Ахмед ал-Шара / Фото: ЕПА

Од водач на Ал каеда до доверлив партнер на САД

  • Сирискиот претседател Ахмед ал Шара постигна две големи победи: успеа да го унапреди своето ветување за обединување на целата сириска територија под единствено водство и да стане омилен сириски партнер на САД

Брзото преземање од страна на сириската влада на територијата што долго време беше под контрола Сириските демократски сили предводени од Курдите беше оформено во низа тајни состаноци во Дамаск, Париз и во Ирак претходно месецов, изјавија за „Ројтерс“ девет извори информирани за средбите одржани зад затворени врати. Извештаите, кои претходно не беа објавени и споделени под услов на анонимност, покажаа дека САД не застанаа на патот на воената операција што радикално го промени балансот на моќ во Сирија, на сметка на некогашниот нивен сојузник.
Средбите го отворија патот за сирискиот претседател Ахмед ал Шара да постигне две големи победи: да го унапреди своето ветување за обединување на целата сириска територија под едно водство и да стане омилен сириски партнер за администрацијата на САД под претседателот Доналд Трамп, велат изворите.
Неговата офанзива ефикасно ја збриша автономната зона што курдските власти се надеваа дека ќе ја одржат на североистокот на Сирија и ги тестираше границите на поддршката на Вашингтон за Ал Шара, кој некогаш го предводеше локалниот огранок на Ал каеда. Но сирискиот бунтовник, кој стана претседател, успешно се избори со предизвиците, а американскиот претставник Том Барак рече дека Вашингтон сега може да соработува со сириската држава и нема интерес да одржува посебна врска со СДФ.
– Се чини дека Ал Шара е мајсторски стратег – рече американски извор информиран за ставот на Вашингтон за Сирија.

НАВРЕМЕНО ПРЕДЛОЖЕНА ОФАНЗИВА

САД беа поддржувачи на СДФ од 2015 година, кога овие сили беа предвидени за протерување на Исламската држава од североистокот на Сирија. СДФ подоцна ја искористија таа територија за да воспостават автономна енклава, со посебни цивилни и воени институции.
Но кон крајот на 2024 година, бунтовничките сили на Ал Шара го соборија долгогодишниот сириски владетел Башар ал Асад и ветија дека ќе ја стават цела Сирија под контрола на новата влада, вклучувајќи ги и областите управувани од СДФ. По повеќемесечни разговори во 2025 година, зададениот рок за СДФ да се интегрира со Дамаск до крајот на годината помина со мал напредок. Тогаш почна да се создава погодно тло за офанзива.
На 4 јануари, состанокот за интеграција во Дамаск меѓу сириските претставници и СДФ беше ненадејно прекинат од сириски министер, според тројца курдски претставници. Следниот ден, сириска делегација отпатува во Париз на разговори со Израел, посредувани од САД, за безбедносен пакт. Сириските претставници го обвинија Израел дека ги поддржува СДФ, а во Париз ги повикаа израелските претставници да престанат да ги охрабруваат Курдите да ја одложуваат интеграцијата, изјавија два сириски извора информирани за состанокот. Додека беа таму, сириските претставници предложија ограничена операција за враќање на дел од територијата што ја држат СДФ и не добија никакви приговори, изјави друг сириски извор информиран за ова прашање.
Министерствата за информации и надворешни работи на Сирија не одговорија веднаш на прашањата на „Ројтерс“ во врска со состанокот во Париз. Американскиот Стејт департмент го упати „Ројтерс“ на изјавата на Барак во која СДФ се повикуваат да се интегрираат и се вели дека САД немаат интерес за долгорочно воено присуство во Сирија.
– Бидејќи самиот бев присутен на целиот трилатерален состанок во Париз, Израел никогаш не го оправда нападот на сириската армија врз сириските Курди. Секое тврдење дека сме го сториле тоа е лажно – рече Јехиел Лајтер, израелски амбасадор во САД.
Сириската влада доби посебна порака од Турција дека Вашингтон ќе одобри операција против СДФ доколку курдските цивили бидат заштитени, изјави сириски функционер. Турција постојано интервенираше во Сирија против СДФ, обвинувајќи ја за врски со забранетата Курдска работничка партија, која водеше децениски бунт во Турција.
– Договорот во Париз даде зелено светло за оваа војна – рече курдската политичка функционерка Хадија Јусеф.

КУРДИТЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПРЕДАДЕНИ

Две недели подоцна, офанзивата беше во тек и Вашингтон почна да им сигнализира на СДФ дека се откажува од својата долгогодишна поддршка, изјавија американски дипломат, еден од сириските извори и друг сириски соговорник информиран за ова прашање.
На 17 јануари, Барак се сретнал со командантот на СДФ, Мазлум Абди, во курдскиот регион на Ирак, и му рекол дека интересите на САД се поврзани со Ал Шара, а не со СДФ, рекоа трите извори. Претставник на СДФ го негираше тврдењето.
Американски воен функционер и двајца курдски функционери рекоа дека САД им дале на СДФ гаранции за заштита, доколку офанзивата на Ал Шара им наштети на курдските цивили или ги дестабилизира центрите за притвор во кои се затворени припадници на Исламската држава.
Додека сириските трупи се пробиваа покрај зоната што првично предложија да ја освојат, американската војска ги повика да го запрат напредувањето, а коалициските авиони истрелаа предупредувачки ракети над одредени жаришта. Но тие акции беа далеку под очекувањата на Курдите.
– Она што го прават коалициските сили и американските функционери не е прифатливо. Дали навистина ви недостигаат принципи? Дали сте толку подготвени да ги предадете вашите сојузници – рече Јусеф.
Запрашан за гаранциите на САД, американскиот Стејт департмент го упати „Ројтерс“ на изјавата на Барак за интеграцијата на СДФ.

АЛ ШАРА РЕЧИСИ ЈА ПРЕЦЕНИ СВОЈАТА МОЌ

Ал Шара речиси ја прецени својата моќ во последната фаза од офанзивата, изјавија американски извор информиран за позицијата на Вашингтон и двајца други американски извори запознаени со американската политика. Неговите сили брзо ги вратија провинциите со арапско мнозинство од СДФ и продолжија да напредуваат. До 19 јануари, тие ги опкружија последните градови под контрола на Курдите на североистокот на Сирија, и покрај прекинот на огнот објавен претходниот ден.
Но американската администрација беше лута што сириските трупи го игнорираа примирјето и се плашеа од масовно насилство врз курдските цивили, изјавија три американски извори. Двајца од нив рекоа дека американските пратеници размислуваат за повторно воведување санкции врз Сирија доколку продолжат борбите.
Претставник на Белата куќа изјави за „Ројтерс“ дека САД ги следат случувањата во Сирија „со голема загриженост“ и ги повика сите страни да „дадат приоритет на заштитата на цивилите кај сите малцински групи“.
Додека неговите сили се приближуваат кон последните упоришта на Курдите, Ал Шара одеднаш објави нов прекин на огнот во вторникот. Тој рече дека неговите трупи нема да продолжат доколку СДФ предложат план за интеграција до крајот на неделата.
Американските извори рекоа дека ненадејната објава на Ал Шара го задоволила Вашингтон и дека тој сега е „на чисто“. Неколку минути подоцна, Барак ја издаде својата изјава.
– Првичната цел на СДФ како борбена сила против Исламската држава во голема мера истече – рече тој, додавајќи дека најдобрата можност за Курдите доаѓа под новата влада на Ал Шара.