По пожарот што ја зафати Богородичната црква на 15 април 2019 година, државата всушност го презеде проектот за нејзина реконструкција, наспроти црквата, која необично остана во заднина. Па така е и со церемониите за нејзиното повторно отворање предвидено за викендов, на кои нема да присуствува папата Франциск. Најавеното отсуство на церемонијата во Париз на папата Франциск предизвика шок и кај Макрон и кај француската јавност. Тоа навистина е силна порака! А папата во исто време ќе биде во непосредна близина, на Корзика. Навистина силна шлаканица, особено земајќи ја предвид француската чувствителност за корзиканското прашање…
Долгоочекуваното отворање на катедралата во Париз исфрли на површина многу противречности генерирани од Елисејската палата
Од почетокот на изминатото лето, политиката се сети на луѓето од Богородичната црква во Париз. Во Елисејската плата не се крие намерата да се искористи она што се смета за успешен облог од и „на“ францускиот претседател Емануел Макрон. Фотографии од градилиштето се забранети, за да се зачуваат неизвесноста и увидот на шефот на државата. А преговорите почнаа за секого на Денот Д: преговори во живо меѓу архиепископијата и претседателството, тајни размени, изненадувачки пресврти. Макрон ќе зборува, нема да зборува? На плоштадот? Во катедралата? Ваквата ситуација станува сапунска опера на есента во Франција. Црквата не сакаше „Макрон да одржи политичка миса внатре во обновената катедрала“. По пожарот што ја зафати Богородичната црква на 15 април 2019 година, државата всушност го презеде проектот за нејзина реконструкција, наспроти црквата, која необично остана во заднина. Па така е и со церемониите за нејзиното повторно отворање предвидено за викендов, на кои нема да присуствува папата Франциск, кој избра да ја посети Корзика само неколку дена подоцна.
Искушение за наплаќање влез
Кога министерката за култура Рашида Дати, во интервју за „Ле фигаро“ на 23 октомври, зазеде позиција во корист на наплата за „туристички посети“ на катедралата – што, според неа, ќе овозможи „да се спасат сите цркви во Франција“, некои го гледаа нејзиниот став како скршнување од патот, а други како далечински управувана ракета што доаѓа директно од Елисејската палата. Пресметката на министерката е едноставна: петнаесет милиони влезници од пет евра би донеле 75 милиони евра годишно. Но луѓето во црквата се загрижени, дали Богородичната црква во Париз сè уште е дом на Господ или, како што сугерираат цените, сега е храм на туроператорите? Уметноста е во служба на верата, културата и богослужбата измешани заедно: нели е тоа самата цел на изградбата на катедралите?
– Во комерцијален свет, малку работи се бесплатни. Местата за убавина се ретки. Не гледам како да му наплаќам некому што влегува во црква, барајќи мир – протестира господинот Рибадо Думас, ректорот на Богородичната црква.
Што ако оваа контроверзија што ја почна Рачида Дати не е единствена?
Инсталиран во „Отел дју“, главно испразнет од медицинските оддели, овој иден музеј (уште една желба на претседателот на Републиката) требаше да ги смести богатствата на катедралата – уметнички, археолошки, религиозни – кои не се наоѓаат таму, на своето место. Работите требаше да започнат во 2026 година, а отворањето е планирано за 2028 година. Проектот е во мирување. Поради недостиг од доделен буџет, архитектонскиот конкурс сѐ уште не е распишан.
Атрактивноста на Богородичната црква – официјално втората најпосетувана зграда во Франција, по „Лувр“ – парадоксално предизвикува загриженост. За да достигне 75 милиони евра, Рашида Дати смета на прогнозите објавени за повторното отворање, за очекувани петнаесет милиони посетители годишно.
Денес, официјалната бројка е околу дванаесет милиони. Дури се верува дека знае дека оваа бројка е преценета: „Во реалноста, ние сме уште поблиску до девет милиони. Секојпат кога поранешниот ректор (на функција од 2003 до 2016 година) примал новинари што го прашувале за бројот на посетители, тој одговарал: ’Колку ви кажав минатата година? Десет милиони? Па оваа година е десет и пол милиони‘. Така стигнавме до дванаесет“.
Сепак, процените не беа засновани на одредено веродостојно броење.
– Одвреме-навреме стававме момче на влезот со рачен бројач и броевме. Сфативме дека сме поблиску до девет милиони, па се обидовме полека да ги исправаме бројките, доживувајќи пад на посетеноста. Но, во секој случај, девет милиони се монструозни. Петнаесет милиони посетители годишно би значеле 40.000 луѓе дневно, практично еден посетител во секунда – наведува црковен службеник за „Монд“.
Предвидувајќи ги проблемите што може да ги предизвика таквиот прилив, епархијата се претвори во „бесплатен систем за резервации“: компјутерска апликација, создадена од специјалисти за регулирање на протокот, давајќи можност веднаш да се регистрирате во одредено време, за да се избегне чекање на плоштадот.
(Не)очекувано отсуство на папата Франциск?
Во овој сложен свет што не сака да се дешифрира, најинтригантната тишина останува онаа на папата. Неговото отсуство на церемониите за повторно отворање се чини неразбирливо за верниците. Но не и за архиепископот Лоран Улрих.
– Тоа го знаев долго време. Отидов да го видам по моето назначување, летото 2022 година. Го прашав дали ќе дојде на инаугурацијата на крајот на 2024 година. Тој ми одговори, не, јас продолжувам со моите патувања во мали земји, во земји каде што Црквата не е многу важна или во тешкотии. Ова одговара на начинот на кој тој ја гледа својата служба, на неговата навика да оди таму каде што неговите претходници не оделе толку често. Тешките ситуации во светот се негова голема грижа. Пред неколку месеци повторно официјално го поканив со писмо. Без резултат. Писмото на Ан Идалго или упорните барања на Емануел Макрон до Ватикан немаа повеќе ефект – објаснува Улрих.
Од страна на епархијата, ова отсуство беше дури и посакувано, се вели во свештеничките кругови, бидејќи се смета дека доаѓањето на папата Франциск би можело да го засени повторното отворање на Богородичната црква, со што негова посета би станала настан сам по себе.
Во Елисејската палата, од друга страна, отсуството на папата се сфаќа како омаловажување: педесет шефа на држави ќе го слушаат претседателот Макрон на плоштадот, а папата отсуствува? Згора, беше објавено дека светиот отец мора да оди на островот Корзика на конференција на 15 декември, што може да се смета за навреда од страна на официјален Париз?
– Да се оди на Корзика на конференција за народната побожност навистина е стилот на папата Франциск, неговата еклисиологија. Ме трогна тоа што неговиот начин на замислување на Црквата е да ја направи Црква на народот – на овој начин Улрих помирувачки го одобрува недоаѓањето на папата, во изјава за париски „Ле монд“.
Ватикан неколкупати го одложуваше објавувањето на патувањето на папата Франциск на Корзика, поради недостиг од покана од Макрон. А планираната посета на папата на Корзика на 15 декември предизвика војна на нервите меѓу Ватикан и Париз. Вообичаено е меѓународното патување на папата да биде официјално потврдено еден месец однапред. Овие одложувања на потврдата укажуваат на тоа дека зрно песок се лизна во запчаниците, иако совршено подмачкани, на организацијата на понтифичките посети. Овој мал камен на сопнување не е римски. Тој е од Елисејската палата.
– Невозможно е папата да замине во земја, без засегнатите јавни власти официјално да го поканат – објасни многу информиран извор од Ватикан неделава.
Планот за понтификална посета на Корзика е готов. Техничката посета на Ватикан се одржува во Ајачио на 14 и 15 декември. Потребна е само покана од претседателот на Републиката за Ватикан да го потврди патувањето на папата. Но на ова француско зелено светло, формална покана од претседателот на Републиката упатена до папата сè чекаше долго, до денот кога Емануел Макрон се врати од патувањето во Латинска Америка, каде што учествуваше на самитот на Г20.
Сепак, неколку извори уверија дека одлуката на папата Франциск да ја одбие поканата на Макрон за присуство на церемонијата на повторно отворање на катедралата во Париз на 8 декември, додека тој ја прифатил поканата на црквата во Корзика една недела подоцна, била многу лошо примена од претседателот на Републиката. Всушност јавното мислење во Франција во голема мера ја почувствува оваа одлука како папско омаловажување за државата.
Папата Франциск: Не одам во Париз!
Препукувањата на релацијата Франциск – Макрон веројатно ќе бидат прекинати на 15 декември, кога претседателот на Републиката ќе му подаде рака на папата на Корзика. Особено што оваа посета ветува дека ќе биде успешна, во празничниот град Ајачио каде што Корзиканците ќе можат топло да му се заблагодарат на Франциск за неговиот избор. Но епизодата ќе остане запишана во историјата.
На претседателските лутења ќе им претходи, помалку познато, слично папско вознемирување, пријавено од неколку сведоци, на инсистирање на Емануел Макрон апсолутно да го прими својот „пријател“ Франциск на 8 декември, во подножјето на кулите на обновената Богородична црква. Што може да го објасни и нервозниот и многу сув одговор на папата на 13 септември: „Нема да одам во Париз!“
Сепак, оваа сага не може да се сведе на приказна за навредени чувства. Постои и недоследност на одредени служби на папата. Како тие можеле да го потценат крајно предвидливиот шок што ќе предизвика отсуство на церемонијата во Париз и посета на Корзика во непосредна близина. Особено земајќи ја предвид француската чувствителност на работ на корзиканското прашање.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур