
- Трамп веројатно има пет приоритети на кои постојано укажува, со одредено оправдување, дека поголемиот дел од Европа не успева да ги исполни: раст, трошоци за одбрана, инвестиции во енергија, конзервативна социјална политика и тврдокорен став за имиграцијата. А сепак постои една земја што се чини дека ги исполнува овие приоритети, но можеби не е онаа што ја очекувате. Соберете ги тие делови од сложувалката и има една земја што необично добро се вклопува во неговата визија. Тоа е Полска
Претседателот Доналд Трамп вели дека Европа се „распаѓа“, водена од „слаби“ лидери што „ги уништуваат своите земји“. Тоа беше поентата од неговото интервју за „Политико“, епитаф за миграциската политика, стратешката положба и владејачката класа на континентот. Тоа се одрази низ главните градови; во Лондон премиерот Кир Стармер се обрати во британскиот парламент за да инсистира дека Европа е „силна и обединета“ зад Украина.
Трамп веројатно има пет приоритети на кои постојано укажува, со одредено оправдување, дека поголемиот дел од Европа не успева да ги исполни: раст, трошоци за одбрана, инвестиции во енергија, конзервативна социјална политика и тврдокорен став за имиграцијата. А сепак постои една земја што се чини дека ги исполнува овие приоритети, но можеби не е онаа што ја очекувате. Во 2017 година тој го пофали нејзиниот „дух на храброст“, дури и цитирајќи го историскиот повик „го бараме Бога“ – како доказ дека националната и религиозната доверба сè уште се живи во Европа. Соберете ги тие делови од сложувалката и има една земја што необично добро се вклопува во неговата визија. Тоа е Полска. И, зачудувачки, се предвидува дека Полска ќе ја престигне Јапонија (некогаш сметана за најголема индустриска закана за Америка, вклучувајќи и од самиот Трамп) во една мерка за животниот стандард следната година.
Трамп ги претстави влоговите како цивилизациски, предупредувајќи ги Европејците во Обединетите нации есеноска дека тие „ги уништуваат вашите земји“, како и при летната посета на Шкотска, велејќи дека миграцијата „ја убива Европа“. Сепак, дури и додека го прикажува континентот во погребни тонови, тој кимнува кон исклучоците со „строги“ гранични политики – Унгарија и особено Полска. „Слаба“ Европа наспроти неколку упоришта.
Критичарите одговараат со свои декларативи. Стармер во британскиот парламент рече дека Европа „остана силна и посветена на слободата и демократијата“, побивајќи ја проповедта за пад од другата страна на Атлантикот. Влијателниот француски весник „Ле монд“го кажа тоа поотворено во уреднички коментар насловен: „Соединетите Американски Држави на Трамп сега се закана за демократијата во Европа“.
Кај националистичката десница, репликата на Трамп се покажува како потврда. Американски конзервативци допатуваа на Конференцијата за конзервативна политичка акција (ЦПАЦ) во Полска во мај за првото издание на конференцијата во Варшава; a присутните американски претставници ги повикаа гласачите да поддржат кандидат што е во согласност со Трамп и ги претставија изборите како „битка за западната цивилизација“.
Спроведете го тестот од „пет приоритети“ на Трамп во однос на Полска и сликата што се појавува не е „распаѓање“, туку брзина – културолошка и економска.
Тргнете од растот. Врз основа на куповната моќ, ММФ ја проценува Полска на околу 55.000 долари БДП по жител во 2025 година, што е значително зголемување од нејзиното пристапување во ЕУ. Според оваа мерка, таа би можела да ја престигне Јапонија веќе во 2026 година. Вработеноста ја раскажува истата приказна. Полска имаше меѓу најниските стапки на невработеност во ЕУ – околу 2,6 проценти, на почетокот на 2025 година.
Во одбраната, Полска лесно ја надминува целта на НАТО за вложување од над два процента, со издвоени над четири проценти од БДП во 2025 година. Премиерот Доналд Туск отворено зборуваше за пет отсто како нова нормала.
Во врска со инвестициите во енергија, Полска прави 60-годишни облози што многу побогати земји се мачат дури и да ги дозволат. На 9 декември 2025 година, Европската комисија одобри државна помош за првата нуклеарна централа во Полска, која треба да се изгради со реактори „вестингхаус АП1000“; Туск рече дека работата ќе започне „сега“. Тоа се случи откако „Интел“ објави повеќемилијардерски вреден кампус за склопување и тестирање во близината на Вроцлав.
Толку за економските индикатори. Културолошки, домашната состојба во Полска е токму таква што наидува на пофалби од таборот МАГА. Земјата има речиси целосна забрана за абортус од 2021 година, а беше ставено вето врз законот од 2024 година за овозможување пристап без рецепт до апчиња за утрото потоа. Исто така, се издаваат големи субвенции што го поддржуваат наталитетот: водечкиот детски додаток се зголеми на околу 220 долари по дете месечно од 2024 година и е широко достапен.
Во однос на имиграцијата, Полска повторно ја повторува реториката на Трамп. Изгради челичен ѕид од пет и пол метри по поголемиот дел од границата со Белорусија и зацврсти електронска бариера од 200 километри со илјадници сензори и камери. Еден истакнат полски пратеник еднаш се пофали дека дозволил „нула“ муслимански мигранти. Сепак, таа исто така спроведе една од најголемите интеграции на бегалци на Западот во модерното време, дозволувајќи им на речиси еден милион Украинци да се регистрираат во земјата по целосната инвазија на Русија.
Соединете ги овие нишки и исклучокот изгледа помалку како анегдота, а повеќе како шема. Земја што Трамп рутински ја фали: животниот стандард расте доволно брзо за веродостојно да ја помине Јапонија врз основа на паритетот на куповната моќ; невработеност меѓу најниските во ЕУ; водечко залагање во НАТО според уделот од БДП; енергетски план подготвен да постави облози од вековни размери; граници доволно цврсти за да ги задоволат најрестриктивните ставови; и интеграција на бегалци доволно голема и успешна за да го зголеми БДП, а не да ги намали платите.
Заклучокот е дека вистинските земји се „неуредни“. Полска старее, а наталитетот останува низок. Фискалните дефицити продолжуваат да алармираат. Зацврстувањето на границите имаше цена платена со животи на белоруската граница, а групите за човекови права и полските судови продолжуваат да ги оспоруваат мерките на државата.
Сепак, културолошката линија е несомнена и објаснува зошто Полска стана дестинација за американската конзервативна парада. На ЦПАЦ во Полска, американските говорници зборуваа за „битка за западната цивилизација“. Тоа може да ги скандализира либералите. Но, исто така, открива многу. За еден дел од американската политика, европскиот исклучок од „распаѓањето“ не е богатството на Швајцарија или социјалната држава на Данска, туку земја што комбинира вооружување, семејни субвенции, изградба на енергетски капацитети, тврди граници и селективна отвореност за соседите.
Тоа не ја оправдува секоја политика во Варшава. Сепак, истовремено ја комплицира и зајакнува приказната што Трамп ја раскажува за европското „распаѓање“.
































