Фото: ЕПА

Ниту Париз ниту Берлин не би биле среќни ако се повлечат од програмата за иден борбен воздушен систем (ФЦАС) вреден повеќе милијарди евра, што би значело дека нема исклучива ЕУ-опција за напреден систем за стелт-ловци од шеста генерација, а би дошло и до намалување на ентузијазмот за одбранбени проекти низ ЕУ

За статусот на програмата за иден борбен воздушен систем (ФЦАС) вреден повеќе милијарди евра

Спорот околу проектот за борбениот авион ФЦАС од следната генерација ги затегна француско-германските односи во последните месеци, фрлајќи сомнеж врз иднината на програмата. Сепак, и покрај несогласувањата, ниту Париз ниту Берлин не би биле среќни ако се повлечат од програмата за иден борбен воздушен систем (ФЦАС) вреден повеќе милијарди евра, што би значело дека ќе нема исклучива ЕУ-опција за напреден систем за стелт-ловци од шеста генерација, а би дошло и до намалување на ентузијазмот за одбранбени проекти низ ЕУ.
– Германија и Франција се на крстопат, каде што ако одлучат да инвестираат повеќе, ќе го направат проектот неповратен – изјави Бертран де Корду, експерт за воздухопловна индустрија, кој работи во институтот „Жак Делор“.
Проектот, кој предвидува стелт борбен авион придружен од автономни дронови, вграден во софистицирана дигитална борбена мрежа, се приближува до голема пресвртница во текот на годинава, бидејќи се движи од фазата на планирање кон изградба на прототип на борбениот авион, што претставува централен дел на програмата. За вклучените страни од индустријата, таа следна фаза е една од ретките можности за повторно преговарање за условите на проектот.
Но, проектот предизвика разни несогласувања, особено околу раководењето со него. Најјавниот извор на тензии беше несреќниот однос меѓу двата водечки воздухопловни изведувачи, „Дасо авиејшн“ и „Ербас дифенс“, во голема мера принудени да се здружат поради политичките договори склучени во Париз и во Берлин.

Борба за превласт

Извршниот директор на „Дасо“, Ерик Трапиер, се залага за доминантна улога. Во јуни Трапиер изјави дека неговата компанија може „сама да се справи со проектот“.
– Ние сме конкуренти што мора да се венчаат – рече кратко потоа пред новинарите на парискиот авиосаем Жан-Брис Думон, раководител на воздухопловната моќ во „Ербас дифенс“.
Неколку набљудувачи и експерти од индустријата за „Еурактив“ изјавија дека „Дасо“ и „Ербас дифенс“ речиси сигурно ќе мора да соработуваат, дури и ако претпочитаат да тргнат по свои посебни патишта.
Од самиот почеток напорите за изградба на интегриран систем за воздушна борба беа политички мотивирани. Францускиот претседател Емануел Макрон и тогашната канцеларка на Германија, Ангела Меркел, го започнаа проектот во 2017 година, а Шпанија се приклучи две години подоцна.
Во јули Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц ја повторија политичката поддршка за програмата. Нивните министри за одбрана се задолжени со план за надминување на разликите и за продолжување на проектот од 100 милијарди евра до крајот на август.

Франција нема моќ

Франција има историја на тешкотии со заедничките европски проекти за воени авиони. Земјата претходно се повлече од конзорциумите што ги развија авионите „торнадо“ и „еврофајтер“.
Но, тешката состојба на француските финансии и големите буџетски ограничувања сега ги ограничуваат опциите за Париз. Франција „нема многу простор да се заканува дека ќе продолжи сама“, рече Де Корду.
Стјуарт Ди, економист за одбрана во РАНД Европа, изјави за „Еурактив“ дека трошоците за рестартирање и развој на ловец од шеста генерација од почеток сериозно би ги оптовариле финансиите речиси на секоја земја.
– Само исклучително мал број нации во светот можат самостојно да финансираат програма од ваков обем, па оттука и првичната логика за заеднички развој меѓу партнерите – рече Ди.

Политички ризици за Мерц и за Макрон

Макрон, чиј мандат како претседател завршува за две години, помогна во лансирањето на ФЦАС и е можеби најсилниот поддржувач на европската интеграција и суверенитетот во воените прашања. Откако инвестираше политички капитал во ФЦАС, пропаѓањето на програмата би можело да остави дамка врз неговото политичко наследство.
– За Макрон, целта е да се зацементира овој проект пред да ја напушти функцијата – изјави де Корду.
Мерц, кој ја презеде функцијата во мај, се претстави и како застапник на поголема европска одбранбена соработка. Губењето на ФЦАС би ги оштетило амбициите на Мерц, кој посакува Германија да биде водечка воена сила во ЕУ.
Канцеларот исто така се прикажа себеси како човек што ќе ги обнови француско-германските односи, кои беа заладени во мандатот на неговиот претходник Олаф Шолц – иако тоа додворување неодамна беше ублажено.

Можни алтернативи на ФЦАС

Доколку ФЦАС се распадне, земјите би можеле да се обидат да се приклучат на другиот водечки проект за борбени авиони од шестата генерација во Европа – „Глобалната програма за борбени воздухопловни сили“ (ГЦАП), со својот авион „темпест“.
Но тој проект, заеднички напор меѓу Обединетото Кралство, Италија и Јапонија, веќе е во тек, со целен датум на испорака од 2035 година. Секој новодојденец во програмата би имал помало влијание врз проектот и веројатно би се мачел да обезбеди поголемо учество за домашни изведувачи.
Џастин Бронк, експерт за воздушна моќ во британскиот аналитички центар за одбрана РУСИ, рече дека земјите од ГЦАП во голема мера ја финализирале поделбата на договорите, работата и другите елементи на програмата, што го отежнува додавањето големи индустриски играчи од Германија или од друго место во оваа фаза.
Ди се согласи, додавајќи дека таков потег „ќе треба да ги земе предвид значителните инвестиции и интереси на неевропските играчи како што е Јапонија“.

Клиентот секогаш е во право

Овие фактори им даваат на Германија, Франција и Шпанија големи стимулации да се држат до програмата ФЦАС – додека политичките лидери, а не корпоративните директори, ќе ги донесат конечните одлуки за тоа како да се продолжи.
– Кој плаќа, тој ги носи одлуките. И на крајот, државата е таа што плаќа, а не индустријата. Затоа верувам дека сè уште постои моќ за да се натера индустријата да соработува – изјави германскиот пратеник Кристоф Шмид, известувач за германските воздухопловни сили.
Де Корду рече дека слична динамика постои во Париз, нагласувајќи дека „француската влада има политичка моќ да го убеди ’Дасо’ да продолжи со проектот, како што правеа од самиот почеток“.
Иако одбранбените фирми може да се жалат, тие зависат од владини договори и добиваат повеќе со тоа што ќе ја прифатат политичката волја отколку со тоа што ќе ѝ се спротивстават.