Најголемиот дом за деца без родители во Судан, со вкупно 370 штитеници, беше зафатен среде најтешките оружени борби во главниот град Картум. Во два наврата беа организирани спасувачки акции, во тешки услови, за згрижување на штитениците на сиропиталиштето. Беа евакуирани над 250 деца, при што повеќето од нив сега се посвоени, благодарение на херојските напори на неколку доктори што беа задолжени за нивна грижа
Спасени над 250 деца од најголемото сиропиталиште во Судан
Во четвртата ноќ од војната, д-р Абер Абдула испрати очајничка молба за помош. Абдула ги помина изминатите денови и ноќи во трка да се погрижи за 370 деца во домот за деца без родители „Ал Мигома“, најголемиот дом за сираци во Судан, каде што таа е медицинска директорка. Домот беше зафатен среде некои од најтешките борби во главниот град Картум, откако ривалството меѓу двајцата најмоќни судански генерали прерасна во сеопфатно насилство.
Војната ја остави „Мигома“ без медицински сестри и со помалку од десетина вработени, кои требаше да се грижат за децата, од кои повеќето беа на возраст до една година. Абдула беше единствената лекарка.
Прекините на електрична енергија ја исклучија климатизацијата на сиропиталиштето. Експлозии ги потресоа ѕидовите. Преоптоварените негуватели се бореa да ги нахранат и да ги напојат со вода новороденчињата и другите штитеници на домот.
Таа четврта ноќ, Абдула скришум излезе од дворот на „Мигома“, држејќи го телефонот и молејќи се темнината да ја заштити од снајперистите поставени на блиските згради. Абдула тогаш напиша објава на Фејсбук со пораката „спасете ја Ал Мигома“.
Во текот на следните недели и месеци, пораката на Абдула поттикна извонредна мобилизација на група претежно судански цивили за да ги спасат сирачињата од „Мигома“. Напорите одведоа дел од децата и нивните старатели на опасна одисеја низ четири судански градови, долга над 1.500 километри, во потрага по безбедност, но секогаш свесни дека војната може повторно да ги стигне. Во одреден момент, некои од вооружените борци застанале кај сиропиталиштето за да помогнат. Во друга, вооружени лица од истата милиција ја ограбиле групата.
Војната во Судан ја создаде најголемата хуманитарна криза во светот. Според некои процени, околу 150.000 луѓе се убиени во борбите помеѓу суданската војска и паравоените сили за брза поддршка, кои станаа бунтовници, при што дојде и до колапс на здравствениот систем во државата. Повеќе од половина од 48-милионското население на Судан страда од кризни нивоа на глад, а четвртина од Суданците се раселени од своите домови.
Лекарите, хуманитарните работници и волонтерите што го координираа спасувањето во „Мигома“ работеле на голем личен ризик. Нивните напори да ги заштитат децата продолжуваат до денес.
Војната бргу стигнала до домот
Сиропиталиштето „Мигома“ е основано во 1961 година како дом за напуштени бебиња, при што стотици деца секоја година беа оставани во установата. Многумина од нив беа во лоша здравствена состојба. Во последниве години, непрофитната организација „Лекари без граници“ работеше на подобрување на хигиената, здравствената заштита и на исхраната во домот.
Абдула, која работи во „Мигома“ од 2021 година, рече дека ситуацијата во сиропиталиштето била стабилна во месеците пред војната. Домот имал своја амбуланта за болни деца. Соларни панели и генератор за итни случаи ги одржувале инкубаторите и другата медицинска опрема да работат при прекин на снабдувањето со електрична енергија. Секој од десетиците негуватели бил одговорен за пет-10 деца, при што месечно имало шест смртни случаи меѓу штитениците на домот. Сè се сменило на 15 април 2023 година.
Абдула се разбудила во својот семеен дом со звуци на експлозии, истрели и гранатирање. Во сиропиталиштето, постарите деца седеле стуткани по аглите, плачејќи додека одекнувале најгласните експлозии. Негувателите ги тргале креветчињата подалеку од прозорците за да ги заштитат бебињата од заталкани куршуми или од шрапнели. Персоналот останат од претходната смена бил загрижен за своите деца дома. Телефонските мрежи едвај функционирале.
Трка за спасување животи
Откако Абер Албдула ја објавила пораката на Фејсбук, д-р Абдула Кенани, хирург што претходно волонтирал во „Мигома“, застанал кај сиропиталиштето. Истата вечер Кенани објавил фотографија со едно од бебињата на Фејсбук, заедно со барање за волонтери да ја поддржат „Мигома“.
Од тој ден, Кенани го возел својот стар автомобил до сиропиталиштето наутро и се враќал дома навечер. Кога не можел да најде гориво за својот автомобил, тој доаѓал со велосипед. Кенани користел споредни патиштата за да ги избегне контролните пунктови поставени од РСФ, милицијата што тогаш контролирала голем дел од Картум.
Во текот на следните недели, уметници и познати личности ја споделиле неговата објава и пристигнале донации. Германска добротворна организација донирала 450 лименки со храна за бебиња. Локални групи донеле храна за постарите деца и персоналот. Жени од соседството и лекари и медицински сестри дошле да помогнат во грижа за бебињата. Сепак, бројот на смртни случаи растел. По девет дена од војната, животите ги загубиле 24 деца.
Абдула ги минувала деновите и ноќите на клиниката. Со траењето на војната, некои од доброволците лекари и медицински сестри побегнале во Картум. И семејството на Абдула се подготвувало да замине. Нејзините браќа и сестри ја молеле да им се придружи или барем да се врати дома на неколку дена одмор. Но Абдула знаела дека сите треба да заминат од домот, а до истиот заклучок дошле и другите вработени.
Планирање на акцијата за спасување
Осман Абу Фатима, судански службеник за заштита на деца за УНИЦЕФ со седиште во градот Омдурман, долго време работел на подобрување на условите во „Мигома“. Кога започнала војната, тој се трудел да ги одведе сопругата и четирите деца на безбедно. Но и „Мигома“ му била на ум. Со влошувањето на борбите, мислите на Абу Фатима се насочиле кон идејата за евакуација на „Мигома“. Тој разменил пораки со Марина Факури, координаторка за заштита на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кој работи на заштита на цивилите во конфликтните зони.
Персоналот на МКЦК бил преплавен со повици од луѓе што бараа да бидат евакуирани од Картум, но сирачињата во „Мигома“ имаа предност. Факури му рече на Абу Фатима дека МКЦК може да ги извлече од главниот град, сѐ додека УНИЦЕФ и владата најдат безбедно место за да ги примат децата и персоналот. Но постоеше проблем. За да ги преселат сирачињата, им требало писмо со барање за евакуација од суданското Министерство за здравство и социјална заштита, кое самото морало да се пресели од Картум поради војната. Тоа одобрување стигнало на 29 мај.
Претставниците на МКЦК обезбедиле безбеден премин од завојуваните РСФ и војската. Абу Фатима во УНИЦЕФ извршил притисок за реновирање на владината зграда во Вад Мадани, град на околу 120 милји југоисточно од Картум, кој бил предвиден како нов дом за децата.
Две евакуации во краток рок
На 7 јуни 2023 година, шест автобуси, четири автомобили на МКЦК и едно амбулантно возило застанале пред „Мигома“, додека негувателите подготвувале ручек за децата. Абдула знаела дека плановите за евакуација се во тек – но среде брзата подготовка, никој не ѝ кажал дека се предвидени за тој ден. Тие имале безбеден премин на само еден ден и морале брзо да заминат.
Било темно додека автобусите стигнале до Вад Мадани. Педесет и четири дена по почетокот на војната, 298 од 370-те деца на „Мигома“ излегле живи од домот. Дваесет и осум биле веднаш пренесени на Одделот за интензивна нега во блиската болница. Зградите на сиропиталиштето во Вад Мадани биле тесни, но Абдула, децата и негувателите се навикнале на новите услови. Околу 100 од сирачињата од „Мигома“ завршиле кај вдомители.
Тогаш почнала да кружи вест дека силите на РСФ ја нападнале периферијата на Вад Мадани. Два дена подоцна, Абдула слушнала експлозии и пукотници. Кенани, кој дотогаш бил во Етиопија со своето семејство, ја повикал Абдула да се заложи за нова евакуација. Тој направил нова серија објави на Фејсбук и интервјуа за медиумите и за неколку часа добил околу 600 повици и пораки.
Абу Фатима од УНИЦЕФ ги собрал колегите во неговата канцеларија во Порт Судан, новиот главен град на земјата, за да планираат нова евакуација. Овој пат МКЦК не можел да помогне. Биле потребни 12 дена за автобусите да пристигнат во Вад Мадани за да ги евакуираат 254-те сирачиња што останале, заедно со нивните старатели. Тие стигнале до Касала, град на источната граница на Судан со Еритреја. Абдула потоа се вратила во домот со важен документ, дозвола на нејзиниот татко да посвои едно од бебињата.
– Дури и да престане војната, тој ќе остане со мене засекогаш – вели Абдула по сите тешкотии низ кои помина за спас на децата од виорот на војната.
Кенани сега е во Саудиска Арабија, каде што не може да најде работа. Повеќето од спасените деца се посвоени, главно од семејства во Порт Судан. Сиропиталиштето повеќе не прима деца.