Вистинските типови на вакцини против коронавирусот треба да имаат производствени капацитети на вистинските места во светот, вели Прашант Јадав за „Форин аферс“
Нови стратегии за подобро справување со идните пандемии
Откако државите почнаа со одобрување на вакцините на средината на 2020 година, производителите произведоа приближно десет милијарди поединечни дози. Врз основа на сегашните процени, тие сега имаат капацитет да прават 12 милијарди дози годишно. Ова зголемување на производството за помалку од една и пол година е извонреден подвиг, каков што досега не е виден во биолошкото производство. Но колку и да е импресивно ова достигнување, сепак ќе биде недоволно. Над 70 отсто од вакцините против ковид-19 произведени во 2021 година беа купени од земји со високи и средни приходи. Спротивно на тоа, помалку од еден процент отидоа кај оние со ниски приходи. Но тоа не е само проблем со вкупната распределба.
Брзото и ненадејно појавување на сојот омикрон ги истакнува неизвесностите во траекторијата на пандемијата. Можно е на светот да му треба уште една рунда вакцини, што дополнително ќе го оптоварува снабдувањето и ќе ги охрабри земјите со високи приходи да продолжат да складираат дози. За да се спречи таков исход, богатите земји, мултилатералните развојни банки и глобалните здравствени агенции ќе треба да го прошират производството на иРНК-вакцини во региони и земји што имаат мал или никаков капацитет. Тоа би помогнало да се дистрибуираат овие вакцини низ целиот свет, да се намалат цените и да се направат вакцините подостапни за секого. Долгорочно, подисперзирано производство би можело да им помогне на земјите да произведуваат вакцини што не се поврзани со ковид-19, заштитувајќи го светот од други болести и подобро подготвувајќи го за следната пандемија.
Зголемување на испораките
Ако раните резултати за ефикасноста на вакцините против омикрон се остварат во поголемите студии, ќе има уште посилна побарувачка за иРНК-вакцините низ светот. Во моментов, речиси сите иРНК-вакцини се произведуваат во Европа и во САД. За производство на вакцини како целина, капацитетот е висококонцентриран во Кина, Европската Унија, Индија, Велика Британија и САД. Тоа им обезбедува меѓународно влијание на државите што произведуваат вакцини. За да се направи дистрибуцијата поправична, компаниите мора да изградат локации за производство на иРНК-вакцини низ целиот свет, особено во Африка и во Латинска Америка или во помалите држави. Поголемата дисперзија би помогнала да се минимизираат трошоците за вакцинацискиот национализам. На тој начин, во тие земји прво релативно би се исполниле домашните потреби за дози, а потоа остатокот би се наменил за извоз. За да се забрза процесот, земјите од Г20 треба да обезбедат нови локации за производство на вакцини со финансирање и техничка помош. Тие исто така треба да го олеснат протокот на опрема и критични суровини. Конечно, големите економии мора да ги поттикнат производителите да изградат повеќе такви капацитети, нудејќи помош доколку е потребна.
Подготвени за непознатото
Но во повеќето идни сценарија, на светот ќе му треба поголем производствен капацитет за иРНК-вакцини, кои теоретски се многу поедноставни за приспособување од конкуренцијата. Во следните месеци, земјите треба да размислат и за отворање погони за вакцини базирани на протеини, од кои првата, произведена од „Новавакс“, штотуку беше одобрена од Европската Унија и СЗО. Компаниите и владите мора да градат производствени локации што сами се флексибилни, за да можат лесно да се префрлат од правење на една вакцина на друга. Целта е објектите да можат брзо да започнат со производство на различни видови вакцини за ковид-19 или дури и да преминат во производство на рутински имунизации.
Нееднаквата покриеност со вакцинација не може магично да се поправи со создавање поправеден производствен капацитет. За да се справат со овој проблем, владите, меѓународните институции и бизнисите мора да преземат заеднички активности за да ја подобрат распределбата на вакцините, капацитетот на ладен синџир и снабдувањето со помошни добра. Но со проширување и диверзификација на капацитетот за производство на вакцини, светот може да го зголеми снабдувањето со вакцини и да ја подобри дистрибуцијата и подобро да ја заштити планетата од инфекции. Најбогатите земји и компании имаат одговорност да му помогнат на светот додека се јавуваат мутации на коронавирусот и додека се бори со какви било болести што може да се појават во иднина.