Американскиот претседател ја искористи геостратешката и економската ранливост на Европа за да склучи еднонасочен трговски договор и да наметне трошење од пет отсто од БДП за одбрана
Сликата зборуваше многу: наметнатата насмевка на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која покажува палец нагоре во стилот на Трамп, додека американскиот претседател радосно се смешка покрај неа; лицата на членовите на европската делегација со воздржаност наспроти лицата на Американците што сјаеја по потпишувањето на трговскиот договор со кој се наметнува царина од 15 отсто за европскиот извоз без никакви отстапки за возврат. Сцената се случи минатата недела во голф-клубот „Тарнбери“ што го поседува Трамп во Шкотска.
– Резултатот е лош. Тоа беше јасно од времетраењето на состанокот во неделата: ниедни големи преговори не можат да се завршат за еден час. Можете да го видите тоа на говорот на телото на таа последна фотографија – забележа Жозеп Борел, поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
Генералниот секретар на НАТО,, Марк Руте го опиша разорното сценарио, порачувајќи му на Трамп: „Летате кон уште еден голем успех во Хаг. Европа ќе плати многу, како што треба, и тоа ќе биде ваша победа“. Руте, кој никогаш не се воздржуваше да покаже презир кон своите партнери во ЕУ, кога не се согласуваше со нив додека беше премиер на Холандија, беше јавно посрамен во јуни кога неговите пораки беа откриени на т.н. платформа за вистина на Трамп; пораки што му кажуваат на Трамп дека неговите сојузници од НАТО ќе сторат сѐ за да достигнат пет отсто од БДП за трошоците за одбрана. Тоа се случи неколку дена пред самитот на Атлантскиот сојуз во Холандија.
– Ние сме малку како вазали. Вака е од 1945 година. Но, никогаш не било толку очигледно – вели Игнасио Молина, истражувач во аналитичкиот центар „Елкано ројал институт“.
За нешто повеќе од половина година, американскиот претседател ги разоткри сите слабости на Европа. Со својата застрашувачка и агресивна реторика, тој покажа дека без разлика колку европските лидери зборувале за „стратешка автономија“, континентот е далеку од постигнување на тоа. Европа немаше сила да се слушне или да влијае врз владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да прогласи прекин на огнот за да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа. И, во врска со Украина, Вашингтон ја тргна Европа настрана во нејзините обиди да преговара за прекин на огнот, и покрај сите пари потрошени од неговите европски сојузници. Гласот на Европа не значеше многу. Всушност, не значеше ништо кога Израел го бомбардираше Иран, во потег што се закани да го турне светот на досега непозната територија.
– Трамп не е причина за слабоста на Европа, тој едноставно ја искористува на начин на кој другите американски претседатели не го направиле тоа. Во таа смисла, пактот на НАТО за одбранбени трошоци од пет отсто од БДП и трговскиот договор се многу слични – вели Ханс Крибе, основач и истражувач во Бриселскиот институт за геополитика (БИГ).
Овој поранешен советник на Европската комисија додава дека „трговскиот договор всушност не претставувал преговори за трговија, туку за заштита што Европејците мора да ја платат за својата безбедност од Русија“.
Брисел признава дека бил попречен за време на разговорите со Вашингтон од стравот што го чувствувале балтичките земји и поранешни советски сателити од Москва. А Борел го потврди тоа во телефонски разговор со „Ел паис“.
– Секако, зависноста што ја имаме од САД во безбедноста е значајна во последните месеци. Трамп го знае тоа и ја искористи. Но, не е само тој, туку тоа ни го кажа и Барак Обама. Ни кажа на пријателски начин, а ние не го послушавме. Ханс Крибе, кој ја напишал книгата „Моќници: Европски средби со суверена моќ“, ја сумира јасно ситуацијата: „Тоа не беа преговори меѓу две суверени држави, туку меѓу суверена моќ и слаба држава или сојуз на слаби држави што зависат од САД за нивната безбедност. Тоа е сè“.
Чарлс А. Купчан, професор на универзитетот „Џорџтаун“ и член на Советот за надворешни односи (ЦФР), верува дека ЕУ „можеше да направи повеќе за да се одбрани“ при преговорите за царини со САД, но во исто време разбира дека Брисел пресметал оти секоја трговска војна со Вашингтон може да се прелее во „сферата на безбедноста и дека одеднаш Европа може да биде принудена сама да ги менаџира Украина и Русија… Ми се чини дека ЕУ претпочиташе да не ризикува ескалација“.
Трамп никогаш не го криел својот анимозитет кон Европа, а особено кон ЕУ, политичка организација што, според него, е создадена со единствена цел да ги „зафркне САД“, како што имаше навика да забележува за време на неговата изборна кампања. Идејата дека Брисел и Лондон, како и преостанатите трговски партнери на Вашингтон, со децении ја искористуваат наводната добра волја на САД, беше целосно прифатена од поддржувачите на МАГА во првите неколку месеци од вториот мандат на Трамп.
Нападите врз ЕУ дојдоа од истакнати членови на кабинетот на Трамп. Потпретседателот Џеј Ди Венс предизвика огромна врева кога го искористи своето прво патување во странство за да ги прекори министрите на ЕУ за нивните европски вредности на минхенската безбедносна конференција. Потоа беше Пит Хегсет, министерот за одбрана, чии идеи за Европејците беа разоткриени од „Сигналгејт“: Европејците, рече тој во протечениот разговор, не се ништо друго освен „муфтеџии“ и „патетични“. А сега американската администрација испрати закон до „муфтеџиите“.
Европејците беа свесни за своите геополитички и економски слабости. Тие уште минатата година беа посочени во извештаите составени од поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, и поранешниот премиер на Италија, Енрико, а не беа ниту први што го сторија тоа. Драги го истакна недостатокот на инвестиции во ЕУ и технолошкиот јаз меѓу двете светски сили, што ја прави ЕУ зависна од САД во дигиталниот универзум. На пример, електронските плаќања со кредитни картички (виза, мастеркард и американ експрес) и дигиталните услуги (Пејпал, Епл пеј и Гугл пеј) се во американски раце.
ЕУ почна да решава некои од своите недостатоци, како што се инвестициите во одбраната, но резултатите нема да бидат видливи преку ноќ. Дури и кога се чини дека работите се движат брзо за Брисел, тие всушност се движат бавно. На пример, во февруари Комисијата лансираше фонд од 150 милијарди евра за заедничка набавка на оружје меѓу две или повеќе земји од ЕУ. Оваа недела стана познато дека 18 земји членки побарале вкупно 127 милијарди евра. Тие сè уште имаат рок до ноември да ги финализираат деталите за нивните барања, по што ќе поминат повеќе од 10 месеци.
– ЕУ не е неважна. Но, во моментов не е подготвена да дејствува како геополитичка или геоекономска сила. Трамп едноставно ја разоткрива таа слабост, тој не ја создал. И други актери, исто така, ги спротивставуваат земјите од ЕУ едни против други, бидејќи е многу лесно да се направи тоа. Тоа не е нивен проблем, тоа е проблем на Европа – објаснува Даниел С. Хамилтон од американскиот аналитички центар „Брукингс“.
Постојат и прашања за менталитетот и решителноста.
– ЕУ треба да го промени својот начин на пристап кон работите. Кога ќе станете геополитичка сила, мора да бидете обединети и мора да имате економска моќ. ЕУ е повеќе или помалку обединета, има повеќе или помалку економска моќ, но ние мора да бидеме подготвени да бидеме многу поагресивни. ЕУ има многу да научи. Кина и Соединетите Американски Држави го користат пристапот до пазарот како начин за остварување на својата моќ и мислам дека ЕУ треба да направи повеќе од тоа – вели Џорџина Рајт, виша истражувачка во институтот „Германски Маршалов фонд“.
Тоа беше очигледно во судирот меѓу Вашингтон и Пекинг на почетокот на трговската војна на Трамп годинава. И двете страни ја ескалираа ситуацијата со зголемување на царините на превисоко ниво. Потоа, на почетокот на април, Кина воведе контрола врз извозот на седум ретки метали што се клучни во производството на високотехнолошки производи. Кратко потоа, двете страни потпишаа примирје. Овој пристап е во рамките на дофат на Европејците, но тие сè уште не одлучиле да го користат. За време на трговските преговори со Соединетите Американски Држави, Комисијата размислуваше за активирање на инструментот против принуда, правна алатка што ќе ѝ овозможеше да наметне даноци за трговија со услуги или да стави вето на пристапот до јавни набавки од страна на американските компании во ЕУ. Но, немаше едногласност: неколку члена предводени од Берлин и Рим одбија да се приклучат.
Оваа плашливост и недостаток на единство кога станува збор за искористување на принудниот арсенал што ѝ е достапен на ЕУ ги искуси од прва рака Жозеп Борел. Претходникот на Каја Калас постојано повикуваше на повеќе активности за зауздување на Израел во Газа, но не успеа.
– Тоа покажува дека имаме мало влијание врз Израел, меѓу другото, затоа што не ги користиме инструментите што ни се на располагање, во однос на суспендирањето на договорот за соработка. Постојано велиме „однесувајте се како што треба“… Не се осмелуваме да го вознемириме Нетанјаху или да санкционираме барем двајца крајно десничарски православни свештеници за она што го кажуваат и што го прават на Западниот Брег. Кнесетот (израелскиот парламент) гласаше за анексија на Западниот Брег, нешто на што отворено повикаа – вели Борел.
Ставот на Борел беше потврден во јули. Откако Комисијата утврди дека Израел ги крши човековите права во Појасот Газа, таа иницираше суспензија на договорот за асоцијација, барем делумно. Предлогот на Брисел за санкција не беше ништо повеќе од симболичен, сведувајќи се на ставање вето на учеството на Израел во научна програма. Дури ни тоа не беше можно со оглед на противењето од неколку партнери, а Германија прва ја блокираше иницијативата.
Сè што се случи во првата половина од годинава, со кулминација кога Фон дер Лајен заклучи штетен трговски договор во голф-клубот „Тарнбери“ на Трамп, во Шкотска, како што посочува Крибе, во голема мера ја оштетува позицијата на Европа на светската сцена.
– Тоа води кон меѓународна изолација. Јасно го видовме тоа во Африка, каде што нашето единствено присуство е во Сомалија, каде што ја финансираме мировната мисија таму. Човек би можел да претпостави дека, бидејќи бевме колонијални сили, ќе го задржиме влијанието, но не. Мора да останеме пообединети и подготвени да не го следиме Вашингтон на секој чекор – заклучува Борел.