Посета на археолошкиот локалитет Лијангжу

  • УНЕСКО го опишува Лијангжу како „центар на моќ и верувања“. Официјално признаен како доказ за 5.000-годишната континуирана цивилизација на Кина, овој локалитет секојдневно го посетуваат многубројни домашни и странски туристи, возејќи се во мали отворени автобуси низ живописните оризови полиња што го опкружуваат локалитетот

Првпат откриени во 1936 година на долниот тек на најдолгата река во Кина, Јангце, урнатините Лијангжу добија статус на светско наследство во 2019 година. До денес се откриени повеќе од 350 локалитети на културата Лијангжу, сведочејќи за постоењето на кинеската цивилизација пред повеќе од 5.000 години. Група учесници на третиот форум „Лијангжу“, централен настан од областа на културното наследство што годинава се одржа во кинескиот град Хангџоу, го посетија археолошкиот локалитет и имаа можност да го искусат и ВР-проектот – визуелна патека што ја оживува цивилизацијата Лијангжу пред вашите очи. ВР-технологиите се користат во повеќето културни локалитети низ Кина, тие живописно го освежуваат историското сеќавање и се вистинска гордост на локалното население.
Инициран во 2023 година, форумот „Лијангжу“, коорганизиран од Министерството за култура и туризам, Националната управа за културно наследство и Народната влада на провинцијата Жеџијанг, годинава ги собра кинеските и странските археолози, културните експерти и уметници да се вклучат во размената на културни истражувања и да учествуваат во повеќе академски дискусии.


Археолошките остатоци Лијангжу се сместени на сливот на реката Јангце на југоисточниот брег на земјата. Датирани околу 3300-2300 г. пр. н.е., тие го откриваат раното регионално државно образование со единствен систем на верувања базиран на одгледувањето ориз како економска основа во периодот на доцниот неолит на Кина. Локалитетот се состои од четири области – област на локалитетот Јаошан, област на високата брана на долината, област на ниската брана на рамницата и област на градскиот локалитет.
Овие остатоци се извонреден пример на раната урбана цивилизација изразена преку споменици, урбанистичко планирање, систем за зачувување на водата и социјалната хиерархија, изразена преку различни форми на погребување, како и први докази за производството на свила.


На локалитетот може да се види како изгледал периферниот водоснабдувачки систем со сложени функции и остатоци од гробови (вклучувајќи жртвеник), артефакти од жад што го симболизираат системот на верувања, обезбедувајќи непроценливо сведоштво за концептите на културниот идентитет, социјалната и политичка организација и развојот на општеството и културата во доцниот неолит и раниот бронзен период во Кина и регионот. Археолошките остатоци ја илустрираат транзицијата од мали неолитски заедници кон голема интегрирана политичка единица со хиерархија, ритуали и занаети. Древниот град е опколен со ѕидови и опфаќа околу 280 хектари, вклучувајќи ја и главната палата, гробови, резиденциска област, тераси, антички речни канали… Надворешниот град се протега на 351 хектар и е дефиниран од 17 тераси.


Локацијата носи автентични историски информации за богатото културно наследство на цивилизацијата Лијангжу во периодот околу 3300-2300 година пр.н.е. и поради тоа археолошките остатоци имаат највисоко национално ниво на заштита како културен споменик обезбедено преку Законот на Народна Република Кина за заштита на културни споменици и Административните прописи на провинцијата Жеџијанг за заштита, уживајќи национален и провинциски статус за заштита. Формулирани се и посебни политики и регулативи за заштита на локалитетот, вклучувајќи и Конзервациски план за археолошкиот локалитет Лијангжу (2008-2025) како национално приоритетен заштитен локалитет со засилено набљудувањето на имотот и неговата околина.


УНЕСКО го опишува Лијангжу како „центар на моќ и верувања“. Официјално признаен како доказ за 5.000-годишната континуирана цивилизација на Кина, овој локалитет секојдневно го посетуваат многубројни домашни и странски туристи, возејќи се во мали отворени автобуси низ живописните оризови полиња што го опкружуваат локалитетот. Локалитетот официјално е отворен за јавноста во јули 2019 година и нуди уникатно искуство за подобро разбирање на културното богатство на регионот и на Кина воопшто.

Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина