој е обвиен ураниум. Ова ја прави енергетската густина на горивото значително помала. Ваквата револуционерна технологија е особено добредојдена во индустријата за нуклеарна енергија по хаваријата во јапонска Фукушима пред повеќе од една деценија.
Овој пристап има битни предности. Реакцијата на нуклеарна фисија се случува многу побавно од конвенционалниот реактор и може многу подолго да издржи повисока температура. Згора, вишокот генерирана топлина се дисперзира на поголема површина на гориво и може да се олади со пасивни или методи што не трошат енергија, како што се спроводливоста и конвекцијата.
Целосно функционален ХТР-ПМ реактор сѐ уште не е тестиран, иако овој пристап претходно беше демонстриран во прототипи конструирани во Германија и во Кина. За да се покаже дека може да се излади без надворешен извор, биле запрени двата модула додека реакторот работел на максимална сила, при што била следена температурата внатре во реакторот. Во согласност со очекувањата, реакторите се изладиле природно и постигнале стабилна температура 35 часа откако биле изгасени. Оваа технологија, сепак, не може да се вгради во веќе постојаните нуклеарни реактори. Кина моментно со полна пареа гради нуклеарни реактори во обид да се оттргне од енергијата од фосилни горива.