Фото: ЕПА

Акцијата на Трамп во Венецуела има потенцијал да влијае на глобалните пазари на нафта, да ги преобликува сојузите меѓу големите сили и да ги поткопа нормите околу суверенитетот и интервенционизмот

Зборувајќи само неколку часа по успешната операција за соборување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, претседателот Доналд Трамп издаде остро предупредување: „Американската доминација на западната хемисфера никогаш повеќе нема да биде доведена во прашање“. Но брзото отстранување на претседателот на Венецуела и ветувањето на Трамп да „управува“ со земјата додека го вади нафтеното богатство во корист на американските компании, веројатно ќе имаат последици далеку надвор од Америка.
Важноста на Венецуела не лежи само во нејзината близина до Соединетите Американски Држави туку и во нејзината улога како геополитички центар на конкуренцијата меѓу големите сили. Таа е енергетска суперсила, симбол на идеолошко спротивставување на САД и има изградено блиски односи со американските ривали. Исто така, беше сведок на една од најголемите бегалски кризи во модерната историја – која сега би можела да се влоши.
Акцијата на Трамп во Венецуела има потенцијал да влијае на глобалните пазари на нафта, да ги преобликува сојузите меѓу големите сили и да ги поткопа нормите околу суверенитетот и интервенционизмот. Лидерите на други јужноамерикански земји, како што се Колумбија, Мексико и Куба, се будат во свет во кој суверенитетот на нивните земји не е загарантиран. Во продолжение се наведени начините на кои преземањето на власта во Венецуела од страна на Трамп би можело да го промени светот.

Доминација во нафтениот и енергетскиот сектор

Преземањето на контролата врз нафтената индустрија на Венецуела од страна на САД, во теорија, би изгледало како економска благодат за Вашингтон. Јужноамериканската држава има најголеми докажани резерви на нафта во светот, а контролата врз тие огромни ресурси треба да донесе и значителна финансиска корист за САД.
Но реалноста е многу посложена. Венецуела моментно произведува помалку од еден милион барели нафта дневно, или околу 0,5 отсто од глобалното производство на нафта. Од тие еден милион барели, јужноамериканската земја извезува само околу половина.
Нејзината енергетска инфраструктура е попречена од години санкции, лошо управување и недостиг од инвестиции откако Венецуела ја национализира својата нафтена индустрија во 2000-тите. Трамп минатата недела вети дека американските енергетски компании се подготвени да инвестираат милијарди долари за обнова на нафтената инфраструктура на Венецуела, но експертите предупредуваат дека тоа може да потрае со години, ако не и со децении, пред да бидат постигнати одредени резултати.
Сепак, уште еден непосреден ефект е тоа што се чини дека САД се на работ да ја преземат контролата врз голем снабдувач на енергија за Кина. Пекинг вложи десетици милијарди долари во договори за нафта за кредити за да обезбеди снабдување што не се наоѓа во област контролирана од САД. Во таа смисла, Венецуела беше полиса за осигурување за енергетската безбедност на Кина.
Испораките на нафта од Венецуела до Кина, нејзиниот главен купувач, во просек изнесуваа над 600.000 барели дневно во декември 2025 година, според „Ројтерс“. Само неколку часа пред неговото апсење, Мадуро се сретна со Ќиу Сјаоки, специјалниот претставник на кинеската влада за латиноамерикански прашања, во претседателската палата „Мирафлорес“.
Губењето на такво клучно стратешко енергетско партнерство, кое постојано растеше, би претставувало удар за Кина и би можело да им обезбеди на САД одредена предност во иднина. Сепак, краткорочно, Трамп се чини дека се обидува да ги ублажи стравовите на Кина. Како одговор на прашањето за состанокот на Мадуро со кинеските претставници пред неговото апсење, Трамп изјави за „Фокс“: „Имам многу добри односи со кинескиот претседател Си и нема да има проблем. Тие ќе добијат нафта“.

Иран е ослабен

Падот на Мадуро ќе има значително влијание врз Иран, каде што САД долго време се обидуваат да го сменат државното раководство. Иран е близок сојузник на Венецуела од почетокот на 2000-тите, кога земјите ги водеа Уго Чавез и Махмуд Ахмадинеџад, двајца лидери што се дефинираа на светската сцена со нивното спротивставување на хегемонијата на САД.
Каракас беше стратешко упориште на Иран на западната хемисфера и клучен партнер во помагањето да се избегнат санкциите. Иран со години испраќа рафинирано гориво, опрема и експертиза за да ја зајакне нафтената индустрија на Венецуела во замена за многу потребната финансиска поддршка. Нивното партнерство се прошири и на воена соработка, при што Венецуела купува ирански дронови и друго оружје.
Тоа партнерство сега би можело да се прекине, дополнително ослабувајќи го нестабилното иранско раководство, кое е под притисок по заедничкиот израелско-американски напад изминатото лето и со тековните протести.

Право на посилниот

Според која било мера, апсењето и притворањето на актуелен претседател се настан што ги крши меѓународните норми. Исто како што војната во Ирак често се смета за катализатор за колапсот на поредокот базиран на владетели по Втората светска војна, дрското апсење на Мадуро од страна на Трамп и неговата наведена намера да ги контролира земјата и нејзините ресурси би можеле да предизвикаат уште една промена во начинот на кој функционираат моќните земји.
И другите големи сили би можеле да го сфатат прекршувањето на меѓународните норми од страна на Трамп како покана да го сторат истото тоа или да продолжат да го прават тоа. САД постојано се повикуваат на аргументи за суверенитет, но тие аргументи сега ќе имаат помала тежина.

Американска хемисфера

Апсењето на Мадуро го означи најсилниот потег на администрацијата на Трамп досега во нејзиното свртување кон проектирање влијание на западната хемисфера. Во часовите по операцијата, Трамп им даде и причина за загриженост на лидерите на другите јужноамерикански земји. За време на телефонско интервју за „Фокс њуз“, Трамп предупреди дека „нешто ќе мора да се преземе во врска со Мексико“, додавајќи дека ја прашал претседателката на земјата, Клаудија Шајнбаум, дали сака помош во справувањето со наркокартелите во земјата.
Колумбискиот претседател Густаво Петро, ​​кого Трамп исто така го обвини за вмешаност во производство на дрога, исто така добил остро предупредување од Трамп.
– Тој прави кокаин и го испраќаат во Соединетите Американски Држави, па затоа мора да внимава – рече Трамп.
За комунистичките лидери на Куба, малата островска нација што ги попречува лошите намери на Америка кон неа од 1950-тите, апсењето на Мадуро е закана за опстанокот. Куба долго време се потпираше на Венецуела за поголемиот дел од своето снабдување со енергија и добива десетици илјади барели нафта по субвенционирани цени. Помеѓу јануари и ноември минатата година, Венецуела испраќаше 27.000 барели сурова нафта и гориво дневно во Куба, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на податоци за испорака и интерни документи од државната нафтена компанија ПДВСА.
Санкциите на САД против Венецуела доведоа до пад на тој тек во последните месеци, но партнерството се смета за заслуга за одржување на кубанската економија на површина. Трамп, исто така, ги предупреди нејзините лидери на минатонеделната прес-конференција, опишувајќи ги како „неуспешна нација“.
Државниот секретар Марко Рубио, кој се смета за клучна фигура во справувањето на Трамп со Венецуела, со години зборува за својата желба сегашниот кубански политички систем да биде соборен. Утрото по нападот, тој имаше јасна порака до нејзините лидери.
– Во некои случаи, еден од најголемите проблеми што го имаат Венецуелците е што мора да прогласат независност од Куба. Тие се обидоа во основа да ја колонизираат од безбедносна гледна точка. Значи, погледнете, ако живеев во Хавана и бев во владата, барем малку ќе бев загрижен – рече Рубио.
Сенаторот Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина, беше подиректен, велејќи: „Се надеваме дека крајот на владеењето на теророт на господин Мадуро во Венецуела е близу, а потоа можеме да се фокусираме на Куба, еден од неговите најголеми сојузници и еден од најрепресивните режими во нашиот двор“.