Припадници на мировните сили на ОН во тампон-зоната во Кипар - Фото: ЕПА

На 50-годишнината од турската интервенција на Кипар како одговор на грчката воена интервенција, ОН, како чувари на мирот, предупредуваат дека двете заедници би можеле да го разгорат конфликтот

Еден остров две држави – една признаена и членка на ЕУ, а втората признаена само од Турција. Кипар веќе педесет години е тажна приказна за поделба, за историски остатоци од колонијално време, кои тешко се надминуваат, за конфликт што веќе пет децении тлее меѓу кипарските Турци и Грци, како и меѓу Турција и Грција.

Во јули 1974 година, Турција изврши инвазија на Кипар за да го заштити тамошното турско население од теророт на грчката хунта. Сега, на 50-годишнината од војната што ја остави како единствена окупирана членка на ЕУ, двете заедници на островот би можеле повторно да го разгорат конфликтот.

МСОСТОЈБА ПРЕД ЕСКАЛАЦИЈА

Мировните сили на Обединетите нации во Кипар, познати како УНФИЦИП, пријавија оружје од голем калибар по должината на тампон-зоната долга 180 километри што ја дели земјата. Во интервју за „Асошиејтед прес“, началникот на воениот штаб на УНФИЦИП во заминување, полковник Бен Ремзи, ги опиша митралезите, изградбата на стотици нови борбени позиции и инсталирањето на десетици високотехнолошки камери со инфрацрвена способност.
– Никој не слуша. Погрешната пресметка е прашање на време – рече тој.

Сега, само часови пред 50-годишнината од турската интервенција на 20 јули 1974 година, полковникот Рамзи изјави за „Асошиејтед прес“ дека има зголемување од 70 отсто во пробивањата по должината на тампон-зоната во споредба од пред една година. Полковникот Ремзи ги опишува неовластените упади како „тивко бојно поле“ на кое „се игра шах“.
– Оваа милитаризација се смета за значаен дестабилизирачки фактор и е во директен конфликт со наведените намери на двете страни да продолжат со мировните преговори – рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Претседателот на кипарските Грци, Никос Христодулидес, ги обвинува Турција и кипарските Турци за прекршување на тампон-зоната. Сепак, Гутереш вели дека 79 високотехнолошки камери за надзор инсталирани од неговата влада по должината на тампон-зоната, исто така, се квалификуваат како прекршување.

АНКАРА ЌЕ СЛАВИ ОСЛОБОДУВАЊЕ

Турската Република Северен Кипар (ТРСК) е подготвена да биде домаќин на големи прослави на 20 јули за да ја одбележи 50-годишнината од кипарската мировна операција, на која ќе присуствува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Покрај комеморативните програми за грандиозно одбележување на златниот јубилеј, ќе се одржат и специјални настани, како што се концерти на воениот бенд и бендот „Мехтеран“, спортски натпревари, конференции, семинари, симпозиуми и натпревари за есеи за одбележување на оваа пригода. На воената парада ќе бидат претставени и првиот турски носач на авиони „ТЦГ Анадолу“ и неколку брода.

Како дел од церемонијата треба да настапат и тимовите „Турски ѕвезди“ и СОЛОТУРК, два истакнати аеробатски демонстративни тимови на турските воздухопловни сили познати по нивните импресивни воздушни прикази и прецизно летање.

Претседателот на опозициската ЦХП, Озгур Озел, ќе присуствува на прославите заедно со 174 кипарски ветерани, членови на Централниот извршен комитет на партијата и голем број парламентарци. По покана на Озел, Ајсе Гунеш Ајата, ќерката на тогашниот министер за надворешни работи Туран Гунеш, која ја инспирираше шифрата „Ајсе треба да оди на одмор“ за време на мировната операција на Кипар, и тогашниот министер за труд Ондер Сав, исто така, ќе присуствуваат на јубилејните настани.
Заедно со Ердоган, шефовите на различни турски партии, вклучувајќи го и претседателот на МХП, Девлет Бахчели, претседателот на ДСП, Ондер Аксакал, и претседателот на ББП, Мустафа Дестичи, ќе отпатуваат во ТРСК.


Што е кипарското прашање?

Островот Кипар е заглавен во повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај низата дипломатски напори за постигнување сеопфатно решение. Етничките напади што започнаа во раните 1960-ти ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклавите заради нивна безбедност. Во 1974 година, државен удар на кипарските Грци, чија цел беше грчката анексија на островот, доведе до воена интервенција на Турција како гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа, ТРСК е основана во 1983 година. Администрацијата на кипарските Грци беше примена во ЕУ во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го спречија планот на ОН за ставање крај на долгогодишниот спор.