- Технолошката фирма „Мајкрософт“ го прекина пристапот на израелската војска до вештачка интелигенција и услуги за податоци откако „Гардијан“ откри таен разузнавачки проект
„Мајкрософт“ го прекина пристапот на израелската војска до технологијата што ја користеше за управување со моќен систем за надзор што „собираше“ милиони телефонски повици од палестински цивили што се остваруваа секојдневно во Газа и на Западниот Брег, открива „Гардијан “.
„Мајкрософт“ им соопшти на израелските власти кон крајот на минатата недела дека таканаречената „Единица 8200“, елитна разузнавачка агенција на израелската војска, ги прекршила условите за користење што ги налага компанијата, со складирање огромна колекција на податоци стекнати со надзор во својата клауд-платформа „Азуре“, велат извори запознаени со ситуацијата.
Одлуката да се прекине можноста на „Единицата 8200“ да користи дел од технологијата што ја поседува е директен резултат на истрага објавена од „Гардијан“ минатиот месец. Таа откри како „Азуре“ се користел за складирање и обработка на колекција палестински комуникации во програма за масовно следење.
Во заедничка истрага со израелско-палестинското издание „+972 Магазин“ и медиумот на хебрејски јазик „Локал кол“, „Гардијан“ откри како „Мајкрософт“ и „Единицата 8200“ работеле заедно на план за преместување големи количества чувствителен разузнавачки материјал во „Азуре“.
Проектот започна по состанокот во 2021 година помеѓу извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, и тогашниот командант на единицата, Јоси Сариел.
Како одговор на истрагата на „Гардијан“, „Мајкрософт“ нареди итна надворешна истрага за да се преиспита нејзиниот однос со „Единицата 8200“. Првичните наоди сега ја наведоа компанијата да го откаже пристапот на единицата до некои од нејзините услуги за клауд-складирање и вештачка интелигенција.
Опремена со речиси неограничениот капацитет за складирање и компјутерската моќ на „Азуре“, „Единицата 8200“ изгради неселективен нов систем што им овозможува на нејзините разузнавачки оперативци да собираат, да репродуцираат и да анализираат содржина од телефонските повици на целото тамошно население.
Мантрата „милион повици на час“ ги опишува амбициите на „Единицата 8200“
Проектот беше толку обемен што, според извори од „Единицата 8200“, која е еквивалентна во својата надлежност на Агенцијата за национална безбедност на САД, внатрешно се појави мантрата „милион повици на час“ што ја доловуваше нејзината амбиција.
Според неколку извори, огромното складиште на материјал од пресретнати повици, кој изнесуваше дури 8.000 терабајти податоци, се чуваше во центар за податоци на „Мајкрософт“ во Холандија. Во рок од неколку дена откако „Гардијан“ ја објави истрагата, „Единицата 8200“ се чини дека брзо ги премести податоците од надзорот надвор од земјата.
Според извори запознаени со огромниот трансфер на податоци надвор од земјата на ЕУ, тоа се случило на почетокот на август. Разузнавачки извори рекоа дека „Единицата 8200“ планирала да ги префрли податоците на клауд-платформата „Амазон веб сервисес“. Ниту Израелските одбранбени сили (ИДФ) ниту „Амазон“ не одговорија на барањето за коментар.
Прекинот на пристапот на Израелците до технологијата е резултат на внатрешно незадоволство во „Мајкрософт“
Вонредната одлука на „Мајкрософт“ да го прекине пристапот на шпионската агенција до клучна технологија беше донесена под притисок од вработените и инвеститорите, поради нејзината работа за израелската војска и улогата што нејзината технологија ја игра во речиси двегодишната офанзива во Газа.
Заедничката истрага на „Гардијан“ предизвика протести во седиштето на „Мајкрософт“ во САД и еден од неговите европски центри за податоци, како и барања од страна на група предводена од работници, за прекин на сите врски со израелската војска.
Во четвртокот, потпретседателот и претседател на „Мајкрософт“, Бред Смит, ги информира вработените за одлуката. Во е-пошта во која „Гардијан“ имаше увид, тој рече дека компанијата „прекинала и оневозможила сет услуги за единица во рамките на израелското Министерство за одбрана“, вклучувајќи клауд-складирање и услуги за вештачка интелигенција.
– Ние не обезбедуваме технологија за олеснување на масовниот надзор на цивили. Го применуваме овој принцип во секоја земја низ целиот свет и постојано инсистираме на тоа повеќе од две децении – соопшти Смит.
Одлуката ненадејно става крај на тригодишниот период во кој шпионската агенција ја водеше својата програма за надзор користејќи ја технологијата на „Мајкрософт“. „Единицата 8200“ ги користеше своите експанзивни можности за надзор за да ги пресретне и собере повиците. Потоа, шпионската агенција користеше приспособена и одвоена област во рамките на платформата „Азуре“, дозволувајќи податоците да се чуваат подолг временски период и да се анализираат со помош на техники управувани од вештачка интелигенција.
Иако почетниот фокус на системот за надзор беше Западниот Брег, каде што околу три милиони Палестинци живеат под израелска воена контрола, разузнавачките извори изјавија дека платформата за складирање базирана на клауд-технологија била користена во офанзивата во Газа за да се олесни подготовката на воздушни напади.
Откритијата покажаа како Израел се потпирал на услугите и инфраструктурата на големите американски технолошки компании за да го поддржи бомбардирањето на Газа, во кое загинаа повеќе од 65.000 Палестинци, претежно цивили и се создаде длабока хуманитарна криза и криза со глад, според тврдењата на палестинските надлежни служби.
– Додека нашиот преглед е во тек, во овој момент идентификувавме докази што ги поддржуваат елементите од известувањето на „Гардијан“ – се вели во пораката од извршен директор на „Мајкрософт“ до израелското Министерство за одбрана кон крајот на минатата недела, според документ во кој „Гардијан“ имал увид.
Раководството на технолошката компанија им кажало на израелските претставници дека „Мајкрософт“ „не се занимава со олеснување на масовното набљудување цивили“ и ги известила дека ќе го „оневозможи“ пристапот до услугите што го поддржуваа проектот за надзор на „Единицата 8200“ и ќе ја суспендира употребата на некои производи од вештачката интелигенција.
Прв познат случај на повлекување услуги што американска компанија ги обезбедува за израелската војска од почетокот на војната во Газа
Прекинувањето е првиот познат случај на американска технолошка компанија што ги повлекува услугите што ѝ ги обезбедува на израелската војска од почетокот на војната во Газа. Одлуката не влијаела на пошироките комерцијални односи на „Мајкрософт“ со ИДФ, кои се долгогодишен клиент и ќе го задржат пристапот до други услуги. Прекинувањето ќе отвори прашања во Израел за политиката на чување чувствителни воени податоци во клауд-технологија од трета страна хостиран и во странство.
Откритијата од минатиот месец за употребата на технологијата на „Мајкрософт“ од страна на „Единицата 8200“ следуваа по претходна истрага на „Гардијан“ и неговите партнери за поширокиот однос помеѓу компанијата и израелската војска. Таа сторија, објавена во јануари и базирана на протечени досиеја, покажа како зависноста на ИДФ од „Азуре“ и неговите системи за вештачка интелигенција се зголеми во најинтензивната фаза од нивната кампања во Газа.
По тој извештај, „Мајкрософт“ го започна својот прв преглед на тоа како ИДФ ги користи технолошките услуги. Во мај компанијата соопшти дека „дотогаш не пронашла докази“ оти војската не ги почитувала своите услови за користење или ги користела „Азуре“ и технологијата за вештачка интелигенција „за да ги цели или повреди луѓето“ во Газа.
Сепак, истрагата на „Гардијан“ со „+972 “ и „Локал кол“ објавена во август, што откри дека проектот за надзор базиран на клауд-технологија бил користен за истражување и идентификување цели за бомбардирање во Газа, ја наведе компанијата да ги преиспита своите заклучоци.
Објавите предизвикаа тревога кај високите раководители на „Мајкрософт“, создавајќи загриженост дека некои од нејзините вработени со седиште во Израел можеби не биле целосно транспарентни за нивното знаење за тоа како „Единицата 8200“ го користела „Азуре“ кога биле испрашувани како дел од истрагата.
Компанијата соопшти дека нејзините раководители, вклучувајќи го и Надела, не биле свесни дека „Единицата 8200“ планирала да го користи, или оти на крајот го користела „Азуре“ за складирање на содржината на пресретнатите палестински повици.
Потоа „Мајкрософт“ го започна својот втор и поцелен преглед, кој го надгледуваа адвокати во американската фирма „Ковингтон и Бурлинг“. Во својата белешка до вработените, Смит рече дека истрагата не пристапила до никакви податоци за клиентите, но нејзините наоди се засновани на преглед на внатрешни документи, е-пошта и пораки на „Мајкрософт“ меѓу вработените.
– Сакам да ја истакнам нашата благодарност за известувањето на „Гардијан“ – напиша Смит, напоменувајќи дека на тој начин на виделина биле изнесени „информации до кои не можевме да пристапиме во светлината на нашите обврски за приватност на клиентите“. Тој нагласи и дека истрагата на „Мајкрософт“ е во тек.