Рускиот нуклеарен извоз повторно е во нагорен тренд и се обидува да се поврзе со што повеќе земји, користејќи 60-годишни договори за гориво и услуги што доаѓаат со руските нуклеарни централи (АЕ). Нуклеарните амбиции на Русија се одраз на пошироката стратегија за консолидирање на нејзиното глобално влијание со проекти што се во тек, во земји како Бангладеш, Унгарија, Кина, Египет, Индија, Иран и Турција. „Фајненшл тајмс“ претходно објави дека Русија е вклучена во повеќе од една третина од сите нови реактори што се градат во светот

„Фајненшл тајмс“: Русија е вклучена во повеќе од една третина од сите нови реактори што се градат во светот

Реномираната „Геополитика“ изнесува информација дека „Русија гради повеќе од 10 нуклеарни единици на странска почва за да помогне во капитализирање на растечката побарувачка на енергија поттикната од вештачката интелигенција и пазарите во развој“. Цитирајќи неколку енергетски аналитичари, медиумот објавува дека „ураниумот е новиот гас, а Русија останува еден од главните извори на ова збогатено нуклеарно гориво“.
Во исто време, повикувајќи се на повеќе светски извори, медиумот пишува дека „рускиот нуклеарен извоз цвета бидејќи се обидува да се поврзе со повеќе земји, користејќи 60-годишни договори за гориво и услуги што доаѓаат со руските нуклеарни централи (АЕ). Нуклеарните амбиции на земјата се одраз на поширока стратегија за консолидирање на нејзиното глобално влијание со проекти што се во тек, во земји како Бангладеш, Унгарија, Кина, Египет, Индија, Иран и Турција“.
И покрај тешките санкции насочени кон нејзината нафтена и гасна индустрија поради војната во Украина, Москва ја зајакна својата улога како главен снабдувач на нуклеарна енергија. Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Борис Титов, специјалниот претставник на Кремљ за меѓународна соработка во одржливоста, ги истакна руските амбиции.
– Градиме повеќе од 10 различни единици низ светот. Ни треба многу енергија. Нема да можеме да ја обезбедиме оваа енергија без користење нуклеарни централи. Знаеме дека е сигурна, не испушта стакленички гасови, па затоа е многу чиста – рече Титов.

Зголемена побарувачка за нуклеарна енергија

Меѓународната агенција за атомска енергија предвидува зголемување на глобалниот капацитет за нуклеарно производство за 155 отсто до 2050 година, достигнувајќи 950 гигавати. Според истражувањето на Норвешкиот институт за меѓународни односи „проширеното портфолио на Русија вклучува изградба на реактори, снабдување со гориво и сродни услуги во 54 земји“. Се издвојуваат и руските проекти како што се „унгарскиот објект ’Пакс 2‘ и развојот во Турција и Бангладеш“.
Русија, исто така, ги унапредува плановите за мали модуларни реактори во Узбекистан и потпиша договори со властите во Буркина Фасо.
„Фајненшл тајмс“ претходно објави дека Русија е вклучена во повеќе од една третина од сите нови реактори што се градат во светот. Меѓутоа, според известувања за јавноста на официјален Кремљ, објавени во „Ворлд нуклеар њуз“, „амбициите на Русија за нуклеарна енергија се насочени и кон домашниот пазар“. Нацртот на рускиот план објавен во септември 2024 година вклучува дури 34 нови нуклеарни централи во Русија до 2042 година. Тие се спој од големи и мали реактори и вклучуваат замена на постојните единици, како и нови локации.