Климатските промени влијаат врз здравјето на луѓето, како и врз животната средина. Австралиско истражување покажува дека милиони граѓани ќе бидат изложени на поголем ризик од срцеви проблеми со зголемувањето на температурите
Една нова научна студија, објавена во „Јуропиан џрнал оф кардиолоџи“, покажа дека топлината сега е главен фактор за пораст на кардиоваскуларните болести за луѓето во Австралија. Во моментов, кардиоваскуларните болести се втор најголем причинител на смртни случаи во здравствениот систем на Австралија. Тие вклучуваат коронарна срцева болест – најголемиот убиец на нацијата – атријална фибрилација, срцеви напади, вродени срцеви заболувања, срцева слабост и мозочен удар.
Високиот крвен притисок, високиот холестерол, неактивноста, лошата исхрана, пушењето и стресот се добро познати фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, но студијата нагласува дека изложувањето на топлина е занемарено.
– Товарот на кардиоваскуларни болести поради топлото време во контекст на климатските промени може да се удвои во следните 25 години – рече водечкиот автор на студијата, Пенг Би, експерт за јавно здравје на Универзитетот во Аделаид, Австралија.
Студијата потврдува сѐ поголем број докази дека топлината предизвикана од климатските промени предизвикани од човекот е растечка здравствена грижа.
– Ова е мошне алармантен повик до нашата заедница, до нашите даватели на услуги и до нашите креатори на политики – рече Би за ДВ.
Студијата ги анализирала здравствените податоци од австралиската популација помеѓу 2003-2018 година. Студијата е прва што откри дека високите температури имаат големо влијание врз кардиоваскуларното здравје.
Студијата покажа дека луѓето што живеат во потоплите делови на Австралија во Северната Територија се изложени на најголем ризик од товарот на кардиоваскуларни болести поврзани со топлина. Моделирањето преземено од истражувачката група, исто така, покажа дека срцевите болести поврзани со топлина се очекува да се зголемат повеќе од двојно, додека глобалните температури продолжуваат да растат.
Би рече дека неговите наоди значат дека властите треба да разгледаат нови мерки за заштита на ранливите популации од здравствени проблеми поврзани со топлина.
– Луѓето со хронични болести, постари луѓе, луѓе со низок социоекономски статус – тие се изложени на висок ризик – рече Би.
Истражувањето вклучило само здравствени податоци од австралиската популација, што значи дека е тешко да се екстраполираат податоците во другите делови на светот, рече Филипо Креа, кардиолог од Католичкиот универзитет на „Светото срце“ во Рим, Италија.
– Сепак, дефинитивно е разумно да се претпостави дека трендот е ист во другите региони – изјави Креа за ДВ.
Австралиската студија навистина се усогласува со податоците од други земји, кои покажуваат дека зголемените температури предизвикуваат здравствени проблеми. Во 2017 година, студиите предвидуваа дека дури 70 отсто од населението на Индија би можело да биде изложено на неиздржлива топлина до 2100 година.
Една неодамнешна мексиканска студија предвидува зголемување од 32 отсто на смртните случаи поврзани со температурата кај оние на возраст под 35 години до 2100 година, доколку глобалното население и емисиите на јаглерод продолжат да растат со исто темпо.