Олеснување на кинескиот визен режим
Кина им изразува добредојде на странските посетители што ќе ја посетат земјата по најновото ажурирање на политиката на безвизен режим, објавено во вторникот од Национална администрација за имиграција (НИА)
Кина во вторникот објави значително олеснување на својата политика за безвизен транзит, продолжувајќи го дозволениот престој за странските патници што ги исполнуваат условите од досегашните 72 и 144 часа на 240 часа или 10 дена, објави новинската агенција „Синхуа“.
Ажурираната политика, исто така, го зголемува пристапот до 60 пристаништа во 24 провинции и региони, во споредба со 39-те пристаништа во 19 региони со претходните прописи.
Граѓаните на 54 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Русија, Канада и Бразил, сега можат да влезат во Кина без визи додека транзитираат во трета земја или регион. Промените имаат цел да ја олеснат размената на туризмот и бизнисот, бидејќи Кина известува за значителен пораст на странските посети годинава. Дополнително, патниците од 38 нации можат да останат во Кина без визи до 30 дена, до 31 декември 2025 година. Новиот безвизен режим опфаќа посети во деловни цели, туристички и семејни посети, како и размена на посети и транзитни патувања.
Областите опфатени со новиот безвизен режим вклучуваат региони со богато културно наследство, како што се Шенси и Џиангси, како и економски центри како регионот Пекинг-Тјанцин-Хебеј и делтата на реката Јангцекјанг.
Подготви: Христо Ивановски