Водителка на емисијата „Поглед“ на „Еј-би-си“ ѝ даде можност на Харис да поентира со прашањето „што би направиле поинаку од тоа што го правел Бајден“, на што потпретседателката кусо одговори „нема нешто што ми паѓа на ум“, по што се почувствуваа силен удар и пад во кампањата, а и самата Харис сфати дека има проблем
Тоа требаше да биде бесплатна реклама – панел од жени што не ја кријат возбудата поради средбата со Камала Харис, подготвени да ја претстават на нивната верна публика, сочинета од тип жени за кои кампањата на потпретседателката се надеваше дека ќе бидат клучни за нејзиното гласачко тело. Тоа беше момент што опфати еден од најголемите предизвици со кои се соочи нејзината кампања – и кој на крајот, се покажа несовладлив.
– Што, ако воопшто би менувале нешто, би направиле поинаку од претседателот Бајден во изминатите четири години – беше прашана Харис од ководителката на емисијата „Поглед“ на „Еј-би-си“, Сани Хостин, со што ѝ даде можност да стекне некој политички поен.
– Нема нешто што ми паѓа на ум – рече Харис.
Дури и Харис сфати дека има проблем, обидувајќи се да се приспособи на ситуацијата момент подоцна, велејќи дека би ставила републиканец во својот кабинет.
Помошниците од нејзиниот изборен штаб не чекаа Харис да заврши со снимањето за да почнат со активности за ублажување на штетата. Демократ што разговарал со Харис изјави за „Си-ен-ен“ дека во тоа време таа не сакала да ги именува нејзините разлики со претседателот Џо Бајден – вклучувајќи ги оние за повисока даночна стапка на капитални добивки, поголем даночен кредит за деца и построга гранична политика – бидејќи таа мисли дека тоа би изгледало нелојално кон човекот што ја избрал за свој потпретседател, а потоа и се повлекол и ѝ го отстапил местото во претседателската трка.
Имаше силен удар врз кампањата, која веќе се мачеше со безволниот октомври по септемвриската дебата, на која речиси секој политички набљудувач, освен Доналд Трамп, призна дека таа триумфирала. Додека новите помошници во кругот на Харис покажаа решителност, таа се бореше со подготовките. Стана колеблива, губејќи дел од самодовербата што ги дефинираше првите недели од нејзиното повторно претставување во земјата. Помошниците, кои успешно ја оттргнаа од нејзината комфорна зона на почетокот на годината, се чувствуваа како да налетуваат на ѕидовите што таа ги поставуваше.
„Си-ен-ен“ разговараше со повеќе од десетина високопозиционирани соработници во изборните штабови во Вилмингтон, во Делавер и на теренот, како и со повеќе волонтери и локални функционери, во текот на последните недели од претседателската трка.
Земја што очајнички бара промени, доби кандидатка што, во клучен момент, при вклучувањето на повеќе гласачи, реши да ја ублажи промената за која беше свесна дека таа ја претставува.
Во опсегот на демократскиот билет што го направи најголемиот пресврт во рејтингот на одобрување и најбрзата консолидација околу нов кандидат во историјата на модерната претседателска политика, ова можеби изгледаше како минорен момент. Но, всушност, рефлектираше подлабоки проблеми: некои, како на пример, со персоналот околу неа, за кој можеби можела да се приспособи; и еден со Бајден, кој не успеа да го надмине, при што внатрешните анкети покажаа дека огромно мнозинство гласачи мислат оти земјата е на погрешен пат.
До моментот кога Харис оформи појасен и поостар контрастен одговор на прашањето поврзано со Бајден, ситуацијата се разви на начини со кои таа не успеа да се справи – и меѓу гласачите од центарот што се колебаа, а кои сакаа да ја слушнат како таа се противи на претседателот во однос на неговото справување со економијата и гласачите од левицата, кои сакаа да ја слушнат како порешително ја отфрла поддршката на Бајден за Израел.
Но можеби поголемиот проблем со Бајден, за кој водечките демократи негодуваа по таа судбоносна дебата во јуни, и повторно додека ги гледаа резултатите како „поцрвенуваат“ (црвената е боја на Републиканската партија – н.з.) во вторникот, е тоа дека тој никогаш не требаше да биде ниту блиску до претседателската трка годинава. Ако се повлечеше по среднорочните избори, како што бараа од него некои соработници, процесот на Демократската партија можеше да се одигра во предизборната кампања. Недостатоците на кандидатите можеа да се решат – или не. Речиси сигурно, кој и да беше кандидиран ќе ги дочекаше последните недели без толку многу Американци да се жалат дека не знаат доволно за него, како што рекоа за Харис. Бајден можеше да преземе улога на управител и постар државник, наместо на човек со кој кампањата на Харис никогаш не знаеше што точно да прави.
Пад на доцниот наплив на оптимизам
Високите соработници на Харис признаа дека потпретседателката веројатно ќе загубеше, доколку изборите беа пред две-три недели. Но тие влегоа во вторникот со чувство дека таа стигнала до веројатна победа. Разговорите еден на еден што волонтерите ги водеа додека тропаа на вратите на американските домови изгледаше како да успеваат. За првпат во неговите девет години доминирање на американската политичка сцена, ликот на Трамп се чинеше дека се покажува како вистински товар за оние што сакаа да гласаат за него.
Водечките демократи се насмевнаа размислувајќи за тоа што би значело да се победи Трамп со првата жена претседател – обоена жена, ќерка на двајца имигранти, обвинителка и кандидатка што зборуваше за радост и ја понуди својата насмевка против нерасположениот израз на лицето на Трамп што станува негов најчест израз. Нејзината кандидатура го поттикна кај нив непознатото чувство на надеж.
Тоа чувство исчезна до 23 часот во вторникот. Но за многумина вознемирени демократи, ова е само почеток. Почнувајќи од денот на изборите, многу врвни оперативци на Демократската партија низ кампањата и во сојузните држави му кажаа на „Си-ен-ен“ различни верзии на истата мисла: ако ова не функционираше – со масовната кампања што тие успеале да ја остварат, со милиони врати на кои затропаа волонтери што ги преплавија државите на т.н. „бојно поле“, со поранешната републиканка Лиз Чејни и поранешниот претседател Бил Клинтон обединети, додека силно се залагаат за неа, а познатите личности од Бед Бани до Арнолд Шварценегер ја ставаат својата културна „тежина“ во полза на нејзина поддршка – што ќе функционира?
– Не можам да замислам, не можам ни да размислам како би било доколку победи Доналд Трамп, бидејќи тој ни кажува толку мрачни и злобни работи што ќе ги направи, а јас му верувам – изјави сенаторот Кори Букер по завршувањето на кампањата доцна во понеделникот попладне во округот Бакс во Пенсилванија, една од најважните области во клучната неопределена држава на „бојното поле“.
Демократот од Њу Џерси рече дека веќе го предупредил својот персонал да не се откажува.
– Треба да станеме следното утро и да продолжиме напред. Им кажав колку не ми се допаѓа да слушам како луѓето велат, ах, ако тој и тој победи, јас ќе одам во Канада. Тоа едноставно не е нашата историја. Видовме навистина лоши исходи од лошите историски настани во нашата земја и тука сме поради издржливоста, цврстината, силата на нашата земја. И луѓето, дури и во најлошите времиња, се обидоа да го направат најдоброто за нашата земја – рече Букер.
Внатрешни кавги и изборот на Волц
Тимот на Харис со задоволство ќе одвоеше повеќе време за да ја претстави потпретседателката во земјата, која, пак, по менувањето на билетите во јули, се будеше секое утро во штабовите на кампањата и во државите што чувствуваа дека заостануваат во планираното.
Но до моментот кога кампањата го изведе својот симултан митинг низ државите на „бојното поле“ во понеделникот навечер, кој заврши со настап на Лејди Гага, меѓу помошниците на Харис и врвните поддржувачи се ширеше нервозно чувство дека можеби овозможиле да се активира одредено движење.
Тие помошници беа збунети. Бајден не само што се бореше како кандидат туку не успеа да привлече врвни таленти во неговата кампања затоа што генерацијата на идни демократи никогаш не можеше да почувствува возбуда во однос на кампањата на Бајден. Харис се обиде да им приклучи дел од својот тим, дури и не обрнувајќи внимание на тензиите меѓу нив од раните денови на администрацијата на Бајден со претседателката на кампањата, Џен О’Мали Дилон, задржувајќи ја на чело.
Но некои од оние што беа во Вилмингтон една година пред Харис да стане претседателска кандидатка, се нафрлија на нивните нови шефови. Поранешните ученици на Барак Обама, менаџерот на кампањата Дејвид Плуф, но и многу други што се насочија на државните активности, се обидоа да развијат понекогаш застарено, но често поискрено чувство за тоа како да се придобијат гласачите.
Попатно, повеќе помошници му кажаа на „Си-ен-ен“ колку не се поднесуваат едни со други. Но мисијата да се победи Трамп и кратката временска рамка за обидот да се стигне до таму помогнаа да се скријат многу внатрешни борби што можеше да експлодираат во текот на подолга кампања. Наместо тоа, само конфликтот беснееше зад кулисите додека помошниците како Стефани Катер преземаа контрола во дефинирањето на тоа што Харис го кажува.
И тие тензии се манифестираа речиси од почетокот на оваа кратка кампања, во внатрешните расправии околу тоа кого Харис треба да го избере за нејзин кандидат за потпретседател. Кандидатурата за гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, беше силна и не само затоа што шурата на Харис, Тони Вест, ѝ кажуваше дека заедно изгледаат како иднината на Демократската партија и дека популарниот гувернер ќе се погрижи таа да ја освои Пенсилванија. Десничарските медиуми не беа единствените што забележаа во колкава мера Шапиро стана клон на Обама, колку што може да биде Евреин од предградијата на Филаделфија: учениците на Обама што одеднаш се вклучија во нејзината кампања се залагаа за Шапиро.
Сепак, на Харис ѝ се допадна гувернерот на Минесота, Тим Волц. Нејзе ѝ се допадна неговата реплика дека републиканците се чудни. Нејзе ѝ се допадна начинот на кој тој наликуваше како лесен и скромен. Нејзе ѝ се допадна начинот на кој се сложуваа во нивното интервју, вклучувајќи го и неговиот јавно искажан стрес дека ќе се збрка во дебата со кандидатот на Трамп, сенаторот од Охајо, Џеј Ди Венс. И ѝ се допадна начинот на кој Волц искажуваше почит без разлика на тоа како таа ќе ја дефинира работата за него.
На крајот, Харис донесе одлука што истовремено ги одразува нејзината новопронајдена самодоверба и нејзината долгогодишна несигурност, заедно со довербата во сопствените инстинкти, и задоволна со тоа што оди против своето семејство и против кругот на Обама, но исто така и без намера да има некој што евентуално ќе ја надмине.
Потоа, бидејќи врвните соработници ја држеа Харис подалеку од интервјуа и непредвидени моменти, со недели подолго отколку што многумина во кампањата мислеа дека има смисла, и Волц беше нужно „чуван во кутија“, за да не биде прикажан како попристапен отколку што навистина е така.
Во вторникот наутро, во североисточна Филаделфија, Шапиро го отфрли прашањето дали Пенсилванија – и трката – ќе изгледаа поинаку доколку тој беше изборот на Харис.
– Мислам дека таа направи одличен избор со Тим Волц – рече тој.
Демократите се обидуваат да го сфатат „ударот во стомакот“ што го претрпеа
Претседателот Бајден гледаше како резултатите доаѓаат од Белата куќа, упатувајќи неколку повици до локалните победнички кандидати назад во Делавер. Некои што разговараа со него додека ја носеше одлуката да се откаже во јули, накратко се задржаа на она што би можело да биде – можеби тој можеше да победи со задржување на своите бројки дури и во окрузите каде што на крајот ја надмина Харис или сепак ќе загубеше, но барем немаше да го стави товарот врз црна жена. Ништо не кажа јавно.
Харис одеше на позитивност. Таа трчаше на инклузивност. Таа ја убеди партијата полна со инсајдери, кои влегоа подготвени да ја отпишат неа за номинацијата на Демократската партија во 2028 година, дека треба да се залагаат за неа во 2024 година.
На почетокот на ноќта во вторникот, кога се чинеше дека победата е на само неколку часа, луѓето што дојдоа на прославата на Харис, танцуваа. Се чинеше дека една дипломирана девојка од Универзитетот „Хауард“ ќе влезе во историјата на својот стар кампус ХБЦУ. Во еден момент, камерата ја пронашла претседателката на студентското тело во толпата, а таа поцрвенела додека се гледала себеси проектирана на големиот екран. Очекувањата се зголемија додека ечеа извици со повикување на името на секоја држава што се изјаснила за Харис.
Неколку секунди откако беше соопштено изјаснувањето на Северна Каролина во корист на Трамп, аудиото беше исклучено на големите екрани и музиката се разнесе низ звучниците во обид да се задржи позитивната енергија. Повеќето немо зјапаа во бројките, обидувајќи се да сфатат што се случило.
Во главните градови на државите со демократски гувернери, се активираа кризни планови, за кои тие почнаа да веруваат дека никогаш нема да им требаат – за да се заштити пристапот до лекови за абортус, но исто така и да се изработат други заштити од она што тие веруваат дека нема да биде само строга туку одмаздничка администрација. Почнуваат да циркулираат раните размислувања за тоа кој и како ќе се кандидира во 2028 година.