Фото: Пиксабеј

Во 2021 година кинескиот ровер „Журонг“ слета на рамнина во регионот Утопија на северната хемисфера на Марс, каде што беа забележани претходни индикации за постоење на вода од дамнина. Оттогаш роверот ја истражува црвената површина, а некои нови наоди од мисијата беа откриени во новата студија во списанието „Нејчр“

Епохални научни откритија на кинеската вселенска мисија

Кинески ровер најде нов доказ за поддршка на теоријата дека планетата Марс некогаш била дом на огромен океан, вклучувајќи и следење на одредено крајбрежје каде што некогаш водата удирала во брегот, се наведува во студијата објавена во четвртокот.
Во 2021 година кинескиот ровер „Журонг“ слета на рамнина во регионот Утопија на северната хемисфера на Марс, каде што беа забележани претходни индикации за постоење на вода од дамнина. Оттогаш роверот ја истражува црвената површина, а некои нови наоди од мисијата беа откриени во новата студија во списанието „Нејчр“.
Водечкиот автор на студијата Бо Ву од Политехничкиот универзитет во Хонгконг изјави за АФП дека различни карактеристики што укажуваат на стар океан биле забележани околу областа за слетување на „Журонг“, вклучувајќи „конуси со јами, полигонални корита и гравирани текови“.
Претходните истражувања сугерираа дека конусите со јами слични на кратери би можеле да потекнуваат од калливи вулкани и често се формирале во области каде што имало вода или мраз.
Според студијата, информациите од роверот, како и сателитските податоци и анализите на Земјата, исто така сугерираат дека брегот некогаш бил во близина на областа.
Тимот на истражувачи процени дека океанот настанал со поплави пред речиси 3,7 милијарди години. Потоа океанот се замрзнал, оцртувајќи крајбрежје, пред да исчезне пред речиси 3,4 милијарди години, според нивното сценарио. Бо нагласи дека тимот „не тврди оти нивните наоди дефинитивно докажуваат дека имало океан на Марс“.
За тоа ниво на сигурност веројатно ќе биде потребна мисија за враќање на некои карпи од Марс на Земјата за поблиско испитување. Теоријата дека океан покривал дури една третина од Црвената Планета пред милијарди години е предмет на дебата меѓу научниците со децении. Додека целокупната теорија останува недокажана, Бенџамин Карденас од Државниот универзитет во Пенсилванија во САД рече дека постои тенденција „да се мисли дека има океан на Марс“.
Откривањето на вистината може да помогне да се разјасни поголема мистерија: дали Земјата е сама во Сончевиот Систем, според способноста да биде домаќин на живот.
– Повеќето научници мислат дека животот на Земјата никнал или под океанот, каде што врелите гасови и минерали од подземјето дошле до морското дно, или многу блиску до површината на водата и воздухот, во малите плимни базени. Значи, доказите за океан прават планетата да изгледа погостопримливо – рече Карденас.