Фото: ЕПА

Нова кинеска технологија подготвена да ја трансформира глобалната индустрија

Кинеските истражувачи тврдат дека новата технологија за производство на железо е подготвена да ја трансформира глобалната индустрија за челик. Методот, развиен во текот на една деценија, користи вшприцување ситно мелена железна руда во висока печка, што предизвикува експлозивна хемиска реакција. Резултатот е производство на течно железо со висока чистота, подготвено за непосредна употреба во челик.
Позната како „брзо производство на железо“, новата технологија значително го скратува процесот – од традиционалните пет-шест часа на само три-шест секунди. Професорот Џанг Венхаи, водечкиот научник на проектот, истакнува дека методот ја зголемува брзината на производство на железо до 3.600 пати и овозможува ефикасна обработка на руди со низок принос, кои ги има во изобилство во Кина. Тоа ја намалува зависноста од скапи руди од Австралија, Бразил и Африка.
Покрај зголемувањето на енергетската ефикасност на кинеската челична индустрија за една третина, методот ја елиминира потребата од јаглен, отворајќи го патот кон речиси нула емисии на јаглерод. Тоа е клучен чекор за кинеската челична индустрија, која веќе доминира со глобалното производство, но се соочува со предизвиците на декарбонизацијата. Всушност, Кина веќе произведува 54 отсто од светскиот челик, но тоа ќе се зголеми уште повеќе со овој метод.

Династијата Сонг

Еден од најголемите предизвици беше развојот на специјално копје за растурање железна руда. Тимот на Џанг успеа да создаде вителско копје што може да инјектира 450 тони честички на час. Реактор опремен со три такви копја може да произведе повеќе од седум милиони тони железо годишно. Технологијата е веќе во комерцијална употреба.
Експертизата на Џанг за брзо топење датира од 1970-тите, кога тој работеше на производство на бакар. Неговата работа доведе до револуционерни промени во таа индустрија, а денес Кина троши речиси 60 отсто од светското производство на бакар. Новиот метод за железо е заснован на патент од 2013 година, а по децении лабораториски и пилот-испитувања е подготвен е за поширока примена.
Кина има долга историја на иновации во индустријата за железо и челик. За време на династијата Сонг, производството на железо во Кина надминуваше 150.000 тони годишно – ниво што Европа го достигна дури неколку века подоцна.