Фото: ЕПА

КИНЕСКАТА ПРОВИНЦИЈА ЏЕЏИЈАНГ ОДИ ЧЕКОР НАПРЕД ВО РАЗВОЈОТ

Подготви: Христо Ивановски

Со цел поттикнување на развојот на индустријата за хуманоидни роботи во Џеџијанг, властите во источната економски моќна кинеска провинција издадоа план за имплементација, објави агенцијата „Синхуа“.
Планот предвиден за периодот од 2024 до 2027 година беше објавен на официјалната веб-страница на Одделот за економија и информатичка технологија на Џеџијанг. Во него се наведува дека провинцијата ќе ја поддржи својата престолнина Хангџу во постигнувањето значајни откритија во технологијата за олицетворена интелигенција, особено во врска со интелигентните системи на хуманоидните роботи.

Големите претпријатија што работат со јазични модели ќе бидат охрабрени да развијат универзални мултимодални модели, компатибилни со хуманоидни роботи, според планот издаден од канцеларијата на водечкиот тим за висококвалитетен развој на производствената индустрија во Џеџијанг. Ова ќе го забрза развојот и ќе ги зајакне способностите како што се гласовна интеракција, логичко резонирање и планирање задачи.

Покрај тоа, ќе бидат поттикнати компаниите за хуманоидни роботи да развиваат специјализирани модели за контрола на движењето и координација на рамнотежата, со цел да се подобрат функциите на „малиот мозок“.

Исто така ќе бидат направени напори за промоција на иновативната интеграција на роботите со врвни технологии, како и за оптимизација на развојот на интелигентната пресметувачка моќ, меѓу другите цели.

Понатаму, според планот, провинцијата ќе го забрза преминот од лабораторија до фабрика и ќе формира кластер на претпријатија во секторот за хуманоидни роботи.