Поранешниот каталонски претседател во колумна за порталот „Политико“ опишува како го избегнал апсењето од шпанските власти
Минатиот четврток ( 8 август) граѓански организации и каталонски политички партии организираа јавен настан во центарот на Барселона, на само неколку метри од каталонскиот парламент, во рок од 24 часа. Причината? Да го поздрават моето враќање по речиси седум години во егзил.
Но поради судиите на Врховниот суд на Шпанија, кои одлучија да поддржат некои од налозите за апсење против оние што го организираа референдумот за независност на 1 октомври 2017 година, ова враќање предизвика голема тензија. Факт е дека овие налози беа потврдени, иако шпанскиот парламент го одобри Законот за амнестија, кој наредуваше да се укинат сите мерки што нѐ спречуваат да ги оствариме нашите политички права.
Не сум бил осуден – дури ни суден. Избран сум во парламентот на Каталонија и сум меѓу прогонетите политичари и активисти за кои треба да важи овој Закон за амнестија. Но политизираниот втор совет на Врховниот суд одлучи да се побуни против законот што не му се допаѓа, не почитувајќи го демократскиот парламент.
Ова го нарекувам хибриден удар – одредени судии ја поткопуваат волјата на народот и под превезот на владеење на правото го поништуваат законот донесен од демократската влада. Закон за амнестија да не може да даде амнестија би било апсурдно насекаде во Европа, а сепак токму тоа се случува во Шпанија.
Со тврдењето дека доброволните прилози за финансирање на референдумот, кои јавноста не ја чинеа ништо, претставува лично богатење, судот во суштина го редефинира кривичното дело „проневера“. Искривувањето на реалноста што се случува со цел да не’ стави надвор од опсегот на Законот за амнестија е толку надреално, што не само што го занемарува законот туку ги исмева и шпанските законодавци.
Секој што го прочитал законот не би имал ниту еден сомнеж во однос на неговиот опсег и намера, а неколку авторитативни правни експерти, вклучувајќи и почесни членови на Врховниот суд, веќе го изразија своето мислење за тоа.
Да бидат работите уште полоши, и Јавното обвинителство и Државното правобранителство побараа да се применува Законот за амнестија и за нас. Во вообичаени околности, судиите автоматски би прифатиле такви барања. Но, наместо тоа, тие избраа да признаат приватен прогон од екстремно десничарската партија Вокс, што потврдува дека ова е судски прогон од политичка природа.
Ветив дека ќе се вратам дома на инвестициската дебата на новиот претседател на владата на Каталонија, кој секогаш го избира парламентот. Со сите мои политички права недопрени, моја должност беше да учествувам во оваа важна дискусија. И така, политизираните шпански судии ѝ наредија на каталонската полиција да ја искористи можноста да ме уапси.
Ризикот да бидам испратен во шпански затвор во наредните години беше исклучително висок. Сепак, решив да се вратам. Не само тоа, најавив каде, кога и во кое време ќе се појавам пред илјадници луѓе.
Попладнето на 6 август успеав да пристапам до Кнежеството Каталонија и да се упатам кон Барселона без да ме откријат. Два дена подоцна можев да поминам неколку улици и да стигнам до бината без да ме уапсат. И можев да зборувам со непокриено лице, на неколку метри од седиштето на Високиот суд на правдата на Каталонија и самиот парламент, пред толпа луѓе.
Сакав да одам во парламентот, но полицијата ја опколи целата област, што ја оневозможи мојата намера. Да се обидев, тоа ќе беше еднакво на предавање на судските власти – за кои верувам дека немаат законско овластување да ме прогонуваат, бидејќи ги прекршуваат меѓународните норми, како и законодавството усвоено од шпанскиот парламент.
Не се вратив во Каталонија за да ме уапсат. Се вратив да го остварам правото да се спротивставам на угнетувањето. Кога судијата одбива да го примени демократскиот закон, тоа е облик на угнетување – кој ниту еден демократ не треба да го толерира.
Презедов многу голем личен ризик за да го насочам вниманието на системски проблем на шпанското судство и да ја осудам политичката опсесија на судот, кој треба да биде непристрасен при донесувањето одлуки. Па така, за да останам слободен, морав да го активирам алтернативниот план што го подготвив – имено, да зборувам на настанот, да избегнам незаконско апсење и да ја напуштам Шпанија.
Тоа не беше лесно. Полицијата предизвика хаос низ Каталонија додека се обидуваше да ме уапси – член на парламентот, политичар чие „злосторство“ беше организирање референдум; не терорист или трговец со оружје, не убиец или силувач. Последен пат во Каталонија беше организирана ваква масовна операција точно пред седум години, под мое претседателство, а тоа беше поради страшните џихадистички напади во Барселона и Камбрилс.
Но, на крајот, мојата ексфилтрација беше успешна. Немаше потреба да се кријам во багажникот на автомобилот, како што тврдат дека направив. Седнав во задниот дел на приватно возило и ме возеа преку границата меѓу јужна Каталонија и северна Каталонија, која административно е француска територија.
Сега се надевам дека еден ден правдата ќе се врати во шпанските судови, а судиите ќе го почитуваат законот донесен од парламентот, за да можам трајно да се вратам дома.
Карлес Пуџдемон
Авторот е поранешен каталонски претседател