На врвот на листата на ФИДЕ и понатаму се Магнус Карлсен и Јифан Хоу, а на македонската листа и понатаму водат Евгени Романов и Моника Стојковска

ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА МАЈ

Украинскиот велемајстор (ВМ) Васили Иванчук (56) одигра неверојатни 27 партии за 19 дена во април, освојувајќи 40 рејтинг-поени за да се врати меѓу првите 100, поточно на 82-то место на рејтинг-листата на ФИДЕ за мај. Најголем напредок близу врвот оствари победникот на „Опен Рејкјавик“, ВМ од Иран, Пархам Магсудлу, кој со новите 22 поена се врати во клубот 2.700. Актуелниот светски првак, Индиецот Домарају Гукеш, е на третата позиција (2.787), додека бившиот светски првак, Кинезот Динг Лирен е на 21-то место (2.734). На врвот и понатаму е неприкосновен поранешниот петкратен светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.832).
Кај шахистките убедливата победа на Кинезинката Венјун Ју на мечот за светска првенка ѝ овозможи да ја зголеми разликата над сонародничката Тан Жонгји на 44 поени, додека Индијката Химпи Конеру и Кинезинката Жу Џинер се искачија на петтото односно шестото место, Конеру со плус 15, а Џинер со плус 16 поени. Србинката Теодора Ињац, европската првенка за 2025 година, за првпат се најде меѓу првите 20 шахистки во светот со личен највисок рејтинг во кариерата (2474). На врвот и тука е неприкосновена Јифан Хоу (2.633) од Кина.
На македонската машка листа и понатаму прв е ВМ Евгени Романов (2.599), но сега со девет рејтинг-поени повеќе во однос на април. Најмногу рејтинг-поени (13) освои ФМ Андреј Велјаноски (2.299), кој од 17-то се искачи на 15-то место меѓу стоте на македонската листа. На женската листа, пак, без промени, прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.067). Меѓу 41 објавена шахистка, најмногу напредуваше младата Илијана Велева (1.602), која освои 21 рејтинг-поен и за првпат се најде во топ 20 на листата, односно напредуваше за три места.
Екипно, Македонија (мажи) остана на 56-то место, со просечен рејтинг на првите 10 шахисти од 2.424 поени (плус еден поен во однос на април), а шахистките назадуваа едно место и се на 65-то (со ист рејтинг, 1.964), од вкупно 201 шаховска федерација во светот. Кај мажите први се САД (2.730), пред Индија (2.727, +2) и Кина (2.674, +1), а кај жените води Кина (2.487, +6), пред Индија (2.415, -1) и Украина (2.390, +4). Г.И.


ВРВНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТИ

ВМ Евгени Романов 2.599 +9
ВМ Трајко Недев 2.475
ИМ Филип Панчевски 2.428
ВМ Александар Чоловиќ 2.412
ИМ Тони Лазов 2.411 +1

ВРВНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТКИ
ЖФМ Моника Стојковска 2.067
ЖФМ Весна Секуловска 2.064
ЖФМ Ивана Манова 2.020
ЖИМ Габриела Коскоска 2.000
ЖФМ Моника Жежовска 1.964 -2

ВРВНИ ПЕТ СВЕТСКИ ШАХИСТИ
ВМ Магнус Карлсен 2.837
ВМ Хикару Накамура 2.804
ВМ Домарају Гукеш 2.787
ВМ Арјун Еригаиси 2.782
ВМ Фабијано Каруана 2.776

ВРВНИ ПЕТ СВЕТСКИ ШАХИСТКИ
ВМ Јифан Хоу 2.633
ВМ Венјун Ју 2.580
ВМ Леи Тингџие 2.552
ВМ Александра Горјачкина 2.544
ВМ Химпи Конеру 2.543