ЕУ стравува дека претседателот Трамп би можел да ја напушти Украина доколку блокот не му даде поддршка на Блискиот Исток
Најголемиот страв на европските лидери е дека војната на Доналд Трамп во Иран ќе го наведе да ја напушти Украина.
Владите се преплашени дека американскиот претседател би можел да им се одмазди на европските сојузници на Америка поради одбивањето на неговите повици за помош на Блискиот Исток, првенствено преку прекинување на она што остана од американската помош за Киев, тврдат четворица дипломати на ЕУ запознаени со нивните дискусии. Додека брзаат да избегнат траен прекин во трансатлантските односи, лидерите се надеваат дека нивната понуда за ограничена поддршка за неговата акција против Техеран ќе биде доволна за да го убедат Трамп да остане на истиот курс во конфликтот со Русија.
Војната во Иран „не смее да ни го одвлече вниманието од поддршката што ѝ ја даваме на Украина“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на крајот од минатонеделниот самит на ЕУ во Брисел.
Лесно е да се види зошто лидерите на ЕУ се толку вознемирени. Во последните денови Трамп постојано ги критикуваше затоа што не направиле повеќе за да му помогнат да го деблокира Ормускиот Теснец, прекуокеанскиот пат што го користат околу 20 проценти од светската нафта, а кој практично беше затворен од Иран. Тој исто так експлицитно ја поврза континуираната вклученост на САД во НАТО со конфликтот на Блискиот Исток.
„НАТО Е ХАРТИЕН ТИГАР!“, напиша тој во објава на „Трут сошл“ за време на викендот. „Се жалат на високите цени на нафтата што се принудени да ги плаќаат, но не сакаат да помогнат да се отвори Ормускиот Теснец… КУКАВИЦИ“, заклучи тој. „Ќе го запомниме ова“.
Во исто време, продлабочувајќи ги стравовите за трансатлантскиот сојуз, Москва му понуди на Вашингтон договор „услуга за услуга“, според кој Кремљ би престанал да споделува разузнавачки информации со Иран доколку Вашингтон престане да ја снабдува Украина со информации за Русија, откри „Политико“ во петокот.
Иако САД ја одбија понудата, според две лица запознаени со преговорите меѓу САД и Русија, самиот факт што таа била понудена укажува на можна размена меѓу вклученоста на САД во Украина и онаа на Блискиот Исток.
„Во моментов се појавува пукнатина помеѓу Европа и САД, за што, како страстен проамериканец и трансатлантист, жалам“, изјави финскиот претседател Александар Стуб во интервју за „Дејли телеграф“. „Но, тоа е реалност со која морам да живеам. И очигледно се обидувам да го спасам она што можам“.
Ракети како бонбони
Владите се загрижени дека војната во Иран ги троши ракетите и муницијата за воздушна одбрана што му се потребни на Киев за да се заштити од Русија, изјавија за „Политико“ четворицата дипломати на ЕУ, на кои им беше дозволена анонимност за да разговараат за чувствителни дипломатски прашања.
„Кога гледате што направи Трамп со Гренланд, како по каприц го прекина споделувањето разузнавачки информации со Украина, секогаш постои ризик (дека Трамп би можел да ја повлече поддршката за Украина)“, рече еден од дипломатите.
„Загриженоста е очигледно во тоа што Блискиот Исток го одвлекува вниманието од Украина“, додаде втор дипломат од средно голема земја на ЕУ. „Емиратите истрелуваат ’патриоти’ (ракети за воздушна одбрана) како бонбони, додека на Украина очајно ѝ се потребни. Не смее да се дојде до ситуација ‘или-или’, во која САД имаат капацитет само за еден конфликт и ја напуштаат Украина“, додаде дипломатот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше експлицитен за ризикот од таква размена, велејќи за Би-би-си во четвртокот дека има „многу лошо чувство“ за влијанието на војната на Блискиот Исток врз Украина. Тој изрази жалење што додека војната продолжува, мировните преговори меѓу Украина и Русија предводени од САД „постојано се одложуваат“ во она што Кремљ го нарекува „ситуациска пауза“.
Украинските преговарачи викендов отпатуваа во САД на разговори со пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Вториот ги пофали разговорите како „конструктивни“ во објава на „Икс“, но не даде никакви навестувања за тоа кога би можеле да продолжат преговорите со Русија.
Контрола на штетата
Европските лидери, вклучувајќи ги францускиот Емануел Макрон, британскиот Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги зголемуваат напорите за да покажат дека ја поддржуваат целта на американскиот претседател за ослободување на Ормускиот Теснец.
Во својата веќе позната улога, Руте беше отворен во пофалбите за напорите на Трамп. Поранешниот холандски премиер минатата недела го нарече уништувањето на иранскиот воен капацитет од страна на САД и Израел како „многу важно“, поврзувајќи го со „европската безбедност“ во време кога некои лидери на ЕУ, како шпанскиот премиер Педро Санчез, ја критикуваа војната како „нелегална“.
Макрон беше повнимателен во јавноста, но активен зад сцената. Во два одделни разговора со Трамп пред минатиот четврток, францускиот претседател го уверил својот американски колега дека Франција ќе помогне во чистењето на теснецот кога условите ќе го дозволат тоа, според коментарите на самиот Трамп, наведе трет дипломат на ЕУ што бил информиран за разговорите.
„Станува збор за менаџирање со човекот“, рече дипломатот.
Во раните часови во петокот, Макрон, кој инаку вети дека ќе испрати поморски одред во Ормускиот Теснец откако ќе стивне жешката фаза на војната, рече дека Франција ја следи целта за негово ослободување преку Обединетите нации. Како одговор на прашање од „Политико“ на Европскиот совет во четвртокот, францускиот лидер рече дека Париз има намера да ги „испита своите главни партнери“ за поднесување резолуција во Советот за безбедност за обезбедување на слободата на навигација во виталниот воден пат.
„Трамп не е обожавател на Обединетите нации, но би можел да види предност во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН што би ја формирала основата за поширока коалиција за ослободување на теснецот“, рече четврти дипломат на ЕУ.
Британскиот премиер Стармер исто така прави повеќе за да му помогне на Трамп на Блискиот Исток. По извештаите дека Иран истрелал балистичка ракета кон американско-британската база Диего Гарсија во Индиски Океан, Стармер им даде зелено светло на САД да ги користат британските бази за напади врз ирански локации што целат на Ормускиот Теснец.
Претходно тој даваше дозвола базите да се користат само за одбранбени напади.
Стармер беше и главен организатор на изјавата потпишана од седум земји на ЕУ и сојузници (Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Холандија, Канада и Јапонија) во која тие изразија „подготвеност да придонесат во соодветните напори за да се обезбеди безбедно поминување низ теснецот“. Запрашан за намерата на оваа изјава, која не ветува никаква итна материјална помош, третиот дипломат рече: „Тоа е дел од истиот напор. Мораме да му покажеме на Трамп дека сме активни на Блискиот Исток. Тоа е во наш интерес, но и во интерес на Украина“.
Таквите ветувања засега остануваат нејасни. Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц тврдат дека немаат намера да бидат вовлечени во војната во Иран.
Но, што се однесува до Трамп, „изгледот е важен – понекогаш повеќе од суштината“, рече истиот дипломат.
































